Советска крвава недела: Масакрот во Новочеркаск во 1962 година

Russia beyond; Archive photo
26 мртви, десетици ранети, 7 погубени и стотина осудени на робија – ова е билансот од протестот на невооружените работници во 1962 година во Новочеркаск, кој советската армија го задуши во крв. Овие настани беа скриени од јавноста со децении, сè до распадот на СССР.

Сергеј Сотников во 1962 година наполни 25 години. По седмото одделение се вработил како машински техничар во Новочеркаската фабрика за локомотиви. Татко му загинал во војната, а мајка му работела во болница како медицинска сестра. Сотников бил член на Комунистичката партија и вреден работник. Имал две ќеркички. Никогаш не бил осудуван. Бил сиромашен. Кога иследникот на КГБ подоцна се обидел да направи попис на имотот на семејството Сотникови, немал што да запише.

Влез во Новочеркаската фабрика за локомотиви.

Тој први јуни 1962 година Сотников бил меѓу работниците од неговата фабрика кои протестирале, барајќи работниците од другите фабрики да им се приклучат во штрајкот. По штрајкот во Новочеркаската фабрика за локомотиви седуммина работници беа осудени на смрт со стрелање. Сотников беше еден од нив.

Причини за штрајк

Фабриката за електрични локомотиви во Новочеркаск.

Економската и монетарната реформа што беше спроведена кон крајот на педесеттите и почетокот на шеесеттите години од минатиот век во времето на Никита Хрушчов имаше многу несакани ефекти. Посебно разорно дејство имаше деноминацијата на рубљата. Некои продукти, пред сè месото и млечните производи, поскапеа двојно, па дури и тројно. Ова беше голем удар за сиромашните слоеви на населението од СССР, особено за фабричките работници.

Новочеркаск во Ростовската област во царскиот период беше главен град на слободното козаштво, а во 1962 година ова беше еден од најсиромашните региони во земјата. Особено сиромашни беа работниците на Новочеркаската фабрика за локомотиви. Меѓу нив имаше доста поранешни робијаши кои се согласија да работат за мошне ниска плата. Овие тешки услови беа како барут кој секој час можеше да експлодира. И тоа се случи на почетокот на јуни 1962 година.

Фабричка сирена

Фабриката за електрични локомотиви во Новочеркаск.

Во раните утрински часови во петок на 1 јуни 1962 година работниците на фабриката за локомотиви дознаа дека повторно се покачила цената на млечните и на месните производи. А, претходниот ден случајно дознале дека фабричката норма им е покачена, а платата остана иста. Работниците од погонот за производство на челик во 7 часот и 30 минути ја запреа работата и се собраа за да ја разгледаат ситуацијата. За волја на вистината, зборот „разгледаат“ тука е премногу благ. Историчарот Владимир Козлов во книгата „Непознатиот СССР“ пишува дека работниците „можеле да бидат многу погруби одошто дури и КГБ можело да извести“, односно отворено ја проколнувале советската власт, партијата, па дури и самиот генерален секретар Хрушчов, а во тоа време ваквото нешто беше третирано како злосторство.

Штрајк

Набргу им се придружија и други работници. Штрајкот беше продолжен во паркот што е дел од фабриката. Пред штрајкувачите излезе директорот на фабриката Борис Курочкин за да им се обрати, но неговите навредливи зборови само уште повеќе ги налути работниците, така што директорот одвај им избега. До првата пауза во 11 часот на штрајкот му се приклучија над 200 работници.

Вјачеслав Черних (24) со уште 15 работници замина во диспечерската станица и ја вклучи фабричката сирена. Потоа со графичкиот дизајнер Коротеев напиша парола „Месо, млеко, повисоки плати!“ и го крена натписот високо на столбот во фабричкиот двор.

Во градовите како што е Новочеркаск фабричката сирена во невообичаено време означува вонредна ситуација во фабриката. Наскоро во фабричкиот круг се појавија дури и работници кои тогаш имале слободен ден. Некои од нив дома веќе се имаа напиено. Така започна вистински, неконтролиран бунт.

„Хрушчов во месен нарезок!“

Фотографии на стреланите

До пладне околу фабриката се собраа 5.000 бунтовници. Ја блокираа пругата за Ростов и го запреа патничкиот воз. Некој на локомотивата со креда напишал: „Хрушчов во месен нарезок!“ Настаните со голема брзина добија мошне мрачна димензија. „Месо, путер, поголеми плати“, скандираше толпата околу возот. Некои ја искористија локомотивата како трибина и држеа протесни говори. Некои говорници беа пијани, Според сè, мнозинството сепак веруваше дека власта ќе ги слушне нивните молби и апели. Но, имаше и очајни. Чистачката Марија Залетина, мајка на три деца чиј сопруг загинал во Големата татковинска војна, гласно викаше: „Тие се дебели свињи! Удри по комунистите!“

Во 16 часот претставниците на градските власти се собраа во управата на фабриката, а работниците се обидуваа да ја провалат вратата. Ја симнаа сликата на Хрушчов и ја изгазија. Локалниот партиски раководител Александар Басов се обиде да им се обрати на штрајкувачите преку разглас, но работниците го гаѓаа со камења. Беа повикани 200 локални полицајци. Мораа да се повлечат пред побројниот „противник“. Во 20 часот во фабричкиот круг влегоа војници и три оклопни транспортери, не да ги нападнат штрајкувачите, ами да им го одвлечат вниманието додека функционерите избегаат од фабричкиот круг. Меѓутоа, работниците не се исплашија. Останаа на место ноќе, правејќи барикади.

Масакр

Повторен погреб на ексхумираните посмртни останки на жртвите од новочеркаската трагедија од 1962 година, Мишкински гробишта.

Рано в зори на 2 јуни во Новочеркаск влегоа тенкови. Тоа ги исплаши и ги налути бунтовниците. Некои јуришаа на тенковите со чекани во рацете. Се зборуваше дека тенковите ги газеле луѓето. Во градот стаса највисокото партиско раководство од Москва. Преземени се мерки за вестите за штрајкот да не се прошират надвор од Новочеркаск.

На втори јуни штрајкот продолжи. Се приклучија и другите градски фабрики. Уште еден воз беше запрен. Напладне огромната толпа штрајкувачи тргна кон главната зграда на градската управа каде беа собрани партиските функционери. Луѓето носеа црвени советски знамиња и портретот на Ленин. Се појавија тенковите, но работниците успеаја да се пробијат.

Потоа продреа во зградата, ја демолираа и ги истепаа функционерите. Одненадеж пред толпата се појавија 50 војници со автомати. Нивниот старешина, генерал-мајор Иван Олешко, се обрати на толпата и на насобраните им нареди да си заминат, но неговите зборови предизвикаа само викотници и закани. Во еден момент толпата почна да станува погласна и бунтовниците тргнаа да ги напаѓаат војниците.

Повторен погреб на пронајдените и ексхумираните посмртни останки на жртвите од масакрот.

Кружат различни приказни за тоа што се случило потоа. Поголемиот дел извори велат дека војниците најпрво испукале два плотуна за предупредување, а потоа отвориле оган врз толпата. Петнаесетмина штрајкувачи се убиени на место. Останатите ги фатила паника и почнале да бегаат. Низ градот почнале да се шират гласови дека војниците пукале во невооружените советски работници. Според податоците на КГБ што го наведува историчарката Татјана Бочарова, тој ден биле убиени 26, а ранети 87 луѓе. Веднаш по пукањето на плоштадот стаса противпожарно возило и со шмркови ги измија сите траги од крв.

Телата на убиените луѓе истиот ден беа анонимно погребани на различни гробишта во Новочеркаск. Комунистичката влада никогаш официјални не го призна ова ужасно злосторство.

Убиствена тишина

Споменикот „Камен на крв“, Новочеркаск.

Нередите беа сопрени на 3 јуни. Само определени осамени бунтовници кои веќе трет ден не беа трезни талкаа по улиците додека милицијата и КГБ ги апсеа водачите на побуната. За два дна беа уапсени над 240 луѓе.

Спомен-плоча

Судскиот процес не беше достапен за јавноста. Во август 1962 година беа изречени строги пресуди. На 10-15 години робија беа осудени 105 лица. Седуммина беа осудени на смрт со стрелање. Сиве овие настани беа обелоденети дури кон крајот на осумдесеттите години од минатиот век. Тогаш веќе беше очигледно дека поголемиот дел документи, фотографии и аудиоснимки поврзани со масакрот се исчезнати или уништени. Во текот на деведесеттите години од минатиот век беа пронајдени местата каде се погребани некои убиени жители на Ново0черкаск, но поголемиот дел посмртни останки сè уште не се пронајдени. СССР направи сè за да се скрие и да се уништи сеќавањето на еден од најстрашните настани во мирнодопската историја на оваа држава.

Претседателот на Русија Владимир Путин положува цвеќе пред спомен-каменот на жртвите на настаните од 1962 година во престолнината на козаштвото. Новочеркаск, 1 февруари.

Ниту еден претставник на власта одговорен за убивањето на цивилите никогаш не е осуден.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња