Десет музички инструменти на малите народи на Русија

Борис Кауфман/Sputnik
Каков звук испушта „дрвото со врат на жерав“ и како изгледа кавкаската гајда.

Народите меѓусебно се разликуваат и по специфичната музика. Во Русија, освен Руси, живеат и многу други народи. Дали знаете на какви сé инструменти свират?

1. Јакутски хомус

Хомус е вид дромбула, инструмент кој во различни варијанти се среќава кај азиските народи. Јакутскиот хомус на почетокот го користеле само шаманите, а подоцна станал вообичаен музички инструмент. Тој е еден од културните симболи на Јакутија.

Се одликува со длабок „космички“ звук кој симулира различни природни звучни ефекти. Во Јакутск, главниот град на регионот, постои музеј на хомусот, единствен во светот, каде што се изложени повеќе од две илјади експонати. Покрај тоа, музичарите веруваат дека свирењето на инструменти како дромбула спасува од забоболка благодарение на посебниот акустичен ефект.

2. Ненејски вивко

Ненејските деца го нарекуваат ова копче на конче „вывко“. Иако понекогаш се чини дека тоа е само играчка, во прашање е вистински музички инструмент. Копчето се врти како пропелер и го репродуцира звукот на ветрот.

3. Нарс-јух на Хантите и Мансите

„Дрво што свири“, така во превод гласи името на овој инструмент од јазикот на Хантите. Кај нивните соседи Манси тоа се нарекува санквилтап. Во старо време, на него можеле да свират само мажите, но денес тоа го прават и мажите и жените и тоа го учат уште од рано детство. Според звукот инструментот потсетува на руски гусли, произведувајќи ги истите оние мелодии со кои се раскажува некоја стара бајка.

4. Чукотски јарар

Дајре има многу народи, се користи и како музичка придружба и за ритуални цели. Чукотското дајре „јарар“ го имаат многу семејства, а се разликуваат по големината и тонот на звукот. За разлика од другите видови дајре, јарарот има круг со дијаметар од 40 до 50 сантиметри, со потесен раб. Најчесто се прави од кожа на морж или елен. Јарарот обично нема украси во вид на ѕвончиња. За свирење на овој инструмент се користи дрвена палка.

5. Черкески пхачич

Черкеските народи на Кавказ имаат необичен инструмент наречен пхачич. Тоа е нешто како ѕвечалка, всушност неколку помали дрвени плочки поврзани една со друга. Служи за давање ритам. Денес може да се слушне во многу фолклорни ансамбли на Кавказот. Покрај тоа, тоа е многу популарен сувенир во Адигеја.

6. Осетински уадинѕ

Стар кавкаски кавал. Цевката има пет отвори со чија помош можат да се добијат звуци со различен тоналитет. 

7. Чувашки шапар

Вака изгледа чувашката верзија на гајдата која популарно се нарекува „меур“.

Шапар е главниот музички инструмент на Чувашите. Конструкцијата подразбира една цевка во која се вдувува воздух и две цевки со отвори за свирење. На овој инструмент порано свиреле само мажи.

8. Бурјатски сур

Автентичниот бурјатски дувачки инструмент сур (во оригинал „суур“) има шест отвори и наликува на флејта. Овој стар музички инструмент сè уште се користи во современата бурјатска музика. Звукот донекаде потсетува на ловечко свирче.

9. Карелиско кантеле

Кантелето е древен инструмент на угрофинските народи кој го користат Карелите и Вепсите во Русија, како и Финците во Финска. Во суштина е сличен на руските гусли, но има помалку жици, од пет до шеснаесет. Денес на овој инструмент се изведува и класична и народна музика.

10. Тор-сапл-јух или санквилтап

Хантите, Мансите и Селкупите имаат инструмент кој би можел да се опише како аглеста харфа. А називот отприлика би можел да се преведе како „дрво со врат на жерав“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња