Кои музички инструменти ги свиреле руските цареви?

Russia Beyond (Public Domain, Музеј на Татковинската војна 1812, Metropolitan Museum of Art, Шереметјевски дворец – Музеј на музиката)
Музичките инструменти на руските цареви понекогаш биле мошне необични. Петар Велики ја криел својата страст кон тапаните, а Николај Први го поттикнал својот внук да свири на труба.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
  • Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!

Иван Грозни во младоста на гозбите свирел со лакрдијашите кои биле повикани на неговиот двор. Лакдријашите свиреле фрули, флаути, домри, виолини, вергли и гусли, а нивните претстави често содржеле елементи на руски пагански обичаи. Но, ваквата музика пред рускиот цар би била недолична, па затоа на официјалните приеми на рускиот двор биле изведувани само свечени руски православни химни. И тоа бил единствениот вид музика за која Православната црква им давала благослов на царевите.

Претставниците на руското православно свештенство и писателите на духовна литература се противеле на старите пагански обичаи и за лакрдијашките песни велеле дека се „ѓаволски“ и „сатански“. Поради тоа царот Иван се интересирал за религиозните песни. Учествувал во црковните богослужби, пеел во хор и знаел да составува како текстови за химни, така и мелодии за нив. Истото може да се каже и за првите тројца цареви од династијата Романови, од Михаил Фјодорович до Фјодор Алексеевич. Петар Велики е првиот кој покрај верските песни свирел и световни мелодии на музички инструменти,

Петар Велики – пеење и тапани!

Тапан со палки. Русија, втора половина на 18 век. Месинг, дрво, кожа, гајтани, жиг на метал.

Царот Петар од најраното детство меѓу играчките имал воени тапани. Меѓутоа, и него по традиција го учеле да пее во црква. Подоцна Петар во голема мера ги ограничил привилегиите на Руската православна црква и, инаку, ги презирал старите руски обичаи, но со задоволство во храм за време на богослужбите пеел, и овој факт повеќе пати го споменувале различни негови современици. Грофот Хенинг фон Басевиц има напишано дека царот сакал да пее бас и дека имал „силен глас и одличен музички слух“. Понекогаш Петар дури и раководел со хорот, како на пример на свадбата на својата внука Екатерина Ивановна во Данциг во 1716 година кога „Петар... често преминуваше од едно место на друго и самиот им покажуваше на пејачите во Псалтирот што треба да пеат“, како што сведочи барон Ајхолц, воен советник на сопругот на Екатерина Ивановна Карл Леополд, војводата од Мекелнбург Шверин.

Тапан на Царската гарда на Преображенскиот полк, 1708 година.

Петар знаел да чита ноти и добро ги паметел, што, секако, му помогнало да научи да свири на тапани од раното детство. Во редовите на своите „потешни“ полкови (војска за игра и забава) Петар се водел како прв воен тапанар, меѓу другото и за да го всади чувството на почитување дури и кон најниските чинови во војската. Од друга страна, Петар ги сакал гласните звуци и помпата со кои се изведувале воените маршеви. Со текот на времето научил да свири и тапани. Свирел на нив на многу свечености, на свадбите на своите пријатели и на воени паради. Покрај тоа, бил виден како свири гајда и обоа, што значи дека големиот руски цар бил вистински музичар.

Елизавета Петровна – пеење

Портрет на царицата Елизавета Петровна, 1743 година, Иван Вишњаков.

Малку е познато дека руската царица Елизавета од својот татко го има наследено талентот и љубовта кон пеењето. Јулија Демиденко, истражувач од Рускиот музеј во Санкт Петербург, во 2018 година има пронајдено ноти кои императорката Елизавета најверојатно ги користела за пеење.

Во 14 тома ракопис во сребрена подврска напишани се ноти за концерт од 16 гласа што ги има составено Герасим Завадовски, регент на Хорот на Александро-Невската лавра. Еден од томовите што содржи партија со сопран е украсен со воден жиг „Прстенувањето на Девица Марија“ со што симболично се истакнувало дека со Русија управува жена. Јулија Демиденко претпоставува дека тоа е партија што ја пеела лично Елизавета. Во едно од своите писма императорката за себе вели дека е „прв поец дискант“.

Петар Трети - виолина

Портрет на Петар Трети, 1761 година

Императорот Петар Трети, несреќниот сопруг на Екатерина Велика, владеел со Русија само шест месеци и практично воопшто не влијаел на руската политика, но современиците паметеле дека тој секогаш имал време за виолина. Екатерина, којашто не сакала музика, многу ја лутела оваа страст на нејзиниот сопруг кон музичкиот инструмент. „Тој не знаеше ниту една нота, но имаше одличен слух, и за него убавината на музиката беше во силата и во страста“, има напишано таа. Петар Трети имал колекција извонредни скапи виолини. Судејќи според сѐ, музиката била една од неговите малобројни страсти, за разлика од жените или од политиката.

Павел Први – чембало

Клавир „Цумпе“

Синот на Петар и на Екатерина, императорот Павел Први, роден е веќе во време кога свирењето на инструмент било задолжително за благородништвото, уште повеќе за членовите на царското семејство. На Павел и на неговата сопруга Марија Фјодоровна часови за музика им давал Џовани Паизијело, најпопуларниот оперски композитор од крајот на 18 век, чиј стил влијаел на Моцарт и на Росини. Паизијело во Санкт Петербург го повикала Екатерина Велика во 1776 година и тој таму служел како дворски композитор до 1784 година. За тоа време давал часови на великиот кнез и на великата кнегиња.

Павел вешто свирел на чембало, а неговата сопруга била добра пијанистка. Тие сакале и современа музика. Кога во 1782 година Павел и Марија Фјодоровна ја посетиле Виена на повик на императорот на Светото Римско Царство Јосиф Втори, таму биле сведоци на голем дуел на чембало помеѓу Волфганг Моцарт и Муцио Клементи, технички најискусните музичари на своето време.

Александар Први – виолина

Виолина, 1798 година, Јоханес Теодорус Киперс (Johannes Theodorus Cuypers)

На почетокот на 19 век сите членови на руското царско семејство имале часови по музика како задолжителен предмет. Александар први учел да свири клавир и виолина. Неговиот учител Антон Фердинанд Тиц бил ученик на прочуениот композитор Кристоф Вилбад Глук. Познато е дека Александар Први свирел во кругот на своите блиски пријатели. За разлика од времето на Петар Велики, на почетокот од 19 век се сметало дека на императорот не му доликува јавното музицирање зашто неговиот статус бил премногу висок за такво нешто.

Николај Први – труби

Корнет, 1833 година

Како што Александар учел да свири на виолина, така синот на Пвел и следниот руски император Николај Први учел да свири на дувачки инструменти. Николај бил крупен и имал голем капацитет на белите дробови, така што без проблем свирел флаута, француски рог и корнет, иако сите овие инструменти за него биле „труби“.

Историчарот Игор Зимин пишува дека записите за личните императорски фондови во текот на триесеттите години од 19 век покажуваат дека се правеле големи трошоци за чистење и за поправка на неговите музички инструменти и за купување нови во Европа. Императорот на почетокот многу свирел, но бројот на концертите се намалил подоцна, во текот на четириесеттите и на педесеттите години од минатиот век, кога станал постар.

Александар Трети – труби

Царское Село, 1872 година. Стојат (од лево надесно, трет) принцот Александар Александрович.

Не постојат многу податоци за музичкиот вкус на Александар Втори, синот на Николај Први, освен дека тој и неговата сопруга Марија Александровна свиреле клавир. Но, затоа нивниот син, идниот Александар Трети, од раното детство покажувал интерес за музика. Уште во 1847 година, кога великиот кнез само што наполнил две години, замолил еден од своите учители да му донесе труба. Воспитувачот добил две детски труби, една за Александар и една за неговиот помлад брат Владимир. Децата „не ги испуштале од рацете и од устата своите труби од утро до мрак“, така што на членовите на семејството им се смачило.

Александар сакал да свири на труба и подоцна кога пораснал. Најпрво учел да свири клавир, но воопшто не се трудел на часовите, па се откажал. А, кога на 15 години започнал да зема часови по труба не испуштал ниту еден час и често вежбал сам. Внукот на Николај Први, Александар, очигледно сакал да свири на труба како и неговиот познат дедо. И веројатно дури и гледал како Николај свирел на приватните забави. И покрај гломазниот и груб изглед Александар бил страстен љубител на музиката и музичар. Секогаш гледал инструментот да му биде во близина. Во својот двор во Гатчина во кабинетот имал француски рог, а во собата за преслекување две труби. Најверојатно Александар сакал опуштено да свири сам, за свое задоволство. Тој во 1872 година дури основал и „Друштво на љубители на дувачка музика“ и девет месеци по ред (пред да стане император во 1881 година) редовно вежбал со своите колеги музичари. Репертоарот воопшто не бил аматерски – свиреле Бетовен, Шуман, Вагнер итн.

Императорката Александра Фјодоровна – клавир

Александра Фјодоровна.

Царот Николај Втори, за разлика од својот татко, не бил страстен музичар. Научил да свири на клавир, но ретко свирел. Од друга страна, неговата сопруга, императорката Александра Фјодоровна, била искусна пијанистка. По 1905 година земала часови по клавир и по пеење. Царот Николај не одел на тие часови, но понекогаш се појавувал во нејзините одаи за да слушне како Александра и нејзината дворска дама Ана Вирубова свират симфонии на Петар Чајковски, композиторот кој бил мошне ценет во царското семејство.

Виолончелото на царот Николај Втори, 1898 година, Алберт Жако

Иако по потекло била Германка, царицата Александра многу ја засакала балалајката, исконско руски инструмент. Не можела да научи да свири на неа зашто не било многу умесно, со оглед на тоа што балалајката се сметала за „селски“ инструмент кој не доликува на личност од царски род. Дури и кога сакала само да слуша балалајка, морала тоа да го прави на царската јахта.

Принцот Алексеј, последниот наследник – балалајка

Принцот Алексеј свири на балалајка, јахта „Штандардт“, јуни 1907 година.

Принцот Алексеј, наследникот на рускиот престол, најмногу на светот ја сакал балалајката. Започнал да свири на овој инструмент кога имал само три години. Кога наполнил 12 години добил серија професионални часови по свирење на балалајка. Купил две балалајки за своите пријатели од детството, питомците на воената школа Агаев и Макаров. Принцот платил за овие инструменти со свои лични пари за да може да свири заедно со пријателите. Кога царското семејство по Револуцијата било протерано, Алексеј во Тобољск ги зел и двете балалајки. Дури и во текот на последните месеци од својот живот, во тешки животни услови, лишен од вообичаениот начин на живот и од сите титули, наследникот на рускиот престол со задоволство свирел на својот омилен инструмент.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња