Дигитални пиксели во комбинација со руски народни ракотворби (ФОТОГРАФИИ)

Дмитриј Ламонов
Дмитриј Ламонов создава според мотивите на руската култура, користејќи орнаменти, „вјаз“ (кирилична калиграфија) и народни ракотворби. Како сето тоа се вклопува во современата дигитална уметност?

Дмитриј уште како дете бил фасциниран од руското народно ракотворење додека го гледал неговиот татко како слика мали црни кутии со шари со растителни мотиви, пејзажи и сцени од историски настани. Во Русија имало само три школи за лакирано минијатурно сликарство, а неговиот татко припаѓал на онаа од селото Холуј во Ивановската област.

Тој и самиот напредуваше во таа насока и сега црта користејќи руски народни орнаменти и калиграфија. Во неговите дела руските стилови гжељ, хохлома и вјаз попримаат современа „димензија“ во вид на пиксели.

Пиксел арт е вид компјутерска графика. Станува збор за уметнички дела на кои јасно се гледаат одделни пиксели, еден вид „Мајнкрафт“ во светот на ликовната уметност. Визуелниот стил на Ламонов е комбинација на пикселна уметност и народно ракотворење. Дмитриј го доживува тоа како нова интерпретација на старата традиција.

„Секој мајстор што ќе ги види моите дела ќе каже дека тие немаат никаква врска со вистинското народно ракотворење и ќе биде во право“, констатира Ламонов. „Јас не сакав да го преземам народното ракотворење во неговата оригинална форма, туку само да создадам визуелен впечаток на народна декоративна уметност. Во мој стил таа е толкувана низ призмата на дигитализацијата“.

Дмитриј почнал да експериментира со дигитална уметност уште во 2008 година, кога студирал географија. Тогаш од пријател добил пиратски диск со програмата Photoshop. „Дома го инсталирав на компјутерот и почнав да истражувам. Се фотографирав самиот себе на различни места во собата, а потоа ги комбинирав тие фотографии како да сум присутен во пет примероци. Сето тоа ми се допадна, па решив да продолжам да се занимавам со тоа и во иднина“, раскажува тој.

Неколку години подоцна, Ламонов се преселил од родниот Санкт Петербург во Москва и се запишал на факултет, насока графички дизајн, по што работел на струката во московско студио за дизајн.

Долго време со задоволство се занимавал со смислување логоа, но не му било многу интересно да користи готови фонтови. Сакал самиот да дизајнира свои фонтови, па го свртел вниманието кон калиграфијата и се запишал во калиграфска школа.

„Тогаш особено ми се допадна рускиот „вјаз“, многу е елегантен и погоден за декорација“, вели Дмитриј.

Благодарение на калиграфијата, исчекорил од рамките на дигиталната креативност и почнал да создава на физичка подлога, т.е. на платно, ѕидови од бетон и тула, на напуштени цистерни итн.

Како што вели, извесен период се занимавал со „партизанска“ улична уметност. Но, работите кои не се координирани со локалните власти не можат да имаат поголеми размери, бидејќи за тоа е потребно многу време. „Само во склоп на усогласени проекти постои можност да се прават големи проекти. Затоа таа илегална улична уметност не ми е толку блиска како јавната улична уметност, каде што сé е направено легално и за гледачите“, објаснува Ламонов.

Така, на пример, со дозвола на градските власти во Иркутск наслика станбена зграда висока 15 метри.

А во Екатеринбург направи уметнички објект од напуштени цистерни долги седум метри. „Работев 13 дена. Тоа беше еден од најкомплицираните проекти во мојата креативна практика“, изјави тој подоцна.

Во обид со „мимикрија“ да се стопи со народните орнаменти, Ламонов ја проучувал техниката на еднопотезно сликање во две бои и ја посетил познатата Жостовска фабрика за декоративно сликање. После тоа, со своја техника им насликал послужавник, кој сега се чува во музејот на оваа фабрика.

Меѓу другото, неговиот стил им е привлечен и на луѓето кои стојат зад комерцијалните проекти. Со Дмитриј веќе контактирале производители на луксузни тапети и облека.

„Мене ми е важно гледачот да го види тоа што го правам, па затоа се трудам да опфатам колку што е можно повеќе видови подлоги“, вели тој. Неговиот „розов“ сон е да наслика вселенски брод. И подготвен е претходно малку да се вежба на обичен авион.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња