Кои се староруските сирени - Сирин, Алконост и Гамајун?

Култура
ЕКАТЕРИНА СИНЕЉШЧИКОВА
Зошто средбата со Сирин носела несреќа? Зошто жените-птици биле прикажани со голи гради? Ова се суштествата од средновековните легенди кои понекогаш се нарекуваат руски сирени.

Во староруското паганство ликот на жената-птица потекнувал од далечното минато и имал неколку варијанти. Некои сметале дека средбата со тие суштества е голема среќа, додека други верувале дека по таква средба неизбежно ќе им се случи нешто лошо. Сирин, Алконост и Гамајун се имињата што овие суштества ги носеле во словенската митологија. Сите изгледаат како птици со женски лица, но имаат различни улоги. По што се разликуваат?

Според преданието, Сирин и Алконост се птици од рајската градина Ириј, каде што живееле највисоките богови. Тие можат да се движат меѓу световите и затоа понекогаш се појавуваат во земниот свет. И двете имаат занесни гласови со кои може да го маѓепсаат човека, па дури и да му го заматат умот.

За Словените, Сирин и Алконост биле инкарнација на богот Велес, вториот по моќ во словенскиот пантеон на божества. Со текот на времето Сирин станала олицетворение на темната страна на божеството, а Алконост на светлата. Затоа Сирин и Алконост често се прикажуваат заедно како неразделни птици на тагата и радоста.

Овие две птици се разликувале и по изглед: Алконост често се прикажува со женски раце (до половината е жена, но со птичји крилја и птичји нозе); додека Сирин била прикажувана како птица само со женско лице.

Се сметало дека и нивната песна се разликува. Додека песната на Алконоста не нанесувала никаква штета и дарувала радост, песната на Сирин понекогаш можела да биде фатална за човекот. Слушајќи го нејзиниот глас, човекот заборава на сè на светот и ја губи сопствената волја, паѓа во транс и може да прејде во другиот свет, односно да го изгуби умот или да умре. Поради таа причина во народните верувања се вели дека Сирин се плаши од гласни звуци, па за да ја исплашат, луѓето удирале во ѕвона и трубеле.

Истражувачите сметаат дека прототипот на Сирин е сирена од старогрчката митологија, бидејќи нејзиниот опис многу наликува на однесувањето на суштествата кои ги одвлекуваат морнарите во смрт. Но, со доаѓањето на христијанството, паганскиот лик се здобил со смисла која повеќе одговарала на новата религиозна парадигма.

Зачувани се помал број прикази на рајската птица со голи гради. Ваквите прикази се сметаат за поархаични, поврзани со ерата кога бил широко распространет анимизмот, обожувањето на силите на природата. Во таква форма битието се доживувало како женски принцип и отелотворение на хранителката на целиот човечки род. Меѓутоа, старогрчкото влијание со текот на времето ја трансформирало оваа претстава.

Што се однесува до Алконост, во нејзиниот лик може да се забележи влијанието на уште еден грчки мит - митот за Алкиона. Според овој мит, мажот на Алкиона умира во бура, а таа, луда од тага, се фрла во морето. Но, боговите се сожалуваат и ја претвораат во птица. Името Алконост се објаснува со грешка во преводот на легендата за Алкиона.

Ликовите на магичната жена-птица биле популарни во народната уметност. Нејзиниот приказ може да се сретне на сите предмети од секојдневниот живот - од сандаци до потковици и санки. Меѓутоа, во овој контекст жените-птици обезбедувале заштита од несреќа.

Сирин и Алконост се многу слични на уште една рајска птица - Гамајун. Во Русија ја нарекувале мудра птица и ја сметале за гласник на боговите. Луѓето верувале дека Гамајун го знае минатото и иднината, но нејзините предвидувања можеле да ги разберат само оние кои го разбирале нејзиниот птичји глас. Во секој случај, Словените верувале дека самиот глас на Гамајун е веќе добар знак.

Изворите за нејзиниот лик може да се најдат во иранскиот фолклор, имено во митската птица Хумај.

Релативно модерен приказ на Гамајун дава сликата на Виктор Васнецов „Гамајун, птицата мудра “ од 1897 година, на која уметникот прикажал птица со црни крила со жално женско лице со детски црти, „лишена од секаква величественост“.