Во Русија снимена дипфејк серија со Кијану Ривс, Џејсон Стејтам и Марго Роби (ФОТО)

Култура
RUSSIA BEYOND
Мини веб-серијалот зборува за животот на Џејсон Стејтам во Русија кај кого на гости му доаѓаат пријатели од Холивуд и го затекнуваат во необично опкружување.

Во тек е 2027 година. По пет години снимање во Русија Стејтам останува во земјата и сега живее во едно село. По повод својот 60-ти роденден тој организира ручек во својата куќа на кој ги кани холивудските пријатели: Кијану Ривс, Марго Роби и Роберт Патисон. Прв му доаѓа Кијану со багажник полн со оружје. Каква тајна крие неговиот стар пријател?

Така започнува ироничниот „ПМЖејсон“ - пародиска веб-серија снимена во Русија со помош на дипфејк технологија. Во неа Стејтам со Кијану пече раженчиња на село, Марго Роби се ценка додека купува руска „Лада“, а сите се обидуваат да се навикнат на спецификите на рускиот менталитет.

Серијата има 10 епизоди од кои секоја трае помалку од пет минути. Веќе можете да ја погледнете на „Јутјуб“.

Серијата ја сними Agenda Media Group за три месеци, и како што објаснува директорот за продукција на компанијата Марија Артјомова, не било едноставно. „На пример, дипфејк снимките не овозможуваат користење на крупен план, постојат одредени услови кои се однесуваат на светлината, оптиката и камерите, како и на положбата на актерите во кадарот“, вели таа, додавајќи дека постојат ограничувања дури и во поглед на амплитудата на движењата на актерите.

Но, според директорот на Agenda Media Group Алексеј Парфунов, не постојат законски ограничувања за користење на ликовите на актерите за креирање пародиска содржина, „ако содржината не ги нарушува угледот, достоинството и деловната репутација на лицето“.

Во секој случај, одлуката за објавување на содржина во овој случај ја носи модераторот на платформата, велат авторите на серијата. Што мислат за тоа Стејтам и неговите „пријатели“ во моментов не е познато.