Станбените згради во Русија и другите постсоветски земји најчесто беа правени од обични бетонски панели. Тоа беа сиви и на прв поглед депресивни згради, но на свој начин и интимни и предизвикуваат носталгија.
Дали би сакале во вашиот дом да имате делче советска станбена населба? Погледнете ги овие необични руски сувенири.
„Панелната уметност“ најмногу е популаризирана од Никита Анохин, дизајнер од Санкт Петербург. Тој стана познат низ целата земја по рачно изработените ноќни ламби во вид на панелни згради. Неговата колекција моментално се состои од четирикатна „хрушчовка“ и осумкатна „брежневка“ во различни серии и модификации. Ноќните ламби се направени од бетон, иверка и пластика. Ако погледнете повнимателно, во нив ќе видите и сцени од секојдневниот живот, леи со цвеќиња и, се разбира, мачки. Кога нарачувате таков сувенир, можете да побарате од уметникот да „стави“ на прозорецот и некој член на вашето семејство.
Идејата на Анохин инспирираше други луѓе кои сега на руските социјални мрежи ги покажуваат своите рачни работи во вид на „панелни“ ламби.
Друг сувенир на Анохин се неговите бетонски саксии за цвеќе. Се прават во две варијанти. „Тркалезниот мравјалник“ наликува на легендарната тркалезна зграда на улицата „Нежинскаја“ во Москва.
А квадратната саксија е копија на панелната зграда означена со „1-335“, една од првите згради кои популарно беа наречени „хрушчовки“.
Тоа се „хрушчовки“ во кои можете да ги чувате вашите скапоцености, или да ги користите за канцелариски прибор и други ситници. Ваков бетонски орман со капак може да го украси секој ентериер.
Новогодишни украси во советски стил. Московскиот уметник Александар Долгих е основач на онлајн-продавницата за необични работи „МАСТ“. Во неа можете да најдете секакви предмети со постсоветски алузии, од беџови со армирана бетонска ограда ПО-2 до месингани приврзоци со приказ на запуштени детски игралишта. Снежните топки со панелни згради се симпатичен зимски сувенир. Кога нарачувате, можете да го изберете името на градот кое ќе биде впишано.
Московјанката Катја Снеп изработува накит под брендот Kate Snap кој асоцира на архитектурата и дизајнот од советскиот период. Првенствено користи сребро со ниела. Нејзината колекција содржи прстени со „Сталиновите облакодери“ (наречени и „седум сестри“), прстени со портрет на Ленин и приврзоци во вид на бариера. На љубителите на панелната архитектура веројатно ќе им се допаднат обетките и прстените со форма на панелни згради. Обетките се асиметрични: едната има прозорец со балкон, а другата само прозорец. На прстенот по желба може да се додаде гравура.
Аромата може да послужи како временска машина и да ве потсети на едно одамна поминато време, нели? Арина е московски стилист, се занимава со создавање авангардни ароми под брендот Lilla Katten Parfum. Еве како таа го опишува „мирисот“ на панелна зграда: „Бетонски ѕидови. Црни, врели, засладен чај од мензата. Грицната корка свеж топол леб. Катче со икони и пред него место каде баба се моли за вашето здравје и благосостојба. Кутиче во кое мама го чува својот накит и ѓердан со килибарни мониста што ѝ е особено драг. И детски прстиња извалкани со мастило од пенкало... Што би дале за да се вратите на вашето безгрижно детство, макар и за момент?
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче