Од секаде по нешто
Матрјошката е дрвена кукла што се отвора, а во неа се кријат уште неколку нејзини „ќерки“. Називот е добиен од деминутивот на женското име Матрјона, кое било популарно во 19 век. Името уште има значење и на „угледна дама“, „мајка“, „мајчица“.
„Русите ја доживуваат матрјошката, односно Матрјона, како олицетворение на женското здравје, на плодноста на исклучителниот женски карактер, како симбол на семејството“, објаснува Елена Титова, директор на Серускиот музеј на декоративна применета уметност.
Ликот на крупна и среќна жена, како што е оној на матрјошката, не е изум кој им припаѓа само на руските мајстори. Во сите времиња и во сите култури овој лик се користел како симбол на плодноста. Доволно е да се сетите на дрвените уметнички дела, „палеолитските венери“ чии статуи археолозите ги имаат најдено на територијата на многу европски земји, како и кинеските, јапонските и индиските играчки што се прават на сличен начин.
Според една од верзиите, роднина на руската матрјошка е куклата што се ниша, а која била олицетворение на будистичкиот монах Болидарма, кој е еден од главните проповедници на древното учење и основач на манастирот Шаолин. Јапонската варијанта на името на овој мудрец е Дарума. Така е и наречена куклата направена од папје-маше, а која се спротивставува на Земјината тежа. Сличност со матрјошката ѝ се препишува и на јапонската кула кокеши која се прави во облик на девојче со мали деца и служи како амајлија, но оваа играчка е поумесно да се спореди со руските кукли од слама што ги поседувала секоја селска куќа.
Најголема шанса за титулата „постар брат“ на матрјошката има јапонскиот старец Фукуруму. Во дрвената скулптура на богот на мудроста се вметнати уште шест фигури, насликани така што изгледаат како негови „роднини“ или како други помали јапонски богови.
Ветар од истокот
Постои мислење дека прототипот на матрјошката бил донесен во Русија од Јапонија во 19 век од жената на познатиот мецена Сава Мамонтов. Во втората половина на 19 век во Русија постоела мода на сè што е источно: облека, гравури, статуетки. Дури и императорот Николај Втори во џебот носел нецуке како амајлија. А, што да се каже за уметничките души! Според една легенда, маѓепсан од механизмот на расклопливата кукла, Мамонтов го замолил уметникот Сергеј Маљутин да направи нешто слично. Но, според Елена Титова, митот е мит и не треба да се тврди дека руската матрјошка била „копирана“ од некој конкретен побратим. „Матрјошката се има појавено како резултат на уметнички проект во епохата арт нуво, со кој се предвидувало користење на источните традиции. Влијанието на уметноста на Истокот, безусловно, е огромно, но тоа имало широк карактер“, вели Титова.
По животните патишта
Како и да е, првата руска матрјошка се појавила кон крајот на деведесеттите години од 19 век во ателјето „Детско воспитување“ во Москва. Нејзини творци се стругарот Василиј Звјоздочкин и сликарот Сергеј Маљутин. Играчката во 1900 година била изложена како експонат на Светската изложба во Париз. Прогласена е за најдобра играчка на расклопување како во воспитна смисла, така и според техничкото решение, и предизвикала бура од воодушевување кај публиката. Наградена е со бронзен медал.
Тогаш започнал и триумфалниот марш на матрјошката по патиштата на руската историја.
До почетокот на триесеттите години од минатиот век насликаните играчки главно биле авторски дела. Дрвени фигури не сликале само применетите уметници, туку и претставници на руската авангарда, приврзаниците на неорускиот стил. Од средината на триесеттите години од минатиот век започнува фабричкото производство на матрјошката, благодарение на што оваа кукла го добива статусот на најважен сувенир во земјата.
Во деведесеттите години од минатиот век во Русија матрјошката стана своевидно платно на кое свој печат оставаа различни уметници. Сите странски туристи што ја посетуваа Русија во тоа време се сеќаваат на тезгите на Арбат преполни со сувенири, меѓу кои беа и шарените низи матрјошки со ликови на политичари, естрадни ѕвезди и глумци, понекогаш во карикатурен жанр. Матрјошката има издржано илјадници експерименти со најразлични бои, облици и големини. Рекордниот примерок има 80 елементи.
„Матрјошката во годините по своето настанување има доживеано многу измени, и сето тоа се случувало во тешките револуционерни времиња на првиот квартал од 20 век. Со текот на времето таа станала клучен елемент на народните занаети“, вели Титова. „Таа е барана и како детска играчка, и како подарок, а притоа останала симбол на семејството“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче