Кои се креаторите на бајката на сцената на Мариинскиот театар (ФОТОГРАФИИ)

Михаил Виљчук
Костимите, реквизитите и декорациите на Мариинскиот театар, еден од најпознатите театри во Русија, се прават во самиот театар. Тоа е традиција што трае речиси 150 години.

Петнаесетина минути пред почетокот на претставата на историската сцена на Мариинскиот театар, во тесниот коридор пред шминкерницата се работи забрзано. Мајсторите со брзи и извежбани движења ги шминкаат изведувачите. Нивните колеги, задолжени за костимите, со помош на тетратка за скици проверуваат дали костимот е подготвен за следната сцена.

На третото ѕвоно изведувачите излегуваат на сцената. Завесата е спуштена додека оркестарот ја интонира увертирата. Уметниците на мимичкиот ансамбл се загреваат, а солистите ги заземаат своите места. Околу изведувачите се крева магла од машината за специјални ефекти.

Јубилејната 240-та сезона ја отвора операта „Италијанка во Алжир“ на Џоакино Росини. Салата е преполна бидејќи со оркестарот диригира маестро Валериј Гергиев, уметнички раководител на Мариинскиот театарот. Завесата се крева со бурен аплауз и претставата започнува.

Историската сцена на Мариинскиот театар отсекогаш била и останува култно место за жителите и гостите на Петербург. Посебно е ценет затоа што го воведува гледачот во атмосферата на поранешниот императорски театар и му овозможува неколку часа да биде „претопен“ во неповторливата атмосфера на уметничкото дело.

За тој магичен ефект е задолжен оркестарот, оперската и балетската трупа, како и многубројните работилници врз основа на кои во 1998 година е основан уметничко-производствениот комбинат на Мариинскиот театар. Тоа е најголемото претпријатие во Русија и Европа кое се занимава со материјално обликување на сценскиот дизајн на театарски претстави, т.е. со изработка на костими, реквизити, декорации и сл. Патем, уметничките ателјеа при дирекцијата на Императорските театри се основани уште во 1874 година со указ на императорот Александар II.

Комбинатот на Мариинка опслужува пет сцени во три града. Три сцени се во Петербург (историската и новата, како и концертната сала), четвртата филијала е во Владивосток, а петтата е во Владикавказ (руската република Северна Осетија).

Како се шијат костимите?

Полниот циклус на производството на костими опфаќа изработка на 400 костими секој месец, независно од тоа колку се изискувачки, од фустани од крут тул за балерините до ултрамодерни кожени јакни кои се користат во современите претстави.

Процесот започнува со подготвување на ткаенината.

Таа се бои и рачно слика со помош на шаблон според костимографските скици.

Потоа материјалот се испраќа во кројачката работилница (има посебна работилница за женски костими, а посебна за машка).

Тука се шијат индивидуалните костими, за конкретен изведувач, и  се земаат предвид многу нијанси.

На пример, кога се шие балетски фустан, се користи тул со различен квалитет: дното е помеко за да не ги гребе бутините на балерината, а надворешниот дел е крут. 

Во секој фустан се вметнува метален обрач дизајниран да му обезбеди еластичност на здолништето. Се произведува во фабрика за часовници.

„Со текот на времето, балетските фустани се абат и изгледаат како уморни печурки. Затоа ги менуваме слоевите кои се деформирани од носењето и термичката обработка. Тоа не е скапо, а балетскиот фустан така може да служи цела сезона“, раскажува технологот Марија. Кога сезоната ќе заврши, костимите се праќаат во работилницата на хемиско чистење и бојадисување за да се освежи нивниот изглед.

И покрај модерната опрема, мајсторите претпочитаат да извршуваат одредени работи на стари машини од XIX век, на кои се шиеле костими уште во царско време.

Освен костими, во ателјеата се изработуваат и капи, чевли и реквизити од вештачка и природна коса, т.е. перики, пунџи, вештачки мустаќи и бради.

Театарот има сопствена работилница за хемиско чистење на облеката и реквизитите.

Како се прават декорациите?

Во театарскиот комбинат се произведуваат и голем број декорации. Станува збор за цели работилници за изработка на кулиси, театарски реквизити и сценски мебел. Театарот има четири сали за сликање и во нив работат вкупно 30 луѓе. Најефектна е кружната Головинска сала со површина од 600 метри квадратни, која се наоѓа веднаш под куполата на историската сцена (приближно на ниво на 6-ти кат). До салата се стигнува по стрмни спирални скалила.

Уште од 1864 година уметниците овде прават помеки реквизити, т.е. кулиси, завеси, горни завеси (кои ги кријат механизмите од гледачите) и слично.

„Салата е доволно голема за истовремено да можат да се насликаат две платна со големина 12x20 метри. Под плафонот е поставен сценски мост за набљудување за сликарите да можат да го разгледаат своето дело од височина“, вели Људмила Мехоношина, уметник-технолог од работилницата за апликација и сликање.

Преку полукружните прозорци се спуштени завеси за сончевите зраци да не им пречат на сликарите. Важно е боите да се рефлектираат на вистински начин и затоа вештачката светлина во салата е речиси иста како и во театарската сала.

Изработката на еден примерок на кулисите трае околу еден месец. Платното се поставува на сцената така што прво се намотува во ролна, а потоа со метална прачка се спушта на јажиња преку противпожарната завеса, директно под куполата.

Останатите декорации направени за претставите од репертоарот се чуваат во просторијата за складирање зад сцената. Поради големото количество оружје од разни историски епохи, се добива впечаток дека се работи за некаков арсенал. Јатагани, копја, секири, сабји, барјаци... Сето тоа изгледа како да е вистинско. Оружјето ѕвечка како вистинско и ја има соодветната тежина.

„Кога изведувачите го делат мегданот, од нивните мечеви летаат искри. Во битка оружјето понекогаш се крши, па затоа се прави од прилично цврст материјал. Понекогаш мечевите и рапирите за историските претстави ги прават по нарачка специјални петербуршки работилници, но најчесто сè правиме сами“, вели театарскиот реквизитер Игор Радаев.

Опасните реквизити се чуваат во специјални ормани со мрежести врати, а особено вредните и скапи мечеви се во сефовите. Разновидни реквизити, како кукли, мебел и предмети на ентериер, се скриени зад завесите.

Каква е атмосферата зад кулисите на Мариинка?

Просторот зад историската сцена е свет сам за себе.

Под старите полукружни сводови ѕидани со тули се чуваат реквизитите.

Тука е контролната табла со ретро-монитори и копчиња како во старите филмови со вселенски бродови, тука се количките со тешките реквизити што одат по шини. Овде е малку студено, но воздухот брзо се загрева од светлосните рампи и рефлекторите што се вклучуваат за време на пробите и претставите.

Во Мариинскиот театар бр. 2 има многу повеќе места.

Просторот зад сцената според големината потсетува на хангар за авиони.

Најважните простории зад кулисите се машките шминкерници за оперските солисти кои ја изведуваат главната улога. Тука атмосферата е опуштена и пријатна (во женските шминкерници атмосферата е по малку збркана).

Реквизитерите ги завршуваат последните подготовки.

На сцената само што не се појавиле бакарните бокали и сребрените садови со ориентални специјалитети. Баклавата изгледа многу вкусно и се чини дека има арома на мед. Но, само изгледа така, реквизитот е „испечен“ во работилницата и ќе се користи на сцената барем до крајот на сезоната.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња