- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
- Пријавете се на нашата неделна мејлинг листа
Епската сага за јунаци и волшебници, која раскажува за походот на суров воин да ги одмазди своите родители убиени од злобен волшебник, привлече милиони гледачи ширум светот. Арнолд Шварценегер и Џејсон Момоа ги толкуваа главните улоги во филмовите од 1982 и 2011 година.
Оригиналната серија книги на која се базира сагата за Конан Варваринот има интересен податок што ги натера фановите да се запрашаат: Дали Конан Варваринот потекнува од Русија?
Хибориска доба
Универзумот на Конан е создаден на почетокот на 1930-тите од текасшкиот писател Роберт Е. Хауард. Расказите на Хауард никогаш не беа објавени во книга за време на неговиот живот. Сепак, по неговата смрт тој беше признат како основач на жанрот „меч и магија“ во книжевноста.
Првата збирка на Хауардовите раскази за Конан беше објавена дури во 2002 година во книга под наслов „Доаѓањето на Конан Кимериецот“.
Настаните опишани во книгата се случуваат во таканаречената хиборијанска доба, измислено време создадено од авторот специјално како амбиент за доживувањата на Конан.
Како љубител на историјата Хауард ги сфаќал тешкотиите поврзани со постигнувањето историска точност во расказите. За да не ги оптоварува читателите со долги објаснувања и безброј детали, авторот создал фиктивна историска доба и таму ги сместил своите ликови.
Што се однесува до потеклото на Конан, писателот избрал слична постапка. Одбрал имиња и локации кои одговараат на постоечките и ги зачинил со прилично голема доза на фантазија.
Кимерија
Роберт Е. Хауард направил од Конан Кимериец. Иако Кимеријците навистина постоеле, идејата на авторот за нивното потекло била плод на неговата креативна имагинација.
Во реалноста, Кимеријците биле номадско индоевропско племе кое мигрирало од централна Азија во Понтиско-касписката степа. Оваа степа се протегала од реката Дунав до реката Урал и го покривала брегот на Црното Море - некаде околу 1000 година пне. Областа населена со овие племиња го опфаќала северниот брег на Црното Море, делови од Кримскиот Полуостров и подрачјето на Керченскиот теснец.
Оттука и теоријата дека Конан Варваринот е роден на територијата на денешна Русија. Меѓутоа, авторот на оригиналната приказна имал поинаква идеја за родното место на Конан, кое го нарекол Кимерија.
Некои сметаат дека Хауард ја замислувал Кимерија како земја која географски се наоѓа на местото на Ирска, Шкотска, Велс и Англија. Сепак, на некои мапи фиктивната Кимерија постои во целосно фиктивна средина и се чини бесмислено да се сместува географски во реалниот свет.
Писателот ја замислил Кимерија како мрачна и негостољубива земја каде што преживувањето во тешки услови ги прави луѓето посилни.
Песната „Кимерија“ на Роберт Е. Хауард ја опишува оваа област на следниов начин:
„Тоа беше мрачна земја која како да ги содржеше
сите ветрови и облаци и соништа кои го избегнуваат сонцето,
со голи гранки што треперат на осамениот ветер
и мрачни шуми кои се протегаат насекаде.
Низ нив не продира ни реткото матно сонце
кое од луѓето прави големи сенки. Ја нарекуваа
Кимерија, земја на темнината и длабоката ноќ“.
За разлика од оваа мрачна измислена земја, црноморскиот брег и другите региони каде што живееле вистинските Кимеријци се многу повесели места. Излегува дека Кимерија е само комплицирана фантазија која нема ништо заедничко со историската реалност освен името на племето кое го добило името по имагинарната земја.