Љубов и војна на бубачки: Како е снимен првиот анимиран филм во царска Русија?

Култура
МАРИЈА АФОНИНА
Шокираната публика во кината го гледаше масовно неколку години по ред. Откриваме како една љубовна приказна меѓу инсекти стана анимиран блокбастер уште во царска Русија.

Сé до неодамна руската анимација немаше роденден. Денот на руската анимација конечно е официјално воспоставен и ќе се слави на 8 април, на денот во 1912 година кога е прикажан првиот руски анимиран филм „Убавата Луканида“ или „Борбата на стрижибубите и еленчињата“ на Владислав Старевич. Десетминутната љубовна приказна чии главни актери се бубачки, а чии улоги ги играа вистински инсекти, пред повеќе од сто години крена голема прашина. Тоа беше еден од првите 3D анимирани филмови, но она што е уште поинтересно е што публиката едноставно беше воодушевена.

Вистински блокбастер

Цервус, кралот на еленчињата, во својот замок приредува раскошен бал. Почесен гостин е грофот Герос од племето стрижибуби. Гледајќи ја убавата Луканида на престолот до кралот, грофот се заљубува. Тој ѝ ги признава своите чувства во градината каде што се сами. Во тој момент се појавува Цервус и започнува битка во која е поразен. Очајната Локанида се фрла од карпа, но го преживува падот. Потоа оди во дворецот кај Герос, каде кратко време живеат во мир. Меѓутоа, Цервус се решава на одмазда и тргнува во војна против Герос. Овој пат моќта е на негова страна.

Меѓутоа, за да Локанида не падне во рацете на непријателот, Герос прибегнува кон очајнички потег, разнесувајќи се себеси, Локанида и војската на Цервус.

Овој едноставен заплет на анимираниот филм тогашниот гледач го сфати како пародија на популарниот жанр „љубовни трагедии од високото општество“. Љубовната приказна меѓу инсектите стана блокбастер.

„Тоа беше бомба, вистинска сензација. Публиката во Русија масовно ја гледала „Луканида“, вели филмскиот историчар Николај Изволов. Новинарите мртви сериозни пишувале како Старевич постигнал сјајни резултати во дресирањето инсекти.

Филмот не беше ништо помалку сензација ни во странство. Гласникот на филмските работници од 1912 година пишува: „Од сигурни извори дознавме дека во странство тиражот надмина сто примероци, што доволно кажува за вредностите на производот“.

Мртви бубачки

Сите актери беа всушност мртви бубачки. Режисерот Владислав Стеревич уште од детството обожавал и собирал бубачки, создавајќи збирки. Првиот филм го снимил во 1910 година. Бил замислен како документарен филм за животот на бубачките, но инсектите биле пасивни поради светлината. Поради тоа снимил филм со мртви бубачки под називот Lucanus Cervus, што е латинско име за еленче, а филмот, патем, е изгубен.

Вториот филм, снимен во истата техника и со истите „актери“, бил „Убавата Луканида“. Еве што напишал режисерот за работата над анимираниот филм.

„Инсектите, се разбира, прво требаше правилно да се подготват. Не е многу комплицирано да се провре тенка жица низ нозете и да се прицврсти на телото со восок. Од пластелин направив „поприште“ за да имам основа на која ќе се држат нозете на инсектот. Немаше проблеми со движењата на бубачките. Додека ја осмислував борбата на инсектите, ги скицирав главните пози. При снимањето, секое движење го поделив на неколку фази. За секој кадар го поставував светлото“.

Станува збор за нем филм, без титл, а за да можат гледачите да ги следат настаните, при секоја проекција во кино-салата, нараторот гласно го читал резимето. Се прикажувал до средината на дваесеттите години на минатиот век.

По револуцијата „Убавата Луканида“ била прикажувана под насловот „Куртизана на престол“. Болшевиците јавно го осудувале однесувањето на неверната кралица на бубачките.