Како вештите раце на генерации жени во Русија го доведоа пачворкот до совршенство и уметнички дела?

Култура
RUSSIA BEYOND
Со генерации во Русија вештите раце на жените шиеле сè и сешто од парчиња ткаенина. Со текот на времето таа рутина прерасна во вистинска уметност.

Последниве години во светот се сé попопуларни најразлични видови ракотворби. А меѓу нив посебно место зазема производството на штепувани ткаенини со шари и орнаменти. Парчињата ткаенина се шијат на готова неткаена подлога (да речеме од вателин) или се спојуваат едни со други. Една од тие техники е и пачворкот, која уште од XIX век е многу популарна во Русија.

Старо мајсторство

Русија отсекогаш негувала грижлив однос кон ткаенините. Во секоја куќа имало вретено, домашно изработените платна биле многу ценети, а рачната вештина на девојката била еден од главните адути во пронаоѓањето младоженец. Девојките самите си ги шиеле фустаните и миразот, покривките за венчавката и породувањето.

Речиси и да немало остатоци од домашно изработените платна, тие биле изработувани во точно дефинирани димензии. Сè што ќе останело или парчињата истрошени нешта кои веќе не биле погодни за носење се користеле за поправка на друга облека или за крпење. Со еден збор, ништо не се фрлало.

Традицијата на пачворк е воспоставена во Русија во XIX век, кога никнале бројни шивачници, а памучните ткаенини со впечатлив дезен станале секојдневие. Жените во селата почнале да носат фустани од евтини и шарени памучни ткаенини, а дури и кога ќе дотраеле, имало лек. Големите парчиња се преправале и од нив се шиеле фустани и друга облека, а лентите биле внимателно собирани и од нив во пачворк техника се правеле прекривки, простирки и чаршави.

Во средината на XIX век писателот Владимир Сологуб пишувал дека во селската куќа зад руската печка има кревет „со покривка направена од парчиња памучна ткаенина“.

Во секое место и регион низ вековите се создавале специфични техники, облици и дезени во декоративната и применетата уметност, па дури и резбаните украси на прозорците отсекогаш биле различни. Оригиналните примероци се пренесувале од колено на колено и извршиле влијание на народните ракотворби.

„Во формирањето на уметнички принципи и техники на создавање орнаментални пачворк композиции на вештите раце на жените им помагало вековното искуство на работа над селската облека“, сметаат стручњаците од Одделението за народна уметност на Државниот Руски музеј. Во народни носии вообичаено е да се комбинираат различни текстури, ткаенини и шари. Руските носии изобилувале со украсни елементи, вклучувајќи ткаени влошки, од тантела, свилени ленти и шарени врвци.

Повеќето работи создадени во пачворк техника се состоеле од триаголни или парчиња со квадратна форма, приближно со иста големина, споени во квадрати, кругови, шари или во цик-цак варијанта.

Пачворкот стана вистинска уметност на крајот на XIX век. Како потврда може да послужи зачуваниот ѕиден украс изработена со пачворк техника во Казањ во осумдесеттите години на предминатиот век. Се состои од стотици минијатурни детали, рачно шиени, квадрати, ромбови, триаголници од фабрички ткаенини, вклопени во една голема композиција. Тоа не се само споени парчиња, туку импресивна мозаична структура.

Советскиот придонес

Авангардните уметници се интересираа за техниките на народен колаж и графика. Тие си играа со народното творештво во најразлични форми, а геометриски фрагменти „во пачворк манир“ се среќаваат во супрематизмот на Казимир Малевич.

Но и во неговите скици за костими за футуристичката опера „Победа над сонцето“.

Сликарката Варвара Степанова на почетокот на ХХ век смисли шаблони за ткаенини и многу од нив потсетуваат на пачворк шарки.  

Во советско време, во малите градови и села, луѓето во слободното време активно се занимаваа со шиење во пачворк техника. За време на Втората светска војна тоа не беше само хоби, туку и потреба, бидејќи таквите прекривки беа повеќе од добредојдени за вистинско загревање и не беа само декор. Подоцна, за време на сериозната немаштија, советските домаќинки повторно се свртеа кон шиење облека и работи за секојдневна употреба. Многу од нив имаа свои машини за шиење.

Многумина во Русија до ден-денес се сеќаваат како нивните баби и мајки се занимавале со ракотворби. Везеле со бисери, плетеле, шиеле облека или постелнина и, се разбира, користеле остатоци од ткаенина, а од парчињата се создавало ново и секогаш поинакво платно.

Со шиење во пачворк техника се занимаваа девојчињата на часовите по општотехничко образование во училиштата во советско време, но и денес во Русија.

Во Русија пачворкот е многу популарен и денес. Иако, всушност, веќе нема потреба од шиење, како што беше случајот во СССР, со оглед на големиот избор на материјали и облека во продавниците.

Низ цела Русија се појавуваат здруженија на љубители на „пачворк“.  Мајсторите ги продаваат своите производи преку интернет, организираат курсеви и школи, ги споделуваат тајните и креативноста. Во пачворк техника се прават и облека, и играчки, како и тапацирање на предмети во ентериерот.

А во текстилната престолнина, градот Иваново, центарот на памучната текстилна индустрија, се одржува фестивалот „Пачворк мозаик во Русија“.

Изложбата „Руски пачворк“ е отворена во Рускиот музеј во Санкт Петербург и ќе може да се види до 13 септември годинава.