- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
- Вклучете го во пребарувачот „Show notifications“ (дозволи известувања) за нашиот сајт!
Свети Никола бил архиепископ на византискиот град Мира Ликиска (денешна Турција) и секако спаѓа меѓу најпочитуваните светци во христијанството. Живеел кон крајот на III и почетокот на IV век. Се прославил со својот благочестив живот, извонредното познавање на Светото писмо (поради тоа често е прикажан на иконите со Библијата во раце) и големата љубов и сочувство кон луѓето. Додека бил жив направил многу чуда помагајќи им блиските: воскреснувал мртви, излекувал болни, и ги спасувал оние што умирале од глад. Благодарение на неговата добрина и благост, овој светител стана невообичаено почитуван во сите гранки на христијанството.
Во католичкиот фолклор Свети Никола е познат како Санта Клаус (Дедо Мраз), а во Русија го нарекуваат Николај Чудотворец. Жителите на стара Русија го сакале и го почитувале овој ранохристијански светец како да потекнува од нивната заедница. Луѓето се молеле нему пред другите светци да им помогне во животните неволји, да ги спаси и заштити. И Свети Никола, судејќи според сé, им помагал на оние кои страдале бидејќи неговата популарност била многу необична. Секој храм имал негова икона или фреска.
Иконописците ширум Русија работеле од XIII век на ликот на Свети Николај. Со текот на вековите, во зависност од актуелниот стил на иконопис и каноните, тој лик се менувал, како и деталите на иконите. Споредете ги двете икони подолу, една од XIV и една од XVIII век. Кај втората е очигледно влијанието на западноевропското сликарство и барокот.
Најстарите икони на Свети Николај честопати се придружени со сцени од неговиот живот на маргините во посебни композиции (печати). Иконописците од различни векови и региони можеле да додаваат различни настани во тие маргини околу ликот на светецот.
Секој верник во Стара Русија задолжително имал икони на Свети Николај во својата куќа. Неговата икона стоела веднаш до оние на Христос и на Богородица. Колку многу бил почитуван свети Никола сведочи и фактот што на иконите често е прикажуван со Господ Исус Христос, Пресвета Богородица и други важни светци.
Ликот на Свети Никола е прикажуван и на двострани икони, на пример, со Пресвета Богородица.
Во руската традиција, Николај Угодник бил толку почитуван и третиран како „најроден“ светец, што не само што бил почитуван, туку дури и некои негови иконографски прикази биле почитувани и тие на некој начин имале свој живот и историјат. Истото важи и за чудата поврзани со него.
Таквите чуда се опишани во билините (руски јуначки песни) и рускиот фолклор. Првото чудесно јавување поврзано со Свети Никола се случило во Киевска Русија на крајот на XI век. Според преданието, побожни родители тргнале на аџилак и пловеле со чамец кога нивното бебе паднало во реката Днепар. Скршени од болка, несреќниците усрдно му се молеле на свети Николај Чудотворец и следното утро служителите на храмот „Св. Софија“ во Киев здогледале живо бебе пред иконата на Свети Николај. Оттогаш неговата икона е особено почитувана. На таканаречениот „Никола Мокри“ биле посветувани храмови и во Москва.
Преданието споменува и друг случај, кога во XIII век жителите на градот Можајск биле во непријателски обрач и усрдно му се молеле на свети Николај Чудотворец да ги заштити. Одеднаш неговата фигура се појавила на небото. Светецот имал строг израз на лицето, во едната рака држел меч, а во другата како да го држел градот. Непријателите се разбегале, а во Русија станала позната иконата на „Никола Можајски“. Тука тој е прикажуван во вид на дрвена скулптура со меч и можајскиот кремљ во рацете. Во Стара Русија имало голем број вакви статуи. На сликата е една од нив.
Добро позната е и иконата на „Никола Великорецки“. Според преданието, кон крајот на XIV век, еден селанец на брегот на реката Велика (во близина на градот Вјатка, денешен Киров) открил икона на Свети Никола од која избивала светлина. Се покажало дека иконата е чудотворна, бидејќи еден од мештаните оздравел откако ја допрел. Тогаш луѓето од сите околни села и градови почнале да доаѓаат за да се поклонаат на оваа икона.
Освен тоа, во многу градови луѓето сакале да имаат авторска копија на одредена икона, а иконописците секогаш додавале нешто свое. Гласот за Никола Великорецки на крајот дошол и до Иван Грозни, кој во голема мера придонел таа да стане позната.
„Никола Великорецки“ е секогаш прикажуван до појас како со едната рака благословува, а во другата го држи Евангелието.
Во Русија е мошне познат празникот „Никола Есенски“ е доста познат во Русија. Кај нас овој празник е познат како „Летен Свети Никола“, а тоа всушност е пренесувањето на моштите на Светиот отец Никола во градот Бари. Тоа се случило во Х век кога крстоносците го изнеле кивотот со моштите на Св. Никола од Мира Ликиска и го пренеле во Бари (денешна Италија) за да ги спасат од турските освојувачи. На многубројни икони е прикажано патувањето на кивотот со моштите и неговиот пречек во Бари.
Иконата „Никола Зарајски“ е исто така позната во Русија. Нејзе во староруската книжевност ѝ е посветен цел циклус приказни.
Постои мноштво икони со мотивот на Никола Зарајски. На тие икони светецот се прикажува како стои во полн раст, и со едната рака благословува, а во другата го држи затворено Евангелието.
Иконите на свети Николај Чудотворец заземаат посебно место во ризницата на Третјаковската галерија, и тоа не е случајно. Една верзија на Никола Зарајски е тесно поврзана со Павел Третјаков, основачот на галеријата. Тој е роден во куќа покрај храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во Голутвин, каде имало нартекс посветен на Николај Чудотворец. Таму се наоѓала единствената икона на Никола Зарајски, насликана од кремљовскиот иконописец Тихон Филатјев. Специфична е по тоа во позадина суптилно се насликани контури на византиски пејзажи.
Подоцна Павел Третјаков бил парохјанин на московскиот храм „Св. Никола“ во Толмачи и ја изградил својата галерија веднаш до него. Денес тоа е храм при Третјаковската галерија и во него се сместени важни православни икони: „Света Троица“ од Андреј Рубљов и „Владимирската икона на Пресвета Богородица“. Тука е, се разбира, и иконата на Свети Николај Чудотворец.
Изложбата „Светителот Николај Чудотворец. Икони од XIII-XIV век“се одржува во Третјаковската галерија до 28 август 2022 година.