Дали е Иван најпопуларното руско име?

Култура
НИКОЛАЈ ШЕВЧЕНКО
Се чини дека ова име ја отелотворува Русија. Некому би можело да се стори дека добра половина од машката популација во Русија се вика Иван. Но, реалноста е многу посложена.

Најголемиот руски херој

Фактот дека Иван е најруското име е еден од многу вкоренетите стереотипи за Русија. Иако технички Иван не е руско име, може да се каже дека во неа е многу популарно со векови.

Широката употреба на ова име во културата може делумно да ја објасни неговата популарност. Во принцип, името Иван е сеприсутно во руската култура и историја. Доволно е да се каже дека Иван можете да го најдете во речиси секоја руска народна приказна.

Иван е неизоставен јунак на рускиот фолклор. Има функција на „општо име“, што значи дека самото име има мало значење, за разлика од контекстот на приказната.

„Еднаш одамна си живеел еден крал кој имал три сина. Најмладиот се викал Иван“, почнува познатата руска народна бајка Принцот Иван и сивиот волк.

Јовче Будалчето (Дурак) е уште еден од често присутните јунаци на руските народни приказни. Во руската народна традиција, Јовче Будалчето е претставен како простодушен, но среќен младич кој често се однесува спротивно на здравиот разум, но сепак на крајот успева.

Иван е присутен и во руската класична литература. Некои познати писатели, како и познати ликови, го носат ова име. Да споменеме само неколку: Смртта на Иван Илич од Толстој, Вујко Вања од Чехов и Еден ден од животот на Иван Денисович од Солженицин.

Влијанието на Црквата

Постои и алтернативно објаснување зошто Иван отсекогаш бил толку вообичаено име во Русија.

Пред Руската револуција, црквата ги охрабрувала луѓето да ги крстат своите деца по православните светци, од кои секој има и свој именден. Има повеќе светци со името Јован, така што тоа значително ја зголемило популарноста на името.

Исто како што е Јован во Македонија, Џон во САД, Иван е многу вообичаено име во Русија. Имињата Јован и Иван имаат исто значење: „оној кој е во Божја милост“.

Меѓутоа, и покрај широката популарност на ова име со текот на времето, тоа во никој случај не е најпопуларното машко име во Русија. Во изминатите 20 години Александар беше на врвот на листата на најпопуларни машки имиња во земјата.