Штом се преселил од внатрешноста во Санкт Петербург, младиот Гогољ се потрудил да ја следи модата. Тоа го правел со претерана грижа и трошел многу енергија и пари, кои и без тоа ги имал малку. На својот најдобар пријател Герасим Висоцки му пишува: „Сакав да те замолам уште нешто. Дали кај вас во Петроград може да се нарача кај најдобриот кројач добар фрак по најнова мода? Пиши ми, те молам, кои се кај вас модерни материјали за елеци и панталони. Која боја е модерна за фракови?“
Гимназискиот професор Иван Калужински се сеќава на еден интересен детал. „Гогољ, шетајќи низ гимназијата, постојано со двете раце, божем случајно, го ширеше предниот дел на капутчето за да се види поставата. А поставата, се разбира, беше најмодерна“.
Освен тоа, младиот Гогољ имал кратка фризура. На главата му стрчело едно перче, а според неговите студенти, писателот во младоста бил целиот составен од „острите противречности на помодарство и небрежност“. Перчето не му се допаѓало, па затоа пуштил коса и мустаќи, по кои и остана запаметен. Се смета дека тоа го направил за да го скрие долгиот тенок нос од кој се срамел. Не се знае со сигурност колку е автентична оваа интерпретација, но постои сведоштво дека Гогољ зборувал за својот изглед како за „смешна физиономија“.
Пред да стане најуспешниот писател во руската книжевност, Толстој служел во војска како артилериски офицер и учествувал во Кримската војна од 1854-1855 година. Тоа многу влијаело на неговиот изглед во тоа време. Патем, изгледот на офицерите во Руската империја бил одреден со низа правила кои исклучувале бујна влакнетост и коса на лицето и главата, така што младиот Толстој секогаш бил мазно избричен и уредно потстрижен.
Меѓутоа, офицерската должност го оптоварувала, повеќе пати размислувал да се повлече од службата, а неговата бунтовничка природа уште тогаш била многу упадлива. Старешините постојано биле во конфликт со Толстој. Грофот понекогаш заборавал дека офицерите мораат да ги имаат закопчани сите копчиња. Постариот офицер Ј. И. Одаховски во своите мемоари пишувал колку грдо изгледал Толстој и дека за тоа особено придонесувале неговите големи, клапести уши, но дека зборувал многу убаво, течно и духовито, од што многумина биле воодушевени.
Кога ја напуштил службата, Толстој веднаш почнал да пушта брада, една од најпознатите во руската литература и култура. Ја сменил и гардеробата. Грофот се откажал од својата благородничка униформа и носел едноставна облека која била речиси идентична на селанската.
Младиот Достоевски не носел брада и се разликувал од изгледот во учебниците на замислен аскет со маченички ореол. Напротив, луѓето од неговото опкружување во тоа време не гледале никакви „благородни“ аристократски црти на неговото лице, ниту пак му давале комплименти.
Самиот Достоевски бил уште покритичен, нарекувајќи се себеси „квазимодо“. Завршил воено училиште со чин инженерски заставник и ја почитувал наредбата за бричење на војниците. Во 1849 година бил протеран во Сибир како петрашевец, член на познат опозициски кружок. Во прогонство повторно бил на воена служба, прво како војник, па како подофицер и се потстрижувал кратко. Се вратил по десет години. Петербург го пречекал студено.
Достоевски бил заборавен, а неговите подофицерски мустаќи изгледале крајно провинцијално. Светлата, ретка коса која постојано ја мачкал и ја измазнувал на челото целосно се проретчила.
Решил да започне нов живот така што ќе ја пушти брадата. Во тоа време во Русија брадата значела дека тој што ја носи нема никаква врска со државниот систем. Брадата била забранета за чиновниците. Но, Достоевски не успеал да пушти густа брада. Ретката брада го лутела писателот, кој почнал грижливо да води сметка за својот изглед.
Револуцијата од 1917 година не само што засекогаш го промени животот на писателот Иван Бунин, туку и неговиот изглед. Новиот имиџ, патем, очигледно беше одраз на „крајот на бел епок“.
Уште пред револуцијата, Бунин си обезбеди место во литературата, беше популарен на Запад и стана еден од книжевната елита. На фотографиите од тоа време тој изгледа како денди, со зашилена шпанска брадичка, елегантна гардероба, штиркана јака, фраерски мустаќи. Меѓутоа, како благородник и конзервативец, Иван Бунин не ја прифаќаше револуцијата и емигрираше во Париз. А тоа значеше и крај на лажното боемство и снобизам карактеристични за кругот на луѓе на кој му припаѓаше.
Во мода влегуваа едноставноста и строгоста на дваесеттите години, и писателот ја прифати, раскрстувајќи со старомодната влакнетост и, како и сите други, бричејќи го целото лице. Во 1933 година тој стана првиот Русин што ја добил Нобеловата награда за литература. Неговиот книжевен стил, кој влече корени од 19 век, не се менува, но во своите сеќавања на стара Русија сè повеќе ги допира темите на несреќната љубов, осаменоста, деградацијата и смртта. Се менува и изгледот на Бунин, станувајќи потемен.
Долгиот живот на писателот бил еден вид сцена на културни и политички страсти. Најверојатно поради слабиот, неодлучен карактер, Тургенев најпрвин бил омаловажуван од својата мајка, благородничка со деспотско однесување од стара семејна лоза, а потоа и од половина книжевна заедница. Само оној што го мрзело не го нарекувал Тургенев „лажго“, „лицемер“ и „плагијатор“. Изгледот и цртите на лицето на писателот само го поттикнувале таквото однесување.
Имал пискав глас кој не одговарал на витешката градба, мазно избричено лице и мала, речиси незабележлива брада. Според тие параметри, Тургенев изгледал надежно. Неговата гардероба се состоела од вратоврски во светли бои и златни копчиња. Долната облека ја менувал и двапати на ден и постојано се бришел со сунѓер натопен во колонска вода.
Брадата и косата почнал да ги пушта во 1840 година, на што неговото опкружување реагирало позитивно, особено кога почнале да се појавуваат благородните бели влакна.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче