Пет најпознати техники на народно сликарство во Русија

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Речиси во секое руско село имало вешти луѓе кои сликале предмети во оригинален стил. Со текот на времето, тие стилови станаа познати ширум земјата и надвор од нејзините граници.

1. Хохлома

Ова е најпознатиот и најпопуларниот стил на руското народно сликарство. Карактеристичните шари, како и самиот занает, најчесто го носат името на местото од кое потекнуваат и се произведуваат насликаните предмети. Во овој случај, тоа е селото Хохлома во Нижегородската област. Постои легенда според која овој занает потекнува од иконописците староверници од 17 век.

Историски, „хохлома“ е сликање на предмети направени од дрво, најчесто садови и кујнски прибор, како и дрвен мебел. Посебно станаа познати руските дрвени лажици насликани во стилот „хохлома“. Шарите секогаш се нанесуваат со светли црвени, зелени и златни бои на црна позадина. Најчести се растителните мотиви со бобинки, а се среќаваат и птици.

2. Гжељ

Постои мислење дека „гжељ“ премногу потсетува на делфтски фајанс и кинеска белосина керамика, но нема докази дека оваа техника е преземена од некаде. Овој керамичарски занает потекнува од селото Гжељ во Московската област, а исто така и од околните села, каде што отсекогаш била ископувана глина со одличен квалитет.

Порцеланот направен од таа глина бил ценет дури и на дворот на царот Алексеј Михајлович. Во 18 век во Гжељ било развивано производството на садови за аптекарската служба и потребите на „алхемијата“. Во 19 век на ова подрачје веќе имало десетина фабрики кои произведувале садови, керамички плочки за обложување на печки и други предмети од керамика во техниката мајолика со растителни орнаменти, како и играчки во вид на животни. И сето тоа било „брендирано“, т.е. сликано со сино-бели шари.

3. Жостово

Сликањето на ковани лимени послужавници во селото Жостово во Московската област започнало во 1825 година, кога овој занает бил „донесен“ од Урал од кнежевското семејство Демидови. Во Тагил веќе постоело успешно производство на насликани послужавници, но на московски терен биле ангажирани локални сликари кои го негувале стилот на федоскината минијатура. Така дошло до синтеза на занаетчиските стилови на сликање и се појавиле жостовските послужавници. Денес тоа е еден од најпопуларните „народни“ брендови.

Боите на послужавникот и шарата на него може да бидат различни. Најважната карактеристика на композицијата е букетот цвеќе во средината. Се сликаат и плодови, полски билки и трева. Маслените бои се нанесуваат во неколку слоеви за да се создаде впечаток на тродимензионалност.

4. Палех

Палешката лакирана минијатура е релативно млад народен занает. По револуцијата, со неа почнале да се занимаваат талентирани иконописци и зографи од селото Палех (Ивановска област), кои претходно се занимавале со сликање верски мотиви и сликање храмови. Палешката уметничка декоративна задруга се појавила во 1918 година.

Во новата советска држава религијата била прогонувана, така што уметниците се посветиле на „древното сликарство“. Тие прикажувале сцени од народни бајки и книжевни дела користејќи иконописна техника и конкретно темперни бои. Најпрвин сликале предмети од дрво, а потоа папје-маше. Во палешки стил на црна позадина со светли црвени и златни бои сликале претежно украсни предмети, најчесто кутичиња (ковчежиња), како и разни ситни сувенири.

5. Городецки стил

Стилот потекнува од селото Городец во Нижегородската област, каде во 19 век на овој начин се украсувале роданите. Подоцна се среќава и на дрвениот мебел и други предмети како сандаци, кутичиња (ковчежиња), санки, прозорски рамки, па дури и врати. Народни сликари прикажувале жанровски сцени од секојдневниот живот на трговските кругови, како и селски сцени.

Темите биле различни (веридба, гозба, прошетка), како и главните протагонисти. Често се среќаваат прикази на коњи, птици и други животни. Карактеристично е изобилството на бои и контрастните транзиции меѓу нив.