Историјата на светот овековечена на платната на руските сликари

Карл Брјулов / Руски музеј
Жестокиот прогон на првите христијани во Римската империја, ѕверствата на Турците на Балканот и трагедијата на индиското востание против владеењето на Велика Британија - сето тоа се теми спрема кои руските сликари не биле рамнодушни.
  • Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
  • Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“сме секогаш со вас!

Василиј Верешчагин. „Распнување на крст кај Римјаните“, 1887.

Распнувањето било широко распространето во Римската империја. Тоа во Стариот свет се доживувало како еден од најболните и најсрамните видови на егзекуции. Околу 6000 робови кои се нашле во римско заробеништво по неуспехот на Спартаковото востание во 71 п.н.е. биле распнати на патот од Капуа до Рим. Според христијанското учење, на крст е распнат и Господ Исус Христос, а потоа и Неговите апостоли Андреј и Петар. Така крстот станал симбол на христијанската вера.

Константин Флавицки. „Христијански маченици во Колосеумот“, 1862.

Во првите векови од новата ера христијаните биле подложени на голем прогон од страна на властите, и тоа траело до 313 година, кога императорите Константин и Ликиниј го донеле Миланскиот едикт со кој се легализира статусот на христијаните. Покрај распнувањето на крстот, најчест начин на погубување на христијаните било таканареченото „фрлање на ѕверовите“ (Damnatio ad bestias), кога голораки луѓе биле изведувани во циркуската арена каде што на нив биле пуштани гладни лавови.

Хенрих Семирацки. „Свеќници на христијанството. Нероновите факели“, 1882.

Со темата на прогонот на првите христијани во Римската империја се занимавал руско-полскиот сликар Хенрик Семирацки. На неговото платно е прикажана сцената на пресметката на императорот Нерон со римската христијанска заедница во 64 година. Тогаш во разорен пожар бил уништен голем дел од „Вечниот град“, а целата вина за тоа владетелот ја префрлил на христијаните.

Карл Брјулов. „Последниот ден на Помпеја“, 1833.

Во моќната ерупција на Везув во 79 година, околните градови биле покриени со слој врела лава висок неколку метри. Карл Брјулов ги прикажува последните моменти од животот на славната Помпеја. Повеќето жители успеале да го напуштат градот пред катастрофата, но сепак илјадници луѓе засекогаш останале на неговите улици.

Василиј Суриков. „Првиот вселенски собор во Никеја“, 1876.

Првиот собор во Никеја, свикан во 325 година од царот Константин, имал големо значење за историјата на христијанството. На него е составен и усвоен Симболот на верата во кој се вели дека Бог Син е нестворен и едносуштен на Отецот. Покрај тоа, било потврдено конечното одвојување од јудаизмот, за неработен ден наместо саботата била прогласена неделата, аријанството било осудено, како и другите ереси.

Карл Брјулов. „Нападот на Гејзерих на Рим“, 1836.

На залезот на Западното Римско Царство, во 455 година „вечниот град“ бил заземен без борба од источногерманското племе Вандали под власта на кралот Гејзерих. За две недели пљачкање тие ги наполниле бродовите со злато, сребро, скапоцености, статуи, мебел и стотици затвореници кои планирале да ги продадат во ропство. Поради тоа подоцна, за време на Големата француска револуција, со името Вандали се доведувало во врска бесмисленото уништување на културните вредности (иако Вандалите повеќе ги извезувале отколку што ги уништувале). Оттогаш зборот „вандализам“ се вкоренил во многу јазици во светот.

Карл Брјулов. „Смртта на Инес де Кастро“, 1834.

Инес де Кастро била миленичка на синот на португалскиот крал Алфонсо IV од Португалија, инфант (наследник на тронот) на Педро I Португалски. Таа била во интимна врска со него уште додека била жива неговата законска сопруга Констанца Мануел, и по нејзината смрт. И покрај инсистирањето на неговиот татко, вдовецот Педро одбил повторно да се ожени, па Алфонсо IV, загрижен за судбината на династијата, решил да ја отстрани пречката. Легендата илустрирана од Брјулов вели дека Инес со нивните молби ја спасиле од сигурна смрт нејзините деца, родени во вонбрачната врска со инфантот. На крај сепак била обезглавена на 7 јануари 1355 година. Тоа предизвикало голем гнев кај Педро, а потоа и граѓанска војна во Португалија која траела неколку години.

Валериј Јакоби. „Деветтиот термидор“, 1864.

Поради расколот во владата на Првата француска република на 27 јули 1794 година (9 термидор од 2-та година според францускиот револуционерен календар), бил уапсен еден од најмоќните луѓе во државата, иницијатор на „Големиот терор“, Максимилијан Робеспјер. На својата слика Валериј Јакоби прикажува како заговорниците ликуваат и му се потсмеваат на ранетиот Робеспјер (вилицата му била смачкана со истрел од пиштол), додека неговите соборци мрачно го набљудуваат сето тоа додека стојат покрај прозорците. Следниот ден сите биле погубени на гилотина, на Плоштадот на револуцијата во Париз.

Василиј Верешчагин. „Задушување на индиското востание од страна на Англичаните“, 1884.

Во Индија во 1857 година избувнало големо востание против колонијалната политика на Велика Британија. Први се побуниле сипаите, платени војници регрутирани од редовите на локалното население. Тие станале главна движечка сила на востанието. По две години конфликт британските трупи извојувале убедлива победа. Востаниците биле брутално погубени, а егзекуцијата го добила називот „ѓаволски ветер“. Осудените ги врзувале за отворот на топовските цевки и ги распарчувале со пукање со топовски ѓулиња или барутно полнење.

Константин Маковски. „Бугарски маченици“, 1877.

Сликата на Константин Маковски е посветена на трагичните настани од народноослободителното Априлско востание 1876 година во Бугарија, кое било брутално задушено од турската војска. На платното се прикажани одреди башибозук, регрутирани првенствено во Албанија. Сликата го потресла руското општество, а царот Александар II дури и се расплакал пред неа. Турските ѕверства на Балканот биле една од главните причини зошто Русија влегла во војна со Османлиското царство во 1877 година. Еден од резултатите на таа војна било обновувањето на бугарската државност.

 

 

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња