- Ве очекуваме на Телеграм-каналот https://t.me/rb_makedonija
- Сите наши најнови и најактуелни текстови пристигнуваат директно на вашиот паметен телефон! Ако „Фејсбук“ одбива да ги споделува нашите објави, со „Телеграм“ сме секогаш со вас!
Во Русија сé попопуларен е трендот на „враќање кон корените“. Градските жители ги напуштаат камените џунгли на мегалополисите и се преселуваат во руралните предели. Во јавноста таквите луѓе ги нарекуваат „дауншифтери“, но тие самите за себе велат дека се „апшифтери“, бидејќи не сметаат дека се спуштиле, туку, напротив, се искачиле на повисоко скалило.
Место на сила
Ана Панихина живеела со сопругот и двете деца во предградие на Москва како канцелариски службеник на породилно отсуство. Еден убав ден, целото семејство отишло на викенд во провинцискиот град Переслав-Залески (37000 жители, 133 километри од Москва) и решило да остане таму.
„Пред пет години во септември дојдовме на гости кај еден пријател. Беше петок. Помалата ќерка тогаш имаше 9 месеци, а поголемата 4 години“, вели Ана Панихина за порталот Russia Beyond. „Се вљубивме во ова место и веднаш во неделата изнајмивме слободна куќа на еден месец, потоа на уште месец и повеќе... И ете, сега веќе купивме своја куќа“.
Ана вели дека случајно го избрале градот. Тие буквално биле маѓепсани од старата архитектура и огромното Плешчеево езеро, на кое е изграден Переслав-Залески. Езерото е старо 30000 години. Локалните жители им ја покажуваат на туристите локалната знаменитост, „Синиот камен“, кој бил еден од елементите на древен пагански култ. Тој ја менува бојата по дождот, а се зборува и дека исполнува желби.
Брачниот пар го издал станот во Москва, а сопругот на Ана, Андреј, по преселбата нашол нова работа. Порано се занимавал со изградба на дрвени куќи, а сега соседите во селото побарале од него да направи скалила и четири кревети. Ана на социјалната мрежа објави фотографии од резултатите од неговата работа... После тоа Андреј почна да добива голем број нарачки од сите страни. Сега креветите на столарската работилница „Панихин“ се продаваат ширум Русија.
Столарскиот бизнис носи доволно пари за издржување на семејството и изнајмување работилница, но за купување на куќата сепак морале да позајмат нешто, вели Ана.
Неодамна Панихини купија своја куќа во истото место во близина на Переслав-Залески.
Имало потешкотии, но Ана не се жали. На почетокот морале малку да го „затегнат ременот“, а потоа почнале да стигнуваат нарачки, па Андреј изнајмил простор за работилница во близина на куќата. „Единственото нешто што ни паѓа тешко е тоа што ретко се гледаме со нашите родители. Тие не сакаат да патуваат и поради тоа сега не се среќаваме толку често колку што би сакале. Но, затоа пријателите доаѓаат и остануваат преку викенд. Сега дружењето ни стана подобро и подолготрајно, а порано се гледавме само на поминување и нередовно“, вели „жената на столарот“, како што се претставува Ана на социјалните мрежи.
Нов простор за работилница
Се покажа дека во Переслав-Залески има одлична инфраструктура за децата, и дека училиштата имаат одличен кадар. Тоа во голема мера е резултат на истиот процес, т.е. фактот дека пред Панихини во овој древен руски град се преселиле многу активни млади луѓе од руските мегалополиси. Меѓу нив Панихини лесно пронајдоа нови пријатели и истомисленици. А најважно е што таа заедница на креативни „храбри“ и активни луѓе сé повеќе се шири, вели Ана Панихина:
„Најпрвин стекнав една пријателка, една недела подоцна таа доведе друга, а таа уште една. Сега сме 20, секој петок се собираме на заеднички појадок, го споделуваме своето работно и креативно искуство. Настја пред тоа живеела на Тајланд, се занимава со чајни церемонии и обука на деца, Ира се занимава со јога. Некој се занимава со медицина, некој со вежби за опуштање и обновување на женската енергија, а некои држат часови по калиграфија.
Покрај тоа, бидејќи ова е провинција, а градот е мал, многу работи сé уште не се развиени овде, така што можностите се големи за оние што ќе се преселат. Борис Акимов основал друштво на такви нови занаетчии во целата Јарославска област. Тука има и слаткари, и грнчари, и кројачи и столари со своите работилници ...
Средби
Доселениците стануваат најактивен дел на локалниот социум. Не само што живеат и заработуваат за живот, туку буквално го препородуваат просторот на Переслав. Минатата година Ана Панихина организираше проект за реконструкција на историскиот амбиент („Том Соер фест“). Во рамките на фестивалот учесниците уредија неколку трошни стари дрвени куќи на главната улица: ги ишмирглаа и бојадисаа. Годинава планираат да го повторат потфатот.
Семејството на столарот и нивните пријатели не планираат да се вратат во големиот град. Понекогаш Панихини ќе отпатуваат во Москва за малку да се прошетаат, но веќе следниот ден нешто ги влече да се вратат дома. „Кај нас нема неонски реклами и големи трговски центри, но затоа одиме боси по тревата, пиеме чиста вода, јадеме зеленчук од нашата градина и месо што не е купено во продавница. Тука ни е подобро“, убедена е Ана.
„Љубов е тоа“
Марина и Александар Драгун се веќе заедно 19 години. Порано живееле во Мариупол на југот на Украина, каде што имале продавница за апарати за домаќинството, но во 2014 година биле принудени да остават сé и да се преселат во Санкт Петербург кај роднини. Во „културната престолнина“ на Русија издржале три години: „Нема ниту сонце, ниту топлина, и психички е тешко во еднособен стан“, раскажува Марина. Се сетивме дека наследивме дрвена куќа од нашиот дедо во Курската област, на 1500 километри од Санкт Петербург. Продадовме сè во Мариупол и се преселивме во руско село.
Селската куќа била стара, без водовод и канализација, но имала гас. Марина и Александар првите половина година носеле вода во кофа од бунар и се капеле во леѓен. Постепено го реновирале својот нов простор за живеење, реновирале сé што било старо, направиле бања со када, приклучиле вода и канализација. Во исто време направиле голема градина од 50 ари и купиле неколку кокошки несилки и петли на локалниот пазар. „Кокошката на комшијата доаѓаше кај нашиот петел. Ја нарековме „љубовницата“. Се враќаше дома само за да преноќи. После половина година реши да остане со него, и соседите ни ја подарија, бидејќи тоа е љубов“, вели Марина. Брачниот пар Драгун немал искуство со одгледување живина, но нивните соседи им помагале и ги подучувале. Потоа новопечените сточари се охрабриле и набавиле патки, а година и пол подоцна и овци и коза.
Вака изгледаше бабината куќа пред 4 години
Сé што им се случувало активно го опишувале на блогови и на социјалните мрежи. Се покажа дека овој жанр е многу баран. На многумина им било интересно да следат како довчерашните градски жители ги „откриваат концептите“ на руралниот живот. Нивниот блог брзо се развивал, така што почнале да заработуваат и од реклама.
Хорошеево е големо село, во него речиси нема запуштени куќи. До автобуската станица во обласниот центар има 12 километри, а потоа уште 70 километри до Курск, најблискиот голем град. На секои десет дена тие одат во градот за малку да го сменат амбиентот, да отидат во кино и да се опуштат. Марина постојано се грижи за својот изглед - дури и в градина оди во фустан, со лакирани нокти и со модерна фризура со суканици.