1. „Пекол“ или досие за самиот себе, 1989.
Личната драма на заљубениот млад пар се одвива во повоените денови. Таткото на хероината, поранешен офицер на НКВД, не може да се помири со нивната љубов и го денунцира избраникот на својата ќерка. Момчето го апсат, тепаат на сослушувањето и го тераат да потпише измислен случај. На крај тој доспева во логор каде што се соочува со борба за опстанок, тешка работа, неподнослив мраз и страшен глад.
Филмот е автобиографски. Го сними Генадиј Беглов според неговата истоимена приказна. Меѓутоа, на советските цензори воопшто не им се допадна експерименталниот испрекинат филмски јазик на „Пеколот“, така што филмот не влезе во кино дистрибуција.
2. Изгубен во Сибир, 1990.
Советските специјални служби за британскиот археолог кој врши ископувања во северен Иран погрешно мислат дека е американски шпион. Го апсат и водат во Москва, а потоа во далечен сибирски логор. Таму тој се обидува да ги зачува остатоците од човечноста, без разлика на бруталниот однос на чуварите и криминалците кои ја отслужуваат казната рамо до рамо со политичките затвореници.
Во Русија, ГУЛАГ допираше многу луѓе чии роднини, родители и пријатели беа на робија. За режисерот Александар Мита ова е многу лична приказна. За логорите слушнал од прва рака, од мајка му. На тој начин може да се објаснат толку големата искреност на филмот и големите меѓународни признанија. Беше номиниран дури и за Златен глобус.
3. Канибал, 1991.
Во еден од логорите во советски Казахстан во 1954 година доаѓа до голем бунт на осудениците. По бруталното задушување на бунтот, во логорот доаѓа млад милиционер кој добива наредба да истражи чуден случај. Двајца затвореници избегале за време на бунтот. Еден од нив, за да преживее во пустината, го убил и изел својот сопатник...
4. Тестаментот на Ленин, 2007.
Серијата е снимена според мотиви од биографијата на Варлам Шаламов, авторот на познатите „Записи од Колима“, најискрената и најсуровата приказна за животот во логор.
Младиот Шаламов беше осуден за ширење на тестаментот на Ленин, забранетото писмо на Владимир Ленин до партискиот конгрес во кое тој го критикува Сталин. Во серијата е прикажана неиздржливо тешката работа на осудениците во екстремни временски услови. Логорите на Колима спаѓале во најсуровите. На затворениците редовно им мрзнеле екстремитетите, биле гладни и строго казнувани за неисполнување на невозможните норми.
5. Зулејха ги отвора очите, 2020.
Системот ГУЛАГ не е само работни поправни логори, туку и специјални населби. За тоа зборува серијата и истоимениот бестселер на Гузељ Јахина.
На почетокот на 30-тите години на минатиот век власта организираше активна кампања за конфискација на имотот на богатитете селани. Сопругот на Татарката Зулејха дава отпор и е убиен. Неа, заедно со другите селани, ја праќаат во далечниот Сибир. Во суровата тајга тие мораат да изградат куќи од темел и да се снајда за храна.
6. Обител, 2021.
Серијата е снимена по мотивите на уште еден бестселер за ГУЛАГ, романот „Обител“ на Захар Прилепин.
Главниот лик Артјом доспева во Соловецкиот логор за специјални намени меѓу првите во земјата. Во логорот има затвореници од најразлична фела, од вистински опасни криминалци до поранешни свештеници и интелектуалци. Артјом не само што се обидува да преживее во логорот, туку се обидува и да создаде за себе колку што може подобри услови за живот. Во таа насока, тој започнува романса со надзорничката...
7. Иван Денисович, 2021.
Многу советски граѓани кои успеале да побегнат од германското заробеништво во Втората светска војна подоцна во Советскиот Сојуз биле обвинувани за шпионажа и испраќани во логор. Тоа му се случува и на главниот лик Иван Денисович Шухов. Неговиот затворенички ден почнувал во пет часот наутро. Цел ден работел во неподносливи услови, добивајќи за јадење само ретка каша и корка леб.
Во советската литература за ГУЛАГ почна да се зборува 1962 година, токму со објавувањето на приказната „Еден ден од животот на Иван Денисович“ на Александар Солженицин. Нејзиното печатење во списанието „Нов свет“ лично го одобри Никита Хрушчов. Писателот поминал скоро десет години во логорите. Тој го опиша секојдневието на осудениците, а подоцна напиша и големо истражување за логорскиот систем „Архипелагот Гулаг“.
По заминувањето на Хрушчов од власт и завршувањето на краткиот период на политичко топење, примероците на книгата беа повлечени од библиотеките, а Солженицин стана непожелен писател. „Иван Денисович“ беше повторно објавен во Русија дури во 1990 година. На Запад оваа приказна беше екранизирана уште во 1970 година, а во Русија првиот филм се појавува дури годинава.
Режисерот Глеб Панфилов е добар познавач на делото на Александар Солженицин. Сними филм по мотиви на неговиот роман „Во првиот круг“. Во „Иван Денисович“ сериозно го промени изворното четиво и додаде елементи на бајка, на незадоволство на критиката, а неговиот јунак ги совладува сите искушенија на патот кон доброто и просветлувањето. Кај Солженицин нема толку оптимистичка тема.