Денови на руски јазик и култура во Македонија

Култура
RUSSIA BEYOND - МАКЕДОНИЈА
Од 22 септември до 30 октомври 2021 година во С. Македонија ќе се одржат Деновите на руски јазик и култура. Настанот се реализира на иницијатива на Руски центар при УКИМ со поддршка на Амбасадата на Русија во С. Македонија и компанијата „Лукоил Македонија“, а се финансира од страна на Фондацијата „Руски Мир“.

Според програмата, планирано е свеченото отворање на Деновите на руски јазик и култура да започнат на 22 септември, со концерт на руска класична музика во Музејот на македонската борба. На концертот ќе учествуваат еминентни македонски музичари: Ана Кондратенко, Бојан Илковски, Бојан Талевски, Марија Михајловска, Марија Вршкова, а ќе се изведат дела на С. М. Рахманинов, П. И. Чајковски и Д. Д. Шостакович.

На 23 септември љубителите на руската кинематографија ќе можат во Кинотеката на С.Македонија да го погледнат воениот филм на рускиот режисер Андреј Богатирјов „Црвениот призрак“ со превод на македонски јазик.

На 25 септември за сите оние што ја сакаат руската култура, историја и јазик Рускиот центар организира квиз „Колку добро ја познаваш Русија?“. Квизот ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, а победниците ќе добијат интересни награди со руска симболика.

Од 26 до 28 септември во Рускиот центар ќе се одржи III Меѓународна конференција „Руски јазик, литература и култура: минато, сегашност и иднина“. На конференцијата ќе земат учество околу 60 учесници од 10 земји. Покрај различни научни секции, ќе има посебна секција посветена на 200-та годишнина на големиот руски писател Ф. М. Достоевски.

На 29 септември ќе се одржи отворена трибина на тема „Превод и издавање на руската литература“, на која ќе има можност да се разговара со уредници на познати македонски издавачки куќи. Тие ќе раскажат за местото на руската книжевност во нивните издавачки програми, а исто така за застапеноста на класичната и современата руска литература во македонската издавачка сфера. Трибината ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“.

Месецот октомври 2021 ќе биде посветен на посета на училишта во кои се изучува рускиот јазик во Македонија. За учениците ќе се одржат кратки предавање за Русија, руската култура и литература, а на библиотеките на училиштата ќе им бидат подарени книги на руски автори во превод на македонски.

Влезот на сите настани е бесплатен. За влез е потребен сертификат за вакцинација или за прележан COVID-19. Поради ограничен број места, задолжително е пријавувањето на ruskicentar@ukim.edu.mk.