Фотографијата на московјанката Татјана Мерзљакова што таа ја направи на патување во Териберка ја освои првата награда на конкурсот за најдобра мобилна фотографија iPhone Photography Awards 2021 во категоријата „Патувања“, соопшти службата за односи со јавноста на компанијата „Епл“ (Apple).
„Татјана Мерзљакова од Москва е победничка во категоријата „Патувања“ за фотографијата на поларната светлина, снимена во Териберка, во Мурманската област на уред „Ајфон 12 Про Макс“ во февруари годинава“, се наведува во соопштението.
Како што изјавија од прес-службата за новинската агенција РИА „Новости“, ова е првпат победник во споменатата категорија да биде учесник од Русија.
Татјана Мерзљакова рекла, како што се наведува, дека фотографијата ја направила спонтано за време на нејзиниот престој на полуостровот Кола минатата зима, каде што отпатувала за да ја види поларната светлина.
„Имаше 27 степени Целзиусови под нулата и висока влажност. Дури и во ракавици беше многу тешко да се вклучи камерата во тие услови. Фотографијата не е ретуширана, само експозицијата беше коригирана со помош на вградените алатки на уредот. Ако не сте биле во Териберка, препорачувам, мора да го видите тоа, нереално убаво место“, додаде таа.
Како што се наведува, на конкурсот оваа година пристигнаа илјадници фотографии снимени со „Ајфон“ од повеќе од 140 земји. Добитници на наградата се од 17 земји, од Романија до Бангладеш. За најдобар фотограф е прогласен фоторепортерот Иштван Керекеш од Романија, кој ја испрати фотографијата „Трансилвански овчари“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче