Очите премногу нашминкани со техниката смоки-ајс, густ слој маскара на трепките, усните врамени со темнокафеаво моливче, и проширени за најмалку половина сантиметар во однос на природната контура, косата истапирана и зацементирана со лак, дебели златни синџири и кожен мантил, тоа е она што прво паѓа на ум во описот на жена која ја следи модата од почетокот на деведесеттите години од минатиот век.
Погледнете ги фотографиите од тоа време:
Јака шминка, бујна коса, црна ролка, кожна јакна или мантил беа неизоставни симболи на тоа време. Вака изгледаше речиси секоја втора жена на постоветските простори, а не само гламурозните модели. Старите фотографии од семејните албуми само ја потврдуваат оваа теза.
Меѓутоа, сликата на фатална, опасна убавица со студен поглед има мошне конкретен извор на инспирација. Имено, вака изгледаа девојките на провинцијалните криминалци од руските серии. На оваа се сетија руските блогери кои го започнаа новиот тренд „девојка на локален кримос“.
Модата и естетиката на турбулентните деведесетти започна да зема замав на мрежата Тик-Ток кога корисничката Викторија Андреева објави видео во кое таа се појавува во улога на жена на различни криминалци од руските серии и филмови. Викторија прво покажа како всушност изгледа таа.
Потоа со темно моливче ги исцрта тесните веѓи (кои тогаш се корнеа за да изгледаат како конец), а потоа со црн креон го нагласи внатрешниот агол на окото, стави темна сенка на капаците и руменило на образите, направи фризура и сето тоа го дополни со „облега од мајчиниот орман“.
Ова видео собра неколку милиони прегледи и испровоцира бран слични трансформации.
Во коментарите се најдоа многумина обожаватели на заборавената естетика на деведесеттите. Ова беше можност за потсетување на љубовта на Русинките кон асортиманот на модните куќи Версаче и Долче и Габана и модата на покажување на имотниот статус со златен синџир.
Модните аналитичари не ја исклучуваат можноста трендот на „криминалните деведесетти“ да се прошири надвор од социјалните мрежи.
Во длабочината на својата широка душа руската жена копнее по славењето на животот. А, каков би бил тој весел празник без Версаче, без тепачки и без караоке? Страста кон опасноста и гламурот, криминалната романтика од типот „мамо се вљубив во лошо момче“, настојува да се пробие во животот, заклучува стилистката Лариса Булгакова.