Научно-фантастичната драма „Епидемија“ на продуцентите Валерија Фјодорович и Евгениј Никишов стана првиот руски проект што се најде на листата на десетте најдобри странски телевизиски серии на „Нетфликс“, соопшти службата за односи со јавноста на продуцентската куќа 1-2-3, пренесуваат руските медиуми.
„Епидемија“ на листата на најдобри странски серии го зазеде осмото место. Серијата премиерно беше прикажана на „Нетфликс“ во октомври.
„Нетфликс“ објасни дека успехот на проектот се мери според бројот на корисници кои ја гледале серијата во првите 28 дена по премиерното прикажување на платформата. „Епидемија“ две недели беше меѓу десетте најгледани проекти во 72 земји во светот. На врвот на популарноста го зазеде третото место.
Серијата „Епидемија“, чија светска премиера се одржа во април 2019 година, зборува за група Московјани кои се обидуваат да побегнат од пандемијата на непознат вирус и од Москва да стигнат до едно езеро во Карелија.
На листата на десетте најдобри странски серии на „Нетфликс“ се најдоа два германски проекта - „Варвари“ (на првото место) и „Мрак“ (на третото место). На второ место се најде данската серија „Дожд на смртта“. На листата се најдоа и шпанската серија „Куќа од хартија“, мексиканската „Мрачно посакување“, норвешката „Рагнарок“, колумбиската „Секогаш вештерка“, јапонската „Седум смртни гревови: Гневот на боговите“ и турската „Хакан: Заштитникот“.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче