Три ретки руски „Калашникови“ во Нетфликсовата серија „Епидемија“

Pavel Kostomarov/Premier Studios, 2019
Сé што треба да знаете за најмоќното руско оружје од популарната телевизиска серија.

„Епидемија“ стана една од најгледаните серии на „Нетфликс“ само една недела по премиерата.

Тоа е постапокалиптична драма за семејства во Русија чиј живот е во опасност од смртоносен вирус кој брзо се шири и се заканува да предизвика колапс во целото општество.

Во серијата се појавуваат неколку ретки модели на советскиот и руски автомат „Калашников“ кои нема често да ги видите на тв-екранот.

АКС-74У

Ова е компактна верзија на моделот АК-74М, омиленото оружје на главниот лик и неговата бивша жена. Не ни се целосно јасни околностите под кои јунаците ја стекнаа оваа верзија на компактниот јуришен автомат за рускиот спецназ, но е извесно дека имаат неверојатно добар вкус кога станува збор за оружје.

Овој автомат првпат се појави во советската армија во текот на 1970-тите. Цевката и компензаторот му се двојно пократки отколку кај АК-74М. Конструкторите го скратија и чекорот на свиткување на жлебот на 160 мм (кај АК-74М е 200 мм) со цел куршумот да се стабилизира во летот кон целта. Поради тоа на АКС-74У не е можно да се стави фрлач на гранати затоа што предниот ракофат му е скратен.

Сите останати механизми се исти како кај АК-74М со исклучок на лостот на осигурувачот од предвремено испукување, кој е вграден наместо регулатор на огнот.

АКС-74У користи моќна муниција со калибар 5,45х39 мм, така што е поубоит од повеќето автомати. Многу е сигурен и едноставен за чистење и ракување.

Има и голема почетна брзина на куршумот (735 м/с, додека 9х19 „Парабелум“ има брзина од 400-450 м/с).

Сите овие показатели упатуваат на тоа дека главните ликови избрале одлично оружје.

Полуавтоматска пушка „Сајга“

Серијата пушки „Сајга“ е направена според системот автомати „Калашников“ за цивили кои сакаат нивното оружје да биде сигурно како наведениот автомат.

Тоа е всушност АК-74М кој има само полуавтоматски режим на стрелба. Таа модификација на АК има отпорност, сигурност и тактички можности по кои ова јуришно оружје и се прослави, со тоа што во неа се исправени низа недостатоци на стариот АК-47, на пример непрецизноста и дострелот.

Овде можете да дознаете зошто СССР ја отфрли најмоќната муниција со калибар 7,62x39 мм направена за автоматот „Калашников“.

Главниот лик користи „Сајга“ или АК-74М со муниција со калибар 5,45x39 мм. Пушката е првично користена за лов и за гаѓање во стреланите ширум Русија. Како што се гледа од серијата, на главниот лик му служи главно како експонат дома затоа што тој претходно немал искуство во ракување со оружје.

Денес „Сајга“ за муниција со калибар 5,45х39 мм може да се најде во арсеналот на ловците ширум Русија. Тоа е омилено оружје во оваа земја затоа што е мошне евтино (околу 500 долари) и многу сигурно.

АК-12

Интересно е што АК-12, најжестокиот автомат во денешна Русија, го користат најжестоките момци во серијата – припадниците на приватна воена компанија кои во првите две епизоди упаѓаат во куќите на богаташите.

АК-12 е сигурен како и класичниот автомат „Калашников“, само што е поергономичен и попрецизен.

Овој модел има нов склоплив бочен кундак кој може да се прилагоди на антропометријата на секој стрелец. Оружјето може да се прилагоди на сите околности, дури и во ситуации во кои се носи панцирен елек или се ползи низ кал или трева.

АК-12 има и нов пиштолски ракофат кој ги спојува сите механизми потребни за комплетно расклопување на оружјето.

Кај овој модел можат да се користат рамки за АК-74 и РПК-74, па дури и барабан за новиот митралез РПК-16.

Можете дури да ги забележите и шините „Пикатиниц“ во горниот и долниот дел на автоматот. Со нивна помош лошите момци монтирале разни нишани со црвени точки, оптика и лампи.

Ако обрнете внимание на врвот на цевката, ќе ја видите и гасната сопирачка. Згодна е за разбивање прозорци и сечење бодликава жица.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња