Во масовната култура на советскиот период овие џепчиња се поврзувале со народната носија на Кавказ, иако оваа облека е ретко користена, а исто така се асоцирала со Балбес, лик од култната комедија „Кавкаската заробеничка“. Во една епизода од овој филм јунаците се преоблекуваат во псевдокавкаска носија, а Балбес, кого го глуми Јуриј Никулин, во овие џепчиња ги чува цигарите и запалката.
Овие елементи од носијата се нарекуваа „газири“. Газири на градите носеле многу кавкаски народи, од Грузијците, Чечените и Осетинците до Кабарадинците и Адигејците. Русите ваквата носија за првпат ја виделе кај Черкесите, и затоа кафтанот со пришиени детали на руски се нарекува „черкеска“.
Газири на черкеските се пришивале од 18 век кога се појавило огненото оружје. Во отворите од ткаенина или од кожа се ставале фишеците со потребното количество барут. Ова во суштина бил своевиден реденик. Тука барутот не можел да се навлажни.
Во деловите кои се близу пазувите се чувал лач за распалување на полнењето, а подоцна специјална направа која се нарекувала капсула. Од секоја страна можело да има од 4 до 18 газири. На почетокот, за волја на вистината, не се пришивале на градите, ами се носеле во специјална торбичка „газирница“ која се префрлала преку рамо или се прицврстувала за појасот.
Многумина Кавкасци војувале на коњи и затоа главната функционална карактеристика на газирот се состоела во тоа што пушката можела да се полни во галоп.
Руската Империја во 19 век почнала да ги освојува териториите на Кавказ и тогаш козачката војска презела многу елементи од облеката на кавкаските народи – папахи (крзнени шубари со рамен врв), бурки (долги прекривки од чоја) и шашки (повиени козачки сабји со една острица), а исто така и черкески со газири.
Особено „гиздави“ биле газирите со сребрени дршки. Патем речено, и царот Николај Втори сакал да носи черкеска со газири, но таа во неговиот случај служела само за украс.
Најпознат козак со газири бил баронот Врангељ, генерал на царската армија, а потоа еден од водачите на антиболшевичкото Бело движење, во кое козаците имале важна улога. Секојдневната воена униформа на Врангељ била црн кафтан со пришиени газири. Тој поради ваквиот специфичен изглед дури и го добил прекарот „црниот барон“. Имал и бела свечена униформа со газири.
Козаците ѝ служеле и на советската власт, па таа ја почитувала нивната традиционална униформа. На Парадата на победата во 1945 година козаците на градите носеле и газири и ордени.
Черкеската со газири денес често се користи како изведувачки костим во културно-уметничките друштва,