Зошто СССР своевремено се откажал од силниот куршум за пушка 7.62х39 мм?

Комсомољскаја Правда/Global Look Press
Главната автоматска пушка на советската војска АКМ користеше мошне силен куршум со калибар од 7.62 х 39 милиметри, чие зрно можеше да пробие ѕид од тули на оддалеченост од 100 метри. Меѓутоа, на почетокот од седумдесеттите години на минатиот век советската воена индустрија донела одлука да користи куршум со намалена сила со калибар од 5.45 х 39 милиметри. Зошто?

Причини за промена на главниот куршум во советската/руската армија

„Како прво, концептот на куршум со помал калибар чие зрно има голема брзина на движење прв почна да го истражува славниот советски конструктор Владимир Фјодоров, кој инаку ја има дизајнирано и таканаречената „автоматска пушка Фјодоров“, за која многумина сметаат дека претставува прво оружје од ваква категорија што е развиено во светот. Лично сметам дека станува збор за прва автоматска пушка со свои специфичности во однос на стандардната борбена пушка што денес ја знаеме“, вели за Russia Beyond Владимир Онкој, врвен експерт за стрелачко оружје и инструктор за огнена обука.

Овој експерт напомена дека автоматската пушка Фјодоров користела куршум со калибар од 6.5 милиметри, така што во тој момент била 50 години пред своето време. За несреќа, почетокот на Втората светска војна го затворил овој проект.

„Следната можност кога руските конструктори се заинтересирале за проектирање на стрелачкото вооружување кое би користело куршум со голема брзина и мал калибар, се случило во шеесеттите години од минатиот век. Инспирирано од појавата на американскиот куршум со калибар од 5.45 х 45 милиметри, домашните конструктори започнале развој на муниција која за разлика од конкуренцијата имала помала маса (еден војник можел да носи повеќе куршуми), како и подобра балистичка патека, што овозможувало поквалитетни резултати за време на гаѓањето на средни и на големи дистанци. Новиот куршум исто така имал подобри перформанси зашто благодарение на големата брзина имал и поголема пробојност на балистичката заштита“, напоменува рускиот експерт.

Проектот на развој на нова муниција е успешно завршен, така што кон средината на седумдесеттите години од минатиот век беше конструирана автоматската пушка со ознака АК-74 која го користеше новиот куршум. Меѓутоа, без оглед на оваа сериозна новина само Советскиот Сојуз се префрли на новиот куршум. Останатите држави кои го користеа советското автоматско оружје од марката Калашников останаа верни на дотогашната муниција со калибар од 7.62 х 39 милиметри. Меѓу нив беа и држави како што се Индија, Пакистан, државите во рамките на Варшавскиот пакт, африканските земји, Народна Република Кина и многу други.

„Доколку борбената мисија се изведуваше на просторот на Блискиот Исток, тогаш ја користевме верзијата на автоматската пушка АК со стариот калибар, зашто така е поповолно на терен каде често морате да земате муниција од уништената непријателска жива сила. Доколку од другата страна операцијата се изведуваше на тлото на Руската Федерација, тогаш го користевме новиот куршум со калибар од 5,45 х 39 милиметри“, вели стручњакот.

Доблестите и маните на „стариот“ и на „новиот“ куршум

Објективните карактеристики на двата калибра имаат свои предности, но и свои недостатоци. На пример, единечната маса на куршумот со калибар од 7.62 х 39 милиметри изнесува 16.2 грама, додека куршумот со калибар од 5.45 х 39 милиметри изнесува само 10.3 грама. Поточно, борбениот комплет на војник кој обично изнесува 240 куршуми (количество што собира во осум рамки) е за 1.4 килограми полесен доколку се користи муницијата со калибар од 5.45 х 39 милиметри. Покрај намалената маса на куршумот, зголемен е и неговиот ефективен дострел (100+ метри), додека истовремено е намалено тресењето на оружјето за време на пукањето.

Меѓутоа, она што е главна предност на стариот куршум во однос на новиот е неговата поголема енергија на зрното и пробојноста. Исто така, новиот куршум има значително поголема шанса да рикошетира по тврди препреки, и на тој начин ја менува насоката што може да биде мошне опасно зашто може да доведе до неконтролирана штета.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња