Како минале низ животот потомците на големите руски писатели?

Култура
АЛЕКСАНДРА ГУЗЕВА
Од возач на трамвај до милијардер – судбината на потомците на познатите руски писатели (од Пушкин до Бродски) мошне се разликуваат.

Потомците на Александар Пушкин

Писателот го изгубил животот на 37 години во двобој, имал четири деца, а потомци имале само две од нив.

Постариот син Александар бил генерал на руската војска, а ќерката Наталија се омажила за принцот Николај Вилхем Хауски од Прусија.

Ќерката на Наталија, Софија, се омажила за внукот на царот Николај. Поради женидбата со лице од понизок сталеж, тој бил принуден да ја напушти земјата и денес потомците на Пушкини-Романови живеат во Англија. Еден од нив, на пример, Хју Ричард Луи, Гросвенор, 7 војвода Вестминстерски, се смета за најмлад милијардер на Велика Британија. Својот живот грижливо го крие од медиумите.

Уште една англиска аристократка Марита Филипс исто така е потомок на оваа врска. Таа е заинтересирана за творештвото на својот предок, па дури и има напишано опера „Пушкин“.

Последниот директен потомок што го носи презимето Пушкин е Александар Пушкин. Тој живее во Белгија, покровител е на уметноста и претседател на Сојузот на руски аристократи во Белгија. Покрај тоа, оженет е исто така за директен потомок на Пушкин Марија-Мадлен Дурново.

Потомците на Лев Толстој

Најплодниот руски писател имал 13 деца и голем број внуци. Родот на Толстој и денес спаѓа меѓу најбројните во Русија.

По револуцијата во 1917 година многу негови потомци ја напуштиле земјата и денес живеат по целиот свет. Еднаш на две години околу 200 од нив се собираат на семејниот имот Јаснаја Пољана.

Денес најпознатите потомци на Толстој што живеат во Русија се телевизиската водителка Фјокла Толстоја и Пјотр Толстој. Првата иницира и поддржува дигитални проекти за творештвото на писателот, а вториот е пратеник во Државната дума.

Ништо помалку познат не е Владимир Толстој, повеќегодишен директор на музејот Јаснаја Пољана, а денес и советник на рускиот претседател за култура.

Во Лондон живее уште еден познат потомок, фотографот Олег Толстој, кој има направено портрети на многу светски ѕвезди, меѓу кои и на Елтон Џон. За време на еден семеен собир во Јаснаја Пољана има направено и албум со фотографии на потомците на Толстој.

Потомците на Фјодор Достоевски

Достоевски имал четири деца. Две починале во детството, а две ја преживеале револуцијата од 1917 година

Ќерката на писателот Љубов емигрирала во Европа и напишала мемоари „Достоевски во сеќавањата на неговата ќерка“ (за волја на вистината, експертите сметаат дека во книгата има голем број неточности).

Синот Фјодор се обидел да стане писател, како неговиот татко, но на тоа поле не се прославил. Затоа ја зачувал архивата која пред него грижливо ја чувала неговата мајка.

Правникот на писателот по линијата на синот кој се вика Дмитриј живее во Санкт Петербург. Во интервју има изјавено дека по карактерот е сличен на својот прадедо. Нема стекнато високо образование (вели дека ни Достоевски не работел „по струка“) и има сменето над 20 различни работни места. Меѓу другото, долго работел како возач на трамвај.

Потомците на Владимир Мајаковски

Личниот живот на главниот заводник на поетскиот Сребрен век бил мошне бурен.

Негова официјална љубов и муза била Љиља Брик, мажена за Осип Брик. Тие дури извесно време живееле заедно тројцата, но од оваа врска немало потомци. Сепак, се знае за две негови деца кои се родени „на страна“. Едно од нив е скулпторот Никита Лавински, чија мајка е Елисавета Лавинска. Долго се сметало дека тој е син на сликарот Антон Лавински, кој, меѓу другото, соработувал со Мајаковски на неговите сценски поставки. Никита повеќе не е меѓу живите, а неговите деца Владимир и Елисавета исто така станаа ликовни уметници.

Мајаковски имал и ќерка Патриција, која е родена по патувањето на поетот во САД од кратката врска со руската емигрантка Ели Џоунс. Мајаковски бил воодушевен од вестите за раѓањето на детето и дури успеал да замине од Советскиот Сојуз во Парис и да се сретне со Ели и со нивна ќерка. Но, понатамошен контакт немало. Мајаковски набргу си го одзел животот.

Патриција дури на 9 години дознала кој е нејзиниот вистински татко, а во 1991 година тоа ѝ го соопшти на јавноста, што предизвика сензација. Почина сосема неодамна, во 2016 година, оставајќи ја книгата „Мајаковски на Менхетн“ за патувањето на поетот во Њујорк. Книгата е заснована на разговорите на Патриција со мајка си.

Потомците на Владимир Набоков

Писателот и самиот бил син на познат човек. Неговиот татко Владимир Набоков бил политичар, еден од лидерите на Уставно-демократската партија и голем опонент на болшевиците. Поради тоа семејството морало да ја напушти Русија за време на Граѓанската војна, а таткото наскоро бил убиен.

Владимир Набоков долго живеел во Германија, во САД и во Швајцарија. Во Берлин се родил неговиот единствен син Дмитриј, кој бил копија на татка си.

Тој има студирано на Харвард, пеел во опера, а потоа има предавано руски јазик, па дури и има работено за ЦИА. Но, секако, читателите и љубителите на Набоков се благодарни на Дмитриј најмногу за преводите на книгите на неговиот татко и на негувањето на неговото наследство, како и за тоа што во 2009 година, спротивно на волјата на неговиот татко, го објави незавршениот роман „Оригиналот на Лаура“. Дмитриј почина во 2012 година, немаше ниту едно дете.

Потомците на Јосиф Бродски

Бродски имал три деца од три различни жени. Најстариот син Андреј Басманов е син на сликарката Маријана Басманова, со која писателот имал комплицирани односи и на која ѝ има посветено голем број стихови. Андреј е повлечена личност, не дава интервју, и по покрај надворешната сличност со татка си не го одржува култот на поетот. Дури ни стиховите на Бродски не му се блиски. Има работено како градежник и како кондуктер. Неговата ќерка Пелагија е повеќе заинтересирана за познатиот дедо. Таа во интервју има речено дека со дедо ѝ ја поврзува љубовта кон мирисот на алгите. Внуката на Бродски е студентка, а во 2019 година дебитираше на балот на списанието „Татлер“ и така влезе во јавниот живот.

Ќерката Анастасија од кратката врска со балерината Маријана Кузнецова Бродски никогаш ја нема видено. Емигрирал веднаш по нејзиното раѓање, а Анастасија го дознала идентитетот на татка си дури на 23 години. Таа пее во музичка група во санктпетербуршките клубови и на необичен начин се има спријателено со Андреј Басман, дури и не знаејќи дека се брат и сестра.

Од последниот брак со Марија Соцани во САД Бродски ја добил ќерката Ана. Таа живееше во Англија, а сега се пресели во Италија.

Таа не зборува руски и татковите стихови ги чита на англиски, и тоа само по малку, зашто сака тоа запознавање долго да трае. Таа е сопственик на авторските права на делата на Бродски. Сите три деца се имаат сретнато на отворањето на музејот на поетот во Санкт Петербург во 2015 година. Тоа е единственото доаѓање на Ана во Русија.