Дваесет илјади членови на мешан хор и оркестар во кој свиреа осум илјади музичари ја изведоа во Санкт Петербург националната химна на Русија и на тој начин поставија светски рекорд, соопштија организаторите на серуската акција Денот на химната.
Најголемата изведба на руската химна во живо кога било, на стадионот „Гаспром Арена“ собра музичари од 85 региони на оваа земја во уникатен музички ансамбл. Химната на Русија ја свиреше оркестар од осум илјади луѓе, додека во хорот пееја повеќе од дваесет илјади членови од различни националности, пренесуваат руските медиуми.
Оркестарот се состоеше од професионални, воени и аматерски состави. Покрај професионалните изведувачи, настапија и претставници на младински и општествени организации, волонтери, фудбалски навивачи и гледачи.
Како што посочуваат организаторите, во оркестарот се свирело на 19 типа инструменти, жичени, дувачки, ударни и клавијатури. Оркестарот настапи на стадионот поделен на 192 полиња, во кои беа распоредени 8097 музичари.
Уникатниот состав на оркестарот влезе во Гинисовата книга на рекорди како најголем, со што го сруши рекордот поставен 2016 година кога 8076 насобрани музичари настапија во „Комерцбанк“ арената во германскиот град Франкфурт. Рускиот рекорд беше регистриран од страна на официјалниот судија на Гинисовата книга на рекорди Љуси Синигалези, соопштија организаторите, истакнувајќи дека по внимателното проверување и пребројување на членовите на оркестарот, рекордот е официјално потврден.
Руската химна ја изведоа 181 оркестар и 200 хорови од 85 руски региони, меѓу кои беа Оркестарот на 21 век под раководство на Павел Овсјаников, Балтичкиот симфониски оркестар, оркестарот Руска филхармонија, Руската филхармонија, MOSCOW City под раководство на Владимир Јацкевич, мешовитиот воени оркестар н северозападниот воено округ на Националната гарда на Русија, ансамблот на песни и игри „Александров“, Академскиот хор на руски песни под раководство на Николај Азаров, изведувачи од младински и волонтерски организации, како и хорот на навивачи на Фудбалскиот Сојуз на Русија.
Во продолжение беше изведена програма со руски народни песни „Еј, ухнем“ проследена со светлосни ефекти.
Музиката на современата руска химна, која оваа година слави 75 години постоење, првпат е изведена на натпревар во Советскиот сојуз во 1944 година. Зборовите на химната повеќе пати се менувани, додека музиката на композиторот Александар Александров е задржана во сите варијанти на советската, а потоа и на руската химна.