„Нетфликс“ сними документарна серија за царска Русија со фактичка грешка

Култура
RUSSIA BEYOND
Во американската документарна серија „Последните цареви” на компанијата „Нетфликс“, која зборува за животот и трагичната смрт на семејството на рускиот цар Николај II, прикажана е фотографија од Црвениот плоштад во Москва со мавзолејот на Ленин.

Фотографијата требало да го прикаже Црвениот плоштад од времето пред Октомвриската револуција. Грешката ја забележаа корисниците на социјалните мрежи, пренесуваат руските медиуми.

Серијата „Последните цареви” беше најавена како една од најскапите документарни емисии на „Нетфликс“. Најавено е дека проектот повеќе ќе инсистира на уметнички приказ на историјата: актерите во серијата играат сцени од животот на царот Николај II и неговото семејство, а контекстот на некои сцени го објаснуваат историчари. Првата епизода премиерно беше прикажана на 3 јули.

Камениот мавзолеј е подигнат на Црвениот плоштад 1930 година. Во него во проѕирен саркофаг е изложено телото на Владимир Илич Ленин.