„Навистина не ни верувате?“, Валериј Легасов, советски научник и главен лик во минисеријата „Чернобил“ на Ејџ-Би-Оу, се соочува со првиот човек на КГБ откако неговите потчинети го уапсиле неговиот колега.
„Се разбира, јас ти верувам“, одговара шефот на КГБ. „Но, ја знаете старата руска поговорка: Верувај, но потврди. И Американците мислат дека Роналд Реган ја измислил...“
Чекај, од каде навистина излегло тоа?
Оваа поговорка се римува на руски – Доверяй, но проверяй - и буквално значи дека одговорното лице секогаш проверува сè, пред да се посвети на заеднички бизнис со некого, дури и ако тоа е целосно доверливо.
На руски јазик, изреката се претворила во клише кое може да се употреби во сите околности, почнувајќи од политичките преговори до брачниот другар, со што се тврди дека жената има право да пристапи до смартфонот на својот сопруг во секое време, зашто сака, бидејќи, добро, доверяй, но проверяй (што во основа подразбира дека во двата случаи нема многу доверба меѓу страните)!
Но, Реган не го смисли тоа. Ниту, пак, Американците навистина мислат дека нивниот претседател прв излегол со оваа руска поговорка.
Наместо тоа, американскиот претседател во времето на Студената војна едноставно ја популаризираше фразата „верувај, но потврди“ во американскиот политички дискурс. Хилари Клинтон, Барак Обама, сенаторите Тед Круз и Колин Пауел во повеќе наврати ја користеа англиската преведена фраза - и ја припишаа на Роналд Реган. И на некој начин тие имаа право: тој беше првиот Американец кој го кажа тоа на територијата на САД.
Реган слушнал за руската пословица кога се подготвувал за разговори со советскиот лидер Михаил Горбачов. Советникот на Реган за Русија, Сузан Маси, му предложила на претседателот да научи неколку руски поговорки за да го забавува својот колега. Излегува дека на Реган најмногу му се допаднала „верувај, но потврди“.
И на Горбачов навистина почна да му пречи тоа што Реган претерува со употребата на ова конкретна анегдота.
Иако поговорката постои долго време, Русите имаат тешкотии да го идентификуваат нејзиното потекло.
Во најпознатиот водич за руските пословици, составен и објавен од познатиот лексикограф Владимир Даљ во 1879 година, не е вклучена оваа поговорка. Тоа значи дека „верувај, но потврди“ морала да се „појави“ дури во последните години од 19 или на почетокот на 20 век.
Владимир Ленин има искажано своја верзија на оваа поговорка (иако не толку елегантно) во својот говор од 1914 година: „Не верувајте на зборот, проверете строго – ова е слоганот на марксистичките работници!“
Јосиф Сталин ја повтори идејата на Ленин години подоцна: „Здравата недоверба е добра основа за заедничко работење“.
Советскиот филм „Големиот живот“ од 1939 година има поговорка која што е иста од збор до збор, но сепак не е јасно дали токму од овој филм потекнува омиленото клише на Реган. Веруваме дека е така но пак треба да се провери...
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче