Четири руски историски филма што задолжително треба да се погледнат во 2019 година

Андреј Волгин/Блесс-Фильм; Апгрејд Вижн; ARCHANGEL STUDIOS, 2019
Доколку сте изморени од стандардните филмови за Втората светска војна, руските филмски творци оваа година имаат за вас нешто посебно: затегната ситуација помеѓу Русија и НАТО во Југославија, крваво востание против рускиот цар и драматично повлекување на советските единици од Авганистан.

1. Балканска меѓа

Филмот во руско-српска копродукција заснован е на вистински настани на Косово од 1999 година. За да ги заштитат Србите, на руските мировни сили им е наредено да изведат брз и неочекуван марш од Босна до Косово и да го заземат локалниот аеродром „Слатина“ пред до него да стасаат единиците на НАТО.

Според сценариото на филмот, пред доаѓањето на миротворците доаѓа до немилосрден судир помеѓу две мали групи руски специјалци и неколку стотини косовски Албанци. Иако очигледно осудени на пропаст, тие се борат до крајот за да го задржат аеродромот до доаѓањето на руските единици.

Публиката во Русија и Србија веќе топло ја дочека „Балканска меѓа“ зашто филмот ги буди патриотските чувства и го оживува пријателството помеѓу дветe земји.

„По филмот на Анџелина Џоли и многу други за 'српските ѕверови', ајде да покажеме барем едно поинакво мислење. И драго ми е што филмот беше добар“, запиша еден гледач.

Прочитајте исто така: Со фрлач на гранати против колоните на НАТО: Сеќавање на руски падобранец на аеродромот Слатина

2. Сојуз за спас

За време на руската кампања во Европа против Наполеон многумина офицери имале можност да се уверат колку се разликуваат условите за живот во Русија и во другите земји. Очајнички сакајќи промени, како укинување на кметството и монархијата, овие офицери организирале тајни друштва. Во декември 1825 година царот Александар Први починал и, пред неговиот наследник Николај да го преземе престолот, заверениците решиле да кренат востание.

Од распадот на Советскиот Сојуз руските филмски творци немаа направено ниту еден голем проект посветен на Востанието на декабристите, како што подоцна беше наречена оваа буна. Со буџет од над 11 милиони американски долари, овој филм е величествен спектакл за настаните кои можеа во целост да го променат текот на руската историја.

3. Братство

По подолга пауза руската кинематографија повторно се врти кон темите од советската војна во Авганистан. Филмот „Братство“, чија премиера беше одржана оваа година, го прикажува повлекувањето на советската војска од оваа земја. Една дивизија на советската војска мора да мине низ тунелот Саланг што го контролира голема група муџахедини.

За да осигури безбеден премин, поручникот Василиј Железњаков доброволно станува заложник на авганистанскиот водач. Ако нешто тргне кон лошо, ќе одговара со својата глава.

Во последниве години темата за Авганистанската војна само повремено се појавува во руската кинематографија. Филмот „Братство“, заснован на реални настани, е прв значаен акциски филм за оваа војна за последниве 30 години.

4. Коридор на бесмртноста

Во 2019 година во Русија се одбележува 75-годишнината од завршувањето на Опсадата на Ленинград, еден од најтрагичните настани во Втората светска војна кој однесе животи на над 700.000 цивили.

Руските филмски творци не седеа со скрстени раце, чекајќи ја оваа важна годишнина, ами на публиката ѝ понудија неколку филмови на оваа тема. Еден од нив е „Коридор на бесмртноста“ кој зборува за група момчиња и девојки кои учествуваат во изградбата на тајна железничка пруга која треба да го поврзе градот под опсада со остатокот од земјата.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња