Со фрлач на гранати против колоните на НАТО: Сеќавање на руски падобранец на аеродромот Слатина

Од личната архива на Алексеј Догадин
Падобранецот Алексеј Догадин од 2 руски баталјон мировни сили е учесник во познатиот засилен марш на Приштина во јуни 1999 година. Кога на аеродромот Слатина му се приближија силите на НАТО, дваесетгодишниот падобранец со фрлач на гранати во рацете застана пред колоната британски тенкови. Во ексклузивно интервју за Russia Beyond Догадин се сеќава на настаните што се случија пред 20 години.

„Во Приштина нè дочекаа како руските ослободители од 1945 година“

Во војската сум од својата осумнаесетта година. Нашиот баталјон како дел од мисијата на СФОР беше распореден на територијата на Босна и Херцеговина покрај населбата Симин Хан кај Тузла. На 11 јуни транспортерите и камионите со 200 луѓе тргнаа во правец на приштинскиот аеродром.

Тргнавме рано наутро. Тешеко беше да се гледа бомбардираната земја, мостовите и патиштата беа разурнати. Патот нѐ водеше низ Белград, а мештаните насекаде беа восхитени од нашето доаѓање. Во Приштина влеговме среде ноќ. Но, без оглед на тоа, никој не спиеше. Улиците беа полни со луѓе кои излегле да ја пречекаат нашата колона. Сетоа тоа личеше на документарни кадри од влегувањето на црвеноармејците во Белград во 1945 година. По целиот пат не следеа извици „братска Русија“! Нашите транспортери беа посипани со цвеќе, и беше јасно дека луѓето од нас очекуваат помош.

Се сеќавам и на нешто друго. Наидувавме на колони на југословенската армија. Никогаш нема да го заборавам изразот на очај на нивните лица. Беа желни да ја бранат својата татковина, но им наредија да се повлечат. И беше тешко да се види тоа, победената армија секогаш изгледа страшно тажно.

На самиот аеродром стасавме рано наутро. Веднаш ги зазедовме позициите. Го контролиравме целиот аеродром. Поставивме барикади од она што најдовме, од буриња и противтенковски бариери. На територијата на аеродромот беше југословенската армија, па имавме доволно материјал за барикади, тоа ни беше од голема помош. Практично секој од нас беше професионален војник, луѓе кои биле на боишта. Јас, да кажеме бев сведок на вооружениот конфликт во Абхазија. Нашите војници беа искусни, но сеедно, не може човек да се навикне на војна.

Нашата задача беше да го заземеме и да го задржиме аеродромот. Ни велеа дека за помалку од 24 часа ќе долетаат авиони со зајакнување. Но, небото беше затворено. Ние за тоа дознавме дури подоцна од новинарите кои беа таму од првиот ден.

„Тешко беше да се види дека на Србите им е потребна помош, а ние не можеме да им помогнеме“

Локалните жители се обидоа да ни помогнат. Ми останаа во добро сеќавање. Им помагавме на Србите да ја напуштат окупираната територија. Лошо беше само тоа што не можевме да направиме повеќе за нив. Секоја ноќ де овде, де онде избиваа пожари. Албанците ги палеа српските куќи, а ние немавме право да ја напуштиме територијата на аеродромот. Британскиот КФОР не патролираше ноќе, а наутро дознававме дека српското население повторно било тероризирано. Тешко беше да се види дека на луѓето им е потребна помош, а ние не можеме да им помогнеме.

Практично целиот аеродром беше бомбардиран. Недопрена остана само пистата и беше јасно дека ја оставиле за подоцна самите да можат да ја користат. Сè им беше однапред испланирано.

Команда „не дозволувајте никој да мине“

Тоа утро бев на стража со својот командир. На патот се појави британска тенковска колона. Одеа право кон нас, се чинеше дека немаат намера да застанат. Застанаа дури кога нè здогледаа. Првиот тенк забави. Се надевавме дека повеќе нема да се приближи, се обидовме да воспоставиме врска со нив. Имавме конкретна задача: да не дозволиме никој да мине! Беше објавена тревога, војската беше подготвена, а јас и командирот тргнавме кон таа колона. Сфативме дека не можеме ништо против тенкот. Пријдовме, во рацете имавме само фрлач на гранати. Стоевме извесно време и се гледавме: јас и командирот од една страна, тенкот од другата. Британците се поврзаа со својата команда. Мојот командир се искачи на тенкот и се обиде да им објасни дека понатаму нема да минат, бараше да разговара со постариот офицер. Во филмот на Пјотр Љубимов „Приштински марш“ се вели дека командирот зборувал на лош англиски. Всушност тоа беа само руски пцости. Од страна изгледаше комично, особено што го спуштија капакот кога командирот скокна на тенкот. Но, тоа е само така отстрана. Сега дури ни јас не можам да кажам колку долго траеше тоа. Подоцна другарите ми рекоа дека станувало збор за само неколку минути, а мене ми се чинеше дека времето се развлекло. За уништување еден тенк би морал неколку пати да испукам од фрлачот на гранати. А, имаше цела колона тенкови, Потоа малку се повлекоа, а тенкот кој одеше на чело застана странично. Дури тогаш се опуштивме. Сфативме дека паднал некаков договор, а како се одвивале преговорите дознавме подоцна. Имавме конкретна задача и ја исполнивме.

Командантот на силите на НАТО во Европа американскиот генерал Весли Кларк му наредил на генералот Мајкл Џексон да го заземе аеродромот пред Русите.

Познатиот британски музичар Џејмс Блант кој во 1999 командувал со одред падобранци на Косови потврди дека Весли Кларк наредил аеродромот да се исчисти од руските сили. Блант за Би-Би-Си изјави дека не би пукал врз Русите дури и под закана за воен трибунал. „Директната наредба на Весли Кларк беше да го исчистиме аеродромот од Русите, тој користеше за нас невообичаени изрази, како што е 'да се уништат'. За заземањето на аеродромот постоеше политичка причина. Но, практично последица на сето тоа би бил напад на Русите. На крајот на краиштата командантот на британските сили на Балканот Мајкл Џексон изјави дека нема да им дозволи на своите војници да започнат трета светска војна“.

„Животот не е филм. Беше сиво, грдо и страшно.“

„Балканска меѓа“ задолжително ќе ја погледнам. Трејлерот изгледа убаво, но мене ми е тешко да ја оценам „убавината“ на тие настани. Тоа го видов во свои бои: беше грдо, страшно, ние ги исполнувавме своите обврски.

Замислете како е кога сте 200 луѓе, кога до татковината има најмалку 2.000 километри и, како се пренесуваат вести дека никој нема да дојде да ви помогне. Доколку одлучеа, можеа да нè прегаат за 15 минути и никој никогаш немаше да дознае дека воопшто сме биле таму.

Алексеј Догадин сега живее во својот роден Железногорск кој во советскиот период неофицијално се нарекуваше „Атомград“ поради производството на плутониум за воените потреби. Тој е рудар, како и неговиот татко и дедо, има и семејство. Награден е со медал на Руската Федерација „За храброст“.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња