Се венчале наспроти револуцијата од 1917 година и официјално биле во брак сè до смртта на Ољга во 1955 година, иако Пикасо во меѓувреме имал многу други жени. Поминале заедно 17 години и добиле син. Ољга продолжила да му пишува писма на мажа си и по нивното разделување, па се зборува дека го прогонувала и него и неговите љубовници.
Пикасо и Ољга Хохлова се запознале благодарение на познатиот руски импресионист Сергеј Дјагилев. Таа била балерина на „Руските сезони“, а Пикасо како сценограф и како кореограф учествувал во балетот „Парада“.
На Шпанецот толку му се допаднала Русинката што ја следел на гостувањата низ Шпанија и го насликал еден од најпознатите портрети, Ољга со традиционални шпански украси за глава – мантила. За волја на вистината, Пикасо при својата работа користел обичен везен чаршав за на маса.
Дјагилев му напомнал дека руските жени обично живеат во брак, така што Шпанецот jа запросил. Поради Ољга сликарот се оддалечил од кубизмот, а овој период од неговото творештво често се нарекува „неокласицизам“. И само поради тоа што неговата сопруга сакала портрети на кои можела да се препознае.
Портретот на Ољга за 17 години од нивниот заеднички живот минал низ многу фази, па дури и нешто слично на иконопис.
Поради својот сопруг Ољга го напуштила балетот, одбила да патува со „сезоните“ на Дјагилев во Латинска Америка. Малку подоцна повредила нога и најчесто го минувала времето во фотелја.
Додека таа уживала во семејниот живот, во Русија се случила револуција и избувнала граѓанска војна. Три години Ољга не знаелa што се случило со нејзините родители, со браќата и со сестрите. Подоцна слушнала дека нејзиниот татко исчезнал без трага, дека едниот брат загинал, другиот избегал од земјата, а нејзината мајка и сестрите живеат во сиромаштија. Тогаш настанале портретите на тажната и замислена Ољга.
Во февруари 1921 година Ољга го родила нивното единствено дете, синот Пол. Пикасо бил среќен и многу ја сликал својата сопруга со бебето во рацете како Богородица.
Односите помеѓу Ољга и Пикасо почнале да се расипуваат кон средината на дваесеттите години од минатиот век. Ољга била љубоморна, но имала причина за тоа. Особено ја повредило тоа што Пикасо повторно почнал да ги слика балерините од „руските сезони“ во Монте Карло, додека таа се откажала од својата кариера поради мажа си.
Критичарите сепак велат дека на сликата „Танц“ Пикасо ја насликал токму Ољга.
Кога започнала кризата во нивните односи, Пикасо сè помалку правел портрети на кои Ољга можела да се препознае. Тој не можел да ја поднесе нејзината љубомора и сè повеќе време минувал со нови музи.
Ољга и Пабло престанале да живеат заедно во 1935 година, но тој сепак наоѓал место на платната за ликот на својата сопруга.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче