Познатото дело на рускиот претставник на реализмот Илја Репин (1844-1930), изложено во Москва во Третјаковската галерија, беше сериозно оштетено со удари на метална шипка на 25 мај.
37-годишен маж го скрши стаклото што ја штитеше сликата „Иван Грозни и неговиот син Иван, 16 ноември 1581“ и го оштети платното. Вели дека го сторил тоа затоа што смета дека сликата е лажно прикажување на историјата. Иван Грозни не си го убил синот, тврди вандалот.
Платното е оштетено на три места, а оштетена е и рамката. „За среќа, највредните делови на сликата – лицата и рацете на царот и неговиот син – не се оштетени“, изјавија за медиумите претставници на Третјаковската галерија. Сликата е дадена на реставрација.
Ова не е првпат ова уметничко дело, насликано 1885 година, да биде цел на напад. Иконографот и староверец Абрам Балашов во 1913 година со нож ја пробил сликата во истата галерија. Репин веднаш дошол во Третјаковка да го поправи своето дело, но не можел да ја заврши работата поради влошениот вид.
Историчарите и понатаму дискутираат дали Иван Грозни во напад на бес го убил својот син Иван.