Седум руски кинохитови што не треба да ги пропуштите

Адмирал

Адмирал

20th Century Fox
Ова се филмовите кои заработија најмногу пари на киноблагајните по распадот на Советскиот Сојуз. Сигурно вреди да се погледнат.

Дневна стража (2005)

Заработка на благајните: 31 милион американски долари

Еден од најуспешните филмови во историјата на современата руска кинематографија „Дневна стража“ („Дневной дозор“) е продолжение на „Ноќна стража“ (2004). Ова е приказна за конфликт помеѓу две групи луѓе со натприродни способности: групата на Мрачните кои се на страната на злото и на темнината, и Ноќната стража што ги штити луѓето од нив. Двете страни со векови одржувале нестабилно примирје, но сега изгледа дека следува војна...

Адмирал (2008)

Заработка на благајните: 34 милиони американски долари

„Адмирал“ е приказна за трагичниот живот на адмирал Александар Колчак, еден од главните водачи на Белото движење за време на граѓанската војна во Русија (1917-1923). Филмот не се ограничува само на сцени од борбата, ами го прикажува и љубовниот однос помеѓу Колчак и поетесата Ана Тимирјова.

Виј (2014)

Заработка на благајните: 34 милиони американски долари

„Виј“ („Вий“), заснован на фантастичната (хорор) приказна на Николај Гогољ, е приказна за британскиот картограф Џонатан Грин кој неочекувано се наоѓа во оддалечено село во западна Украина во 18 век. Тука доживува настани што не можат да се објаснат и среќава страшни суштества од локалниот фолклор. Во 2018 година во кината ќе се појави и продолжение на филмот „Виј“ под наслов „Виј 2: Патот во Кина“ кој е снимен како руско-кинеска копродукција со голем буџет. Во овој филм на Цејсон Флеминг и на Чарлс Денс кои играат во првиот дел ќе им се приклучат и Џеки Чен и Арнолд Шварценегер.

Новогодишна елка 3

Заработка на благајните: 38 милиони американски долари

„Новогодишна елка 3“ („Ёлки 3“) е трети дел од популарниот филмски серијал кој во кината се прикажува пред Нова година и до денес има шест продолженија. Филмот прикажува неколку луѓе во различни градови ширум Русија кои на новогодишната вечер доживуваат необични нешта. Излегува дека овие луѓе кои не се познаваат се поврзани на некој начин.

Иронија на судбината 2 (2007)

Заработка на благајните: 49 милиони американски долари

Овој филм е продолжение на еден од најпопуларните советски филмови „Иронија на судбината или на здравје бањата“ („Ирония судьбы или с легким паром“) од 1975 година. Во советската класика Евгениј Лукашин се напива и пријателите по грешка го испраќаат во Ленинград (денешен Санкт Петербург) со авион во несвесна состојба. Таму доаѓа во стан за кој мисли дека е негов, со оглед дека неговата адреса во Москва случајно постои и во Ленинград. Во станот Лукашин ја запознава Надја во која се вљубува, иако дома го чека свршеницата.

Но, во продолжението гледаме дека односите помеѓу Евгениј и Надја не се развиле понатаму и дека тие си заминале секој на својата страна. По иронија на судбината, синот на Евгениј Костја се напива и со авион заминува во Санкт Петербург каде стигнува во истиот стан и ја запознава ќерката на Надја, која исто така се вика Надја. Сепак, не е сè како што изгледа...

Сталинград (2013)

Заработка на благајните: 51 милион американски долари

За време на Сталинградската битка група руски војници ја бранат стратешки важната зграда во разорениот град. Тука пронаоѓаат една девојка која преживеала во урнатините.

Движење нагоре (2017)

Заработка на благајните: 53 милиони американски долари

Филмот „Движење нагоре“ („Движение вверх“) брзо изби на првото место на најгледаните руски филмови со најголема заработка во кината. Ова е приказна за драматичното и контроверзно финале на олимпискиот натпревар во кошарка во 1972 година во Минхен. Изгледаше дека американскиот тим ќе победи со еден поен разлика, но поради технички грешки последните три секунди од натпреварот се повторуваат и Советскиот Сојуз извојува победа. Но, Американците никогаш не го признаа поразот.

Прочитајте уште: 10 филмови кои ја дефинираат руската кинематографија

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња