Императорскиот руски двор бил еден од најбогатите во Европа. Дијамантите, рубините и сафирите се појавуваа и создаваа аура на супериорност, нешто што европските амбасадори и монарси го пишуваа во своите мемоари, откако биле примени од страна на руските цареви. Russia Beyond се сеќава на пет од најмистериозните приказни поврзани со богатствата од кралската ризница.
1. Круната на Мономах
Ова е најстариот зачуван предмет од царските регалии. Златните плочки на круната се украсени со повеќе од 40 камења: смарагди, сафири, рубини и бисери, а работ е изработен од крзно. Царевите ја поддржувале легендата дека круната е подарок од византискиот император Константин до неговиот внук, кнезот од Киев, Владимир Мономах, кој владеел во текот на 12 век. Таа првично потекнувала од Вавилон, каде што била пронајдена меѓу богатствата на Навуходонозор. Киевските кнезови ја пренеле на Владимирските кнезови, кои пак им ја предале на московските кнезови, кои ги обединиле кнежествата во една нација. Според тоа, концептот на Москва како Трет Рим бил оправдан и нагласена е моќта на московските кнезови.
Пореалистичната теорија вели дека круната, којф според формата е од Централна Азија, е направена на крајот на 14 век од страна на азиски мајстори и му била подарена на московскиот кнез Иван Калита за неговата лојалност од Ханот Узбек на Златната орда. Оттогаш „златната капа“ била предавана од таткото на најстариот син. Руските цареви ја носеле само еднаш за време на нивниот живот: кога биле крунисувани. Последен пат била носена во 1682 година, на крунисувањето на Иван Петти.
2. Дијамантот Орлов
Во текот на поголемиот дел од 18 век, во Русија владееле жени, и за тоа време императорскиот двор навистина буквално сјаел. Екатерина Велика била позната по својата љубов за накит. Не е ни чудо што за време на нејзиното владеење во посед на рускиот двор се нашол еден од најпознатите камења во светот, дијамантот Орлов, кој во 1774 година станал дел од царскиот трон.
Според легендата, каменот од 189.62 карати ѝ бил даден на Екатерина Велика од нејзиниот љубовник, Григориј Орлов. Друга теорија тврди дека царицата тајно го купила каменот со пари од кралската каса.
Дијамантот бил пронајден во рудниците на Голконда, Индија, во 17 век и бил најпрво во сопственост на Големите Могули. Во средината на 18 век персискиот владетел Надер Шах го зазел Делхи и го зел каменот заедно со други богатства. Потоа бил вграден во окото на Ранганата во хиндуистички храм, но бил украден од француски војник. Поради каменот тој се преобратил и служел во храм додека не ја добил довербата од браманите. Благодарение на Французинот, дијамантот се појавил во Лондон, каде неколку пати го сменил сопственикот пред да дојде кај дворскиот јувелир Иван Лазарев кој ѝ го продал на царицата Екатерина Велика.
3. Дијамантот Шах
Уште еден уникатен дијамант се нашол во Русија во потрагични и покрвави услови. Во 1829 година персискиот принц му го донел на Николај Први како компензација по нападот на руската амбасада во Техеран и убиството на Александар Грибоедов, дипломат и автор на познатото дело „Од умот си страдаме“.
Крупниот прозрачен дијамант со необична издолжена форма со тежина од 88.7 карати не е обработен, само е полиран, а дупката во тесниот дел укажува на тоа дека се носел како талисман.
Неговата приказна започнува на едно наоѓалиште во Индија во средината на 15 век. На трите негови плоснати делови се изгравирани имињата на сопствениците од различни времиња – султанот Бурхан Втори, кој го нарекувал „прстот на Алах“, владетелот на империјата на Големите Могули шахот Џахан Први и на персискиот Фетх Али-Шах. По некоја чудна случајност по секое потпишување се случувале војни и потреси и дијамантот го менувал сопственикот. Последниот натпис е нанесен во 1824 година, по што армијата на шахот била поразена во руско-персиската војна. По мировниот договор на Руската империја ѝ припаднала територијата на источна Ерменија, а освен тоа шахот требал да му исплати на императорот 20 милиони рубли во сребро. И иако дијамантот ја добил славата за исплата за крвта на рускиот амбасадор во Техеран, историчарите сметаат дека императорот го добил за исплата на долгот.
4. Владимирска тијара
Историјата на брилијантската тијара со крупни бисери во облик на капки, со која често се појавува англиската кралица Елизабета Втора, започнала во Руската империја во 19 век. Во 1874 година великиот кнез Владимир Александрович, помалиот брат на Александар Трети, го донел како свадбен подарок на својата невеста војвотката Мекленбург-Шверинска. Изработката на подарокот била доверена на јувелирската куќа Болин, која правела накит за царскиот двор, а самата тијара почнале да ја нарекуваат Владимирска, според нарачателот.
По Револуцијата великата кнегиња се криела во Кисловодск, и како чудо, благодарение на помошта од англискиот дипломат и антиквар Алберт Стопфорд, успеала да ги земе од сефот во Петербург парите и скапоцените работи, а во 1920 година ги изнела од Русија. По смртта на кнегињата, нејзината ќерка го продала накитот на англиската кралица Марија од Тека, жена на кралот Џорџ Петти. Така што за Елизабета Втора тијарата е наследство од баба си, а не спомен за големината и падот на Руската империја.
5. Скапоценостите на последната императорка
Сопругата на Николај Втори, Александра Фјодоровна, поседувала прекрасна колекција накит. Меѓу нив и уникатни предмети – брош Фаберже во вид на чајна роза со цветни брилијанти или двометарски синџир од идеално избрани бисери со величина на грозје. Кога во 1917 година болшевиците го однеле семејството во Сибир, царицата со ќерките зела со себе дел од накитот, криејќи ги ѓерданите на телото под облеката, шиејќи дијаманти наместо копчиња и пришивајќи ги во поставата под капите, кадифените појаси и долната облека. По стрелањето сето тоа им припаднало на болшевиците.
Во 1925-26 година се појави илустриран каталог на Алмазниот фонд, составен од царските скапоцености и регалии. Изданието во четири дела било преведено на основните европски јазици и било поделено кај потенцијалните купувачи. Во октомври 1926 година претставникот на англо-американскиот синдикат Норман Вејс купил 10 килограми од царските скапоцености, при што платил 50 илјади фунти стерлинзи. Дел од нив тој продал на „Кристис“, но основните ремек-дела биле дел од аукцијата „Скапоценостите на Руската држава“ кој тој самиот ја организирал во Лондон во март 1927 година. Меѓу 124 предмети била брачната императорска круна, дијадема со класје, рубиновиот портбукет на Екатерина Втора.