Пушкинов медал како круна на повеќедецениската работа на професор Чундева

Амбасада на Русија во Македонија
Во просториите на НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје во организација на Рускиот центар при УКИМ беше одржана промоција на монографијата „Русизмите во македонскиот литературен јазик“ на Нина Чундева, која на настанот беше наградена и со Пушкинов медал.

Во петокот, 22 декември, во 12 часот, Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ заеднички организираа промоција на монографијата „Русизмите во македонскиот литературен јазик“ која беше издадена кон крајот на септември годинава. 

Во рамките на промоцијата на професорката Нина Чундева со указ на претседателот на Руската Федерација ѝ беше доделен Пушкиновиот медал, висока државна награда која се доделува за заслуги во областа на културата и уметноста, просветата, хуманистичките науки и литература, за голем придонес и зачувување на културното наследство, за зближување и заемно збогатување на културите на нациите и народностите. Од името на претседателот на Руската Федерација Владимир Владимирович Путин медалот го додели заменикот на дипломатската мисија на Русија во Македонија Константин Алексеевич Берсењов, кој во своето обраќање со должна почит ѝ се заблагодари на професор Чундева за нејзината повеќедецениска научна и образовна дејност, како и за придонесот што таа го дала за русистиката. 

Промотори на оваа монографија беа д-р Емил Ниами од Рускиот центар при УКИМ и  проф. д-р Красимира Илиевска, кои, исто така беа и рецензенти на изданието. Russia Beyond-Македонија на своите читатели им ја претставува оваа монографија во куси црти, онака како што таа беше претставена на присутната публика од страна на промотерите. 

Книгата „Русизмите во македонскиот јазик“ од авторката Нина Чундева има интересна историја. Всушност се работи за докторска дисертација која професор Чундева во 1980 година ја одбранила на тогашниот Филолошки факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје под менторство на професорот и академик Блаже Конески. По нејзината одбрана, дисертацијата останува заборавена на полиците во библиотеките, а пристап до неа имаат само мал број лица кои се интересирале за оваа проблематика. Пред година и пол, кога професорката Чундева го одбележуваше својот 80-годишен јубилеј, неколкумина нејзини колеги се согласија дека оваа докторска дисертација треба да стане достапна до целокупната стручна и научна јавност, и дека со неа би можеле да се користат и студентите македонисти и русисти, како и сите оние кои се заинтересирани за македонската лексикологија. Едногласно беше донесен став дека е потребно дисертацијата што поскоро да биде отпечатена и да стане достапна за јавноста. 

Она по што е единствена оваа книга е фактот што авторката пред себе си поставила мошне обемна и сериозна задача за процесот на оформувањето на македонскиот литературен јазик и местото и улогата на рускиот јазик во тој процес. Авторката врши историско проучување на русизмите во македонскиот јазик, започнувајќи од деветнаесеттиот век, односно Јордан Хаџи Константинов – Џинот, па сè до педесеттите, шеесеттите и седумдесеттите години од дваесеттиот век. Во работата таа препрочитува колосален број литература од која врши ексцерпција на материјалот. Притоа, авторката се потпира на етимологијата на зборот, на каналите преку кои е прифатен во македонскиот јазик, неговото значење, кое во голем број случаи се разликува од значењето што соодветната лексема го има во рускиот јазик и ја разгледува контекстуалната функција на зборот кај соодветниот автор. Покрај ваквата анализа, професорката Нина Чундева дава голем теоретски придонес како кон позајмувањата и причините за нив, така и кон процесот на навлегување на русизмите во македонскиот јазик и нивната транскрипција. 

Како што и самата вели во предговорот кон докторската дисертација една од централните задачи на историската лексикологија е да ги проучи јазичните контакти и јазичното позајмување. Во својот труд авторката го разгледува процесот на оформувањето на македонскиот литературен јазик и местото и улогата на рускиот јазик во тој процес, при што таа се судира и со низа проблеми (кои успешно ги решава) од нелингвистички карактер, а дел од нив се социјалните услови на општествениот развој од кој е и обусловен развојот на еден, во случајов македонскиот, јазик. Затоа во својот труд професорката Чундева ги разгледува не само позајмувањето од рускиот јазик и процесите што тоа позајмување ги предизвикува, туку и екстралингвистичките фактори што го обусловуваат меѓујазичниот контакт во разни периоди од развитокот на македонскиот јазик. 

Во трудот особено место зазема контактолошкиот аспект при позајмувањето од рускиот во македонскиот јазик. Од спроведената анализа професор Чундева заклучува дека „јазичните контакти меѓу рускиот и македонскиот јазик во сите етапи од неговиот развој биле дистантни и руската лексика поминувала во македонскиот јазик претежно по писмен пат, со посредство на двојазични автори, преку преводна литература, а во поново време (односно во времето кога е пишувана докторската дисертација) и преку печатот, преку научни и стручни работи. Од друга страна македонскиот јазик бил во постојан контакт со литературните јазици на соседните словенски народи, па извесен број русизми преминале во него и посредно преку тие јазици, особено преку бугарскиот, каде што русизмите во поново време функционираат како неутрални единици“. 

Авторката хронолошки ја проследува историјата на навлегувањето на руски јазичен материјал, неговиот состав, функционирањето и трансформирањето во дел на лексичко-семантичкиот систем на македонскиот литературен јазик. Притоа, како што самата заклучува, паѓа во очи дека при анализирањето на конкретниот материјал (односно материјалот што таа го анализира, а тоа е, како што веќе рековме од средината на 19 век па сè до седумдесеттите години од минатиот век, односно, во тоа време, актуелната лексика), кај разни автори се добиваат разни резултати, а тоа се должи на фактот што појдовните критериуми за одредување на поимот русизам кај секого се различни. 

На кусо би сакале да ве запознаеме со содржината на оваа книга. Анализата започнува со делот посветен на русизмите во македонскиот литературен јазик во втората половина на  XIX век, надворешните и внатрешни причини за позајмување, карактеристики на изворите, начините на воведување на русизмите и нивната транскрипција. Потоа следува вториот дел од првата глава кој се однесува на русизмите во јазикот на писателите од втората половина на XIX век, каде авторката врши детална анализа на писанијата на Јордан Хаџи Константинов – Џинот, Партениј Зографски, Кузман Шапкарев, Константин Миладинов, Григор Прличев, Рајко Жинзифов, Ѓорѓија Пулевски, при што следуваат заклучоци од извршената анализа. 

Втората глава е посветена на русизмите во македонскиот литературен јазик во XX век, односно русизмите кај Крсте П. Мисирков, лексичките позајмување во годините на Втората светска војна, како и во трите децении по неа. 

Она што е особено интересно е што авторката прави целосен и исцрпен список на сите лексеми, со што можеме да кажеме дека е добиен речник на русизмите во македонскиот јазик, што, секако, е од големо значење како за македонската лексикографија, така и за македонската лингвистика воопшто. 

Секако треба посебно да се акцентира и стилот што професорката Нина Чундева, кој впрочем отсекогаш ѝ бил својствен, како во нејзините научни и стручни работи, така и на предавањата со студентите на додипломски и на постдипломски студии. Она што навистина ја прави оваа работа исклучителна, покрај нејзината научна тежина, е токму тој убав, пријатен, лесен и разбирлив стил, кој не е обременет со тешката научна терминологија (од која многумина големи лингвисти на денешнината бегаат) и со здодевни и сувопарни фрази кои не се лесно пристапни за лингвистите, а да не зборуваме за пошироката читателска публика. Токму затоа, оваа книга можат без никаков проблем да ја прочитаат и оние што не се лингвисти, луѓе од секоја возраст и од различни профили. 

Сигурни сме дека со објавувањето на оваа книга, иако со задоцнување од речиси четириесет години, ќе се даде голем придонес кон македонската лексикологија и дека таа ќе стане интересно четиво не само за лингвистите, ами и за преведувачите, публицистите и сите оние кои се занимаваат со македонскиот и со рускиот јазик.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња