Пет најдобри филмови за 2017 што не смеете да ги пропуштите

Филмот „Рај“.

Филмот „Рај“.

kinopoisk.ru
На листата се наоѓаат пет руски филма кои в 2017 година ги освоија домашните кина, а некои од нив и оние во странство. Од филмови номинирани за Оскар до приказни на Дизни, наслови кои едноставно не би требало да ги пропуштите.

„Нељубов“(„Нелюбовь"), Андреј Звјагинцев 

Филмот „Нељубов“ во Кан беше овенчан со награда на жирито, влезе во најтесен избор за Златен глобус 2018, а истовремено е и руски кандидат за Оскар во категоријата за најдобар филм од неанглиско јазично подрачје. Пример е за успешен руски авторски филм во светот, а во средиштето на настаните се наоѓа едно „заборавено“ момче чии родители се разведуваат.

Андреј Звјагинцев е фаворит на европската филмска критика уште од својот првенец, филмот „Враќање“(„Возвращение“) кој освои дури два Златни лава на филмскиот фестивал во Венеција 2003 година. Филмовите што потоа ги снимаше учествуваа или беа наградувани на сите големи европски и американски фестивали. За главна улога во неговиот втор по ред филм „Изгнанство“ („Изгнание“) Константин Лавроненко ја освои Златната палма во 2007, а за филмот „Елена“ наградата „Извесен поглед“ на рускиот режисер му ја врачи претседателот на жирито Емир Кустурица. „Левијатан“ во 2014 година беше награден за најдобро сценарио, повторно во Кан, а освои и Златен глобус за најдобар странски филм.

„Аритмија“, Борис Хлебников

Новиот филм на Борис Хлебников веќе освои гран при, награда од публиката и награда за најдобар актер на главниот руски фестивал „Кинотавр“ во Сочи, како и награда за најдобар актер на меѓународниот фестивал во Карлови Вари и на фестивалот Asia Pacific Screen Awards. 

Дејствието се врти околу сложените брачни односи на двајца лекари кои живеат во рускиот град Јарослављ, а во неговите доблести секако спаѓа и искреното прикажување на предизвиците на медицинскиот персонал со кое секојдневно се соочува во рускиот здравствен систем. Реалистичниот приказ на рускиот живот и сатирата на секојдневните ситуации со кои се среќава речиси секој Русин, заслужни се за популарноста на овој филм кај руската публика. 

„Рај“, Андреј Кончаловски

Добитник на Сребрен лав на Меѓународниот филмски фестивал во Венеција, минатогодишниот руски кандидат за Оскар, „Рај“ е остварување на еден од најпризнатите руски автори, како во Русија, така и во светот, Андреј Кончаловски. 

Во руските кина се појави во јануари оваа година, иако меѓународната публика се запозна со филмот пред тоа. Главната хероина, руската принцеза Вера Оболенска, емигрира во Франција по револуцијата во 1917 година, за  подоцна да се приклучи на француското движење на отпорот. Им помага на британски, француски и советски затвореници во бегството за време на Втората светска војна поради што и самата завршува во концентрационен логор. И покрај тоа, таа продолжува да спасува животи. Филмот е снимен во документарен стил, во црно-бела техника. Посветен е на хероите на францускиот отпор. 

„Блискост“ („Теснота"), Кантемир Балагов

Кантемир Балагов е 26-годишен режисер од Северен Кавказ кој предизвика сензација, како во Русија, така и во светот. Неговиот прв долгометражен филм „Блискост“ ја освои наградата ФИПРЕСЦИ на Меѓународниот филмски фестивал во Кан 2017, како и многу други награди. Балагов е ученик на познатиот руски режисер Александар Сокуров кој водеше специјален курс за млади режисери во Северен Кавказ. 

Балагов во филмот прикажува еден еврејски кварт во своето родно место Налчик во 1998 година за време на Чеченската војна. Млада двојка од еврејско семејство објавува венчавка, но следниот ден е киднапирана. Различни генерации на семејството мораат да најдат начин да ги спасат своите најмили. 

Балагов е дефинитивно перспективен руски режисер чија кариера секако би требало да се следи. 

„Последниот богатир“ („Последний богатырь"), Дмитриј Дјаченко 

Ова Дизниева комедија, базирана на руските сказни, стана филм со најголем остварен профит на домашните кино-благајни. Копродуцент на филмот е локалната куќа „Yellow, Black and White“, а по гледаноста го надмина „Сталинград“ на Фјодор Бондарчук, филм кој никој не можеше да го загрози цели четири години. 

Во средиштето на приказната се наоѓа Иван, момче од Москва, кое учествува во натпревар на таканаречени „бели магови“, па повремено се телепортира од сегашноста во мистичниот свет на руските сказни. 

Филмот сè уште не е прикажан во странство, но имајќи ја предвид неговата популарност во Русија, веруваме дека има сериозни шанси за голема популарност и надвор од нејзините граници.

Дознајте кои десет руски и советски филмови се препорачуваат да се гледаат од страна на Универзитетот во Харвард.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња