Сцена од филмот „Војна и мир“ на Сергеј Бондарчук.
Мосфилм, 1968/Legion Media1. Според законот (Лев Кучешов, 1922, СССР)
Оваа црно-бела драма се засновува на книгата на Џек Лондон „Неочекувани“. Група од пет копачи на злато наоѓаат златна жила, по што еден од нив ги убива двајцата свои пријатели и двајца странци. Брачната двојка на крајот успева да го одземе оружјето на убиецот, но не може да реши што да направи – да го казни или да го одведе во полиција. Во филмот играат тројца глумци во ист амбиент. Судејќи според сѐ филмот е премногу суптилен за пошироката публика, така што неговата вредност ја сфатиле само критичарите.
2. Оклопникот Потемкин (Сергеј Ејзенштејн, 1925, СССР)
На списокот има четири филма на Сергеј Ејзенштејн, омилениот режисер на Сталин. Овој филм претставува пофалба на руската револуција од 1905 година и зборува за побуната на оклопникот Потемкин кој патролирал во Црното Море. Прочуена е сцената во која луѓето трчаат по познатите „одески скалила“. По филмот овие скалила го добиле името според кнезот Потемкин. Останатите три филма на Ејзенштејн на овој список се „Октомври“ (1928) снимен по подов десетгодишнината од револуцијата, „Александар Невски“ (1938) и „Иван грозни“, прв дел (1944). Последните два се снимени по наредба на Сталин. Во нив се прославуваат руските средновековни владетели кои ги победиле своите непријатели. Според мислењето на некои критичари, Сталин сакал да го крене својот легитимитет, инсистирајќи на тоа дека тој ја продолжува мисијата на овие големи владетели кои ја бранеле Русија.
3. Мајка (Всеволод Пудовкин, 1926, СССР)
На списокот Пудовкин е застапен со три филма, но тие се дел од трилогија. Тој покрај Ејзенштејн е еден од пионерите на советската кинематографија. Филмот „Мајка“ е снимен според истоимениот роман на советскиот писател Максим Горки. Хероината е мајка на револуционерот Павел Власив, кој херојски загинал за време на демонстрациите, носејќи го црвеното знаме на револуцијата.
Во вториот филм „Крајот на Санкт Петербург“ (1927) се прославува десетгодишнината на Револуцијата, се објаснува зошто воопшто дошло до револуцијата и се прикажува обичниот народ кој се бори за своите права. Последниот филм од трилогијата е „Бура над Азија“ (1928). Дејствието се одвива во Монголија каде Белата армија заробува револуционер-комунист.
4. Земја (Александар Довженко, 1930, СССР)
Во филмот се прикажува селото и животот на луѓето на село. Ова е драма за новата советска реалност каде е укината приватната сопственост и каде колективизмот владее според принципот на совхози. Филмот ја слави руската земја со епски долги сцени на селска природа проследени со драматична музика.
5. Жеравите летаат (Михаил Калатозов, 1957, СССР)
Филмот „Жеравите летаат“ е добитник на Златна пална на Канскиот фестивал во 1958 година (тоа е единствен советски филм кој ја има добиено оваа награда). Станува збор за една од најдлабоките филмски анализи на Втората светска војна која покажува како таа трагично влијаела врз животот на секое советско семејство. Актерската двојка Алексеј Баталов и Татјана Самојлова стана мошне позната и популарна по овој филм.
6. Балада за војникот (Григориј Чухрај, 1959, СССР)
Филмот ја прикажува суштината на Втората светска војна како најболна тема на рускиот народ. Тој ја опишува „одисејата“ на еден обичен војник кој патува за последен пат да ја види мајка си.
7. Сенките на нашите заборавени предци (Сергеј Параџанов, 1964, СССР)
Овој филм е посветен на животот на Хуцулите, словенски етнос кој живеел на Карпатите во Украина. Ова е приказна во стилот на „Ромео и Јулија“ со феудални земјопоседници и со млада вљубена двојка. Девојката умира трагично, но момчето не престанува да жали по неа и на крајот и тој умира. На списокот има уште еден филм на Параџанов „Бојата на калинката“ (1969). Тоа е приказна за Сајат Нови, ерменски поет од 18 век.
8. Андреј Рубљов (Андреј Тарковски, 1966, СССР)
Ова е единствениот филм на Андреј Тарковски на списокот на Харвард. „Андреј Рубљов“ е филм во кој се прикажуваат осум епизоди од животот на прочуениот руски средновековен иконописец. Многумина ова остварување го имаат протолкувано како алегорија која зборува за тешката положба на уметникот за време на советската власт, поради што со години било забранувано неговото прикажување.
9. Војна и мир (Сергеј Бондарчук, 1967, СССР)
Во текот на последните 60 години снимени се десетина екранизации од епопејата на Лев Толстој, а Универзитетот во Харвард го има избрано ремек-делото на Сергеј Бондарчук. Русите го сакаат овој филм (како и остварувањето според мотивите на „Тихиот Дон“ на Михаил Шолохов). Филмот им се допаднал на Американците – тие во 1969 година му доделија Оскар како најдобар филм од неанглиско јазично подрачје. Секој би требало да го погледне овој филм, но ние срдечно ви препорачуваме претходно да го прочитате романот во четири тома.
10. Руски ковчег (Александар Сокуров, 2002, Русија)
Ова е единствен постсоветски руски филм на списокот, а тоа значи дека Харвард го третира Сокуров како единствен современ руски режисер. Филмот е всушност една континуирана снимка без монтажа. Снимен е по повод 300-годишнината од основањето на Санкт Петербург, а дејствието се одвива во Зимскиот дворец каде во два наврати патници разговараат за руската култура, се запознаваат со историските личности од Петар Први до Николај Втори и со ужасните денови на опсадата на Ленинград.
Целиот список на Харвард можете да го видите тука.
При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче