НОЌИТЕ НА ВИЛАТА

„Магливо утро“ – И.И. Шишкин, извор: Википедија

Слатки беа и заморни тие бессони ноќи. Тој болен седеше во фотелјата. Јас до него. Сонот не смееше да ги допре моите очи. Тој без зборови и без волја, се чинеше, ја почитуваше светоста на ноќното бдеење. Ми беше мошне слатко да седам до него, да го гледам. Веќе две ноќи си се обраќавме на „ти„. Колку поблизок ми стана по тоа! Тој седеше сиот таков кроток, тивок, покорен. Боже, со колкава радост, со колкава веселост би ја презел на себе неговата болест и, ако мојата смрт може да му го врати здравјето, со колкава подготвеност би тргнал кон неа!

Таа ноќ не бев кај него. Решив да заспијам дома. О, колку расипана, колку подла беше таа ноќ со мојот презирен сон! Лошо спиев, без оглед на тоа што цела недела ја минав без сон. Ме мачеа мислите за него. Ми се прикажуваше како да ме моли, како да ме прекорува. Го видов со очите на душата. Следниот ден наутро поитав и одев накај него како злосторник. Тој, легнат в постела, ме погледна. Ми ја покажа истата ангелска насмевка, со која навикнал да се смее. Ми ја подаде раката. Ми ја подаде со љубов: „Предавник! – ми рече. – Ме изневери„. – „Ангел мој! – му реков. – Прости ми. Самиот страдав од твоето страдање, саноќ се измачував. Не беше спокоен одморот мој, прости ми!„ Кроток! Ми ја стегна раката! Колку бев награден тогаш за моите страдања, што ги претрпев заради глупаво поминатата ноќ. „Главава ми е тешка!, - рече тој. Почнав да го ладам со гранка од дафинов лист. „Ах, колку е свежо и убаво!„ – велеше тој. Тогаш неговите зборови беа она што се. Што ќе дадев тогаш, кави ли не земски блага, презирни, подли, одвратни блага, не! за нив не вреди за се зборува! Тебе, што ти се нашле, ако воопшто се најдат, в раце овие нестројни слаби редови, бледи искази на моите чувства, ти ќе ме сфатиш. Инаку нема да ти се најдат в раце. Ти ќе разбереш колку е одвратна сета таа грамада ризници и почести, таа ѕвонлива мамка на дрвените кукли, што се нарекуваат себеси луѓе. О, тогаш колку весело, со колкава злоба би изгазил сè што се истура од моќниот жезол на полноќниот цар, само да знам, дека за тоа ќе купам насмевка, која ќе покаже тивко олеснување на неговото лице.

„Што си ми донел ваков лош мај?„ – ми рече, откако се разбуди, седнат во фотелјата, слушајќи го ветерот што шумоли зад прозорците, кој носеше миризба на расцутените диви јасмини и бели багреми и кој ја креваше заедно со латиците рози.

Во 10 часот отидов кај него. Дотогаш го бев оставил 3 часа, за да се одмори малку и за некаква промена, со цел моето доаѓање да му биде попријатно. Отидов кај него во 10. Тој веќе еден час беше бил сам. Гостите, кои му беа на посета, одамна беа заминале. Тој седеше сам, умората од здодевноста му се покажуваше на лицето. Ме виде. Полека ми замавна со раката, „Спасител мој!„ – ми рече. Тие зборови до денес ги слушам. „Ангел мој! Здодевно ти беше?„ – „О, колку ми беше здодевно!„ – одговори. Го бакнав по рамото. Тој ми го подаде својот образ. Се бакнавме. Тој сè уште ми ја стегаше раката.

Не сакаше и речиси не легнуваше в постела. Тој си ја претпочиташе својата фотелја и својата седечка положба. Таа ноќ, лекарот му рече да одмори. Се поткрена невнимателно и, потпирајќи се на мене, одеше кон својата постела. Душичка моја! Неговиот изморен поглед, неговиот топол шарен редингот, неговиот спор чекор... Сето тоа го гледам, сето тоа е пред мене. Тој, потпирајќи се на мене и погледнувајќи кон постелата, ми шепна на уво: „Сега сум изгубен човек„. – „ Само половина час ќе бидеме в постела, - му реков. – Потоа ќе се вратиме во твојата фотелја.„

Те гледав, мил мој, нежен цвет! Сето време додека спиеше или дремеше во постелата и во фотелјата, ги следев твоите движења и твоите мигови, бев како закован до тебе.

Колку чудно нов беше тогаш мојот живот и колку со тоа јас читав во него повторување на нешто оддалечено, на нешто што одамна се случило. Но, ми се чини дека е тешко да се даде претстава за него: ми се врати летачка свежа одломка од мојот младешки живот, кога младата душа бара другарување и братство меѓу младите врсници и решително младешка дружба, полна со мили, речиси бебешки дреболии и прекинувајќи се еден со друг даваме знаци на нежна приврзаност; кога е слатко да се гледа очи в очи и кога си сиот готов да направиш жртви, понекогаш дури и непотребни. И сите тие чувства слатки, млади, свежи – ах! жители на неповратниот свет – сите тие чувства ми се вратија. Боже! Зошто? Јас те гледав. Мил мој, млад цвету! Затоа ли ме провеа тој свеж ветрец на младоста, за потоа одеднаш да нурнам во големата мртва остинатост на чувствата, за одеднаш да станам постар за цели децении, за поочајно и побезнадежно да видам како исчезнува мојот живот. Така, огнот што гасне му ги праќа на воздухот последните пламени, осветлувајќи ги трепетно мрачните ѕидови, за потоа да се скрие навек и * 

*тука ракописот е прекинат.

 

Превод од руски: Е.Н.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Дознајте повеќе

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња