Најстарите пагански и христијански споменици во Русија

Црквата св. Покров на реката Нерла.

Црквата св. Покров на реката Нерла.

РИА Новости
„Руска реч“ на своите читатели им претставува шест праисториски и пагански споменици на првобитните народи кои некогаш живееле во Русија и уште шест најстари христијански градби, чии творци се предците на денешните Руси.

Пагански споменици

Долмените се стари мегалитски градби, односно објекти изградени од големи камења или од камени плочи. Можат да се најдат на мошне широко пространство од Португалија до Кореја и од Скандинавија до Африка. Руските долмени спаѓаат во најстарите познати градби од камената доба (2000-3000 година пред нашата ера) и главно може да се најдат на Кавказ. Помал број се откриени на Урал, во Сибир и на Далечниот Исток. До денес не е со сигурност разјаснето која била нивната намена. На пример, некои кавкаски долмени се составени од издлабен камен со покрив од џиновски камени плочи, а до внатрешноста на овие „камени куќи“ води практично идеален тркалезен отвор, но толку мал што низ него не би можело да се провлече ниту дете. Во нив не се пронајдени човечки остатоци. Нејасноста на функцијата на долмените одамна ги привлекува љубителите на езотеријата кои се надеваат дека од овие камени градби ќе добијат пристап до „непознати енергии“ или дека од нив ќе извлечат некакво знаење од виша природа.

 Долмен од Кавказ. РИА НовостиДолмен од Кавказ. РИА Новости

 

Петроглифи

Петроглифите се слики врежани во камен. Поради посебната техника и материјалот зачувани се во многу поголем број одошто долмените, па некои од нив се стари и по 40 илјади години. Во Русија петроглигфите главно се наоѓаат во јужен Сибир (Бурјатија и Хакасија) и на Урал. Но, највпечатливи резби на праисториските мајстори се оние во Карелија, област што се наоѓа северно од Санкт Петербург. На брегот на езерото Онега се наоѓаат над 1.200 фигури и знаци врежани во непрекината низа долга околу 20.5 километри. На нив се претставени птици, шумски ѕверови, надреални суштества, луѓе и чамци. Димензиите на фигурите достигнуваат и до четири метри.

Сибирски мумии

Не се труделе само Египќаните за телата на своите умрени. Во Сибир, најмногу во неговиот јужен дел, на Алтајските планини, древните култури исто така ги балсамирале угледните покојници. Најчесто растворот за балсамирање се користел само за зачувување на лицето. Со цел цртите на покојникот што подобро да се зачуваат, на балсамираното лице се ставала специјално изработена маска. Прецизноста на репродукцијата на портретот била толку голема што ваквите маски овозможуваат да се изврши реконструкција на ликот на жителот на древниот Сибир. На Алтај е пронајдена и најславната руска мумија, наречена „Принцезата Укока“ која е зачувана во беспрекорна состојба благодарение на тоа што 25 века се наоѓала во дебел слој мраз. На рацете на мумијата се јасно видливи многубројните уметнички тетоважи.

Сибирска мумија од Алтајските планини. ТАСС. Сибирска мумија од Алтајските планини. ТАСС.

Кургани

Курганите се најчест вид праисториски надгробни градби. Ги има на сите континенти, освен во Австралија и на Антарктикот. На територијата на Русија се сконцентрирани во Република Адигеј, на бреговите на Волга, но ги има и во Јарославската и во Московската Област. Најпознат споменик од овој вид е Мајкопскиот курган. Предметите што се најдени во него спаѓаат меѓу најстарите материјални остатоци од бронзената доба на светот и изложени се во музејот „Ермитаж“ во Санкт Петербург. Но, во поголемиот број кургани не можат да се пронајдат многу работи зашто тие се направени над пепелта на некој водач. Изненадувачкиот ритуал на ваквите погреби, кога заедно со телото на покојникот биле запалувани и неговите жени, коњите и богатството, драматично е прикажан на познатата слика „Погребот на рускиот водач“ на големиот полски сликар Хенрик Сјемирадски.

 Кургани од Република Хакасија. Lori / Legion Media Кургани од Република Хакасија. Lori / Legion Media

Кумански баби

Обичајот на поставување идол посветен на духовите на предците бил пренесен од монголските степи до номадските племиња кои живееле на територијата на денешна Русија. Најпознати меѓу ваквите идоли се статуите што ги има поставено татарското племе Кумана во периодот помеѓу 9 и 13 век на степските пространства од Алтај до границите со Украина. Називот „баба“ всушност потекнува од турскиот збор кој значи „татко“, но како овој збор звучи на руски и фактот што меѓу нив има и голем број женски фигури, довеле до оваа непоправлива забуна за природата на називот. Куманските баби не биле надгробни споменици и се верувало дека стојат на границата помеѓу светот на живите и светот на мртвите, спречувајќи ги покојните да продрат во нашиот свет. Понекогаш група вакви статуи со лицата свртени кон исток претставуваат светилиште околу кое на религиските церемонии се правел магичен круг.

Половецка баба од Алтајските Планини. РИА НовостиПоловецка баба од Алтајските Планини. РИА Новости

Камени лавиринти

Камените лавиринти што се откриени на европскиот север од Русија во 16 век (во денешна Карелија и во Архангељската Област) ги изградиле непознати северни племиња. Во времето на откривањето на овие споменици локалното население (народот Сами) ги нарекувало „вавилони“. Лавиринти можат да се најдат во Бело, Баренцово и во Балтичко Море. По правило се наоѓаат на островите, на полуостровите и на устијата на реките. Понекогаш се расфрлани без ред, а понекогаш, како на пример на Соловецките острови, се собрани во големи групи, заедно со еден куп камења и долги ѕидини направени од камчиња. Нивната намена до денешен ден не е објаснета. Постојат различни верзии: од тоа дека биле погребни светилишта (односно дека лавиринтот се градел со цел душите на покојниците да заталкаат доколку тргнат назад во светот на живите), па сѐ до тоа дека биле места за ритуални игри на помладите членови на племињата. Сепак, најверојатно, спиралните лавиринти биле поврзани со обраќањето до морските богови да дадат повеќе риба. Најверојатно затоа тие најчесто се наоѓаат недалеку од рибарските населби.

Камен Лавиринт од Алтајските планини.  Lori / Legion Media  Камен Лавиринт од Алтајските планини. Lori / Legion Media

Христијански споменици

Црквата света Софија во Новгород

Новгород, кој се наоѓа во северозападниот дел на Русија, од самото основање кон средината на 9 век бил конкурент на еден друг голем руски политички центар, Киев. Меѓу другото, Новгород се обидувал да му парира на раскошот на киевската архитектура. Кога Викинзите во Киев ја изградиле црквата света Софија и ја украсиле со величествени мозаици, жителите на Новгород веднаш се зафатиле со изградба на сопствен храм посветен на света Софија. Денес оваа црква, која во 1050 година ја изградиле Словените (а не Византијците) е најстар споменик на архитектурата на територијата на денешна Русија. Неговата мала површина и насоченоста во височина (што е спротивно на византиските храмови) се зачувани како карактеристична црта на руската црковна архитектура во следните неколку века.

Црквата „Св. Софија“ во Новгород. РИА НовостиЦрквата св. Софија во Новгород. РИА Новости

Новгородски записи на брезова кора

Брезовата кора се користела како материјал за пишување во древна Русија. Долго се знаело за специјалните стапчиња со кои на нив се пишувале букви, но дури во 1951 година е пронајден и напишан текст. Оттогаш се пронајдени околу илјада вакви записи на кора кои датираат од периодот помеѓу 11 и 15 век. Нивната содржина е различна: од деловни белешки и евиденција за долгови до љубовни приказни и детски цртежи. Ваквата разноликост и народните имиња во потписите зборуваат за тоа дека меѓу жителите на Новгород во тоа време практично секое лице било писмено. Брезовата кора како материјал за пишување се користела и во други градови, вклучувајќи ја и Москва. Сепак, поголем број записи на кора се зачувани само во уникатниот хемиски состав на мочурливата новгородска земја.

Запис на брезова кора. Новгород. РИА НовостиЗапис на брезова кора. Новгород. РИА Новости

Цркви од бел камен

Црквите од бел камен во владимирско-суздаљска Русија, изградени во 12 и во 13 век, одиграле мошне значајна улога во историјата на руската архитектура. Изградени се кога кнезот Андреј Богољубски ја пренел својата престолнина од Киев во Владимир. Некои сметаат дека нивните украсни резби се автентично руска орнаментална форма, иако, според преданието, тука работеле европски мајстори кои по наредба на кнезот Андреј ги испратил Фридрих Барбароса. До нашево време се зачувани само пет вакви храма: црквата на Успението на Богородица (Успенски собор) во Владимир, која подоцна послужила како модел за Успенскиот соборен храм во московскиот Кремљ, црквата свети Димитрија во Владимир, камбанаријата и дел од галеријата во Богољубово, познатата црква свети Покров на Нерла (која многумина ја сметаат за најпрефинет храм во Русија) и црквата свети Георги во местото Јурјев Пољски, украсен со огромни белокамен орнамент во кој се вплетени фигури на светители, човечки лица и слики на животни.

Cрквата св. Георги, Јурјев Пољски. Риа НовостиЦрквата св. Георги, Јурјев Пољски. Риа Новости

Двери со огнена позлата

Меѓу уметничките предмети кои постојат само во средновековна Русија со својата убавина и едноставност се издвојуваат дверите изградени со примена на таканаречената „огнена позлата“. До наше време се сочувани само неколку ремек-дела од овој вид: портите на црквата на Раѓањето Христово во Суздаљ и портата на црквата на свето Благовештение и Успението на Богородица во Кремљ во Москва. Ниту по 500 години откако овие храмови се изградени, златото го нема изгубено својот сјај. Сепак, мајсторите кои ја изградиле оваа убавина несвесно ја платиле цената со својот живот. Имено, огнената позлата е најстар познат начин на позлатување големи површини. Техниката се состои во тоа што на метална површина се нанесува специјален лак, преку него се врежува цртежот, а потоа целата врата се прекрива со квалитетно злато растворено во жива. Сето тоа се ставало во распалена печка сѐ дури живата не испари. Мајсторот морал да биде внимателен со температурата, а процесот на испарување во печката често доведувал до смртоносно труење со жива. Интересно е што истиот метод на позлата се применувал и во 19 век за позлатувањето на црквата свети Исак во Санкт Петербург и за храмот на Христос Спасителот во Москва.

Двери со огнена позлата, црква „Успение на Пресвета Богородица“, московски КремљДвери со огнена позлата, црквата на свето Благобештение и Успението во Кремљ во Москва. РИА Новости

Остромирово евангелие

Географската и културна блискост со Византија на раните источнословенски држави оставиле длабок печат во сликарството. Една од трагите на овие рани врски претставуваат и словенските раскошно илустрирани ракописи. Иако ги имало во целиот словенски свет, токму во Русија е зачуван најстариот илуминиран ракопис на некој од источнословенските јазици, познат како Остромирово евангелие. Ракописот потекнува од 1057 година и се сметаше за најстара ракописна словенска книга, сѐ дури во 2000 година не беше пронајден Новгородскиот кодекс, напишан на восочни табли. Остромировото евангелие е составено од 294 листа украсени со минијатури, иницијали и винети. Во 2012 година УНЕСКО го стави ракописот, кој се чува во Руската национална библиотека, на списокот „Паметење на светот“.

Остромирово евангелие. РИА НовостиОстромирово евангелие. РИА Новости

Најстара руска икона

Во светот на руската култура иконите заземаат посебно место. Во раните фази на развој на руското сликарство таа практично со ништо не се разликувала од тогашните византиски икони. Сепак, стручњаците според определени особености (на пример прикажувањето на очите) се обидуваат да ги раздвојат делата на руските мајстори од византиските творби. Доколку може да се верува на нивните заклучоци, најстарата руска икона во моментов се наоѓа во црквата на Успението на Богородица во Кремљ. Тоа е приказ на свети Георги Победоносецот, настанат во Новгород кон крајот на 11 или во првата половина на 12 век. При создавањето на оваа икона иконописецот очигледно се придржувал на византискиот мозаик на црквата света Софија во Киев. Иконата, најверојатно, ја пренел во Москва царот Иван Грозни. Иконата на свети Георги е откриена во 19 век сосема случајно, за време на реставрацијата на иконата на Богородица Одигитрија насликана на задната страна на една плоча од 12 век.

Икона св. Георгиј Победоносецот. РИА Новости Икона св. Георгиј Победоносецот. РИА Новости

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња