Роман Таран, 41-годишен блогер од Санкт Петербург стана познат во Русија поради една необична причина. По струка е филозоф, но смета дека тоа во современиот свет е сосема бесполезно. Поради тоа се вработил како стручњак за маркетинг.
Но, наскоро почувствувал дека не може да го скрие својот филозофски поглед на светот, па решил да направи видеоснимка во која ги изнесува размислувањата за популарната серија „Вестворлд“ и да го стави на Јутјуб.
Неговиот филозофски поглед на познатата серија станува мошне популарен кај руските гледачи. Изгледа дека било потребно многу време за да се појави некој кој конечно во целост би ги објаснил. Неговиот канал „Скриена смисла: филм и реалност“ го следат околу 76.000 лица. Најпопуларно е видеото за филмот „Матрикс“ со над 840.000 прегледи. Таран за „Руска реч на македонски“ раскажува на кој начин ја открива тајната смисла на филмовите.
Што точно значи фразата „скриена смисла“ и на кој начин ја откривате во филмот?
Јас не барам скриена смисла во „скриени пораки“ или во „реминисценции“ кои режисерите ги уфрлаат во филмовите и кои ги принудуваат гледачите да живеат во тој замислен и нестварен универзум. За мене е мошне важна врската помеѓу филмот и стварноста. Исто како и митовите, и филмовите поставуваат цели и се занимаваат со смислата на човековиот живот, задоволувајќи ги внатрешните потреби на луѓето. Потребно е да се пронајде скриената смисла на филмот, со цел да се откријат тие потреби и начинот на кој можат да се задоволат.
Кога ќе почнете да го анализирате филмот, вашиот однос кон него може да се промени. Во тој процес одеднаш сфаќате дека филмот што сте го сметале за смешен или, напротив, за возвишен и длабок, всушност содржи некои непријатни идеи. И сфаќате дека малку филмови имаат позитивна порака.
Во една видеоснимка рековте дека „Титаник“ е еден од најопасните филмови зашто промовира сиромаштво и завист засновани на општествената нееднаквост. Што мислите, дали Џејмс Камерон намерно го сторил тоа?
Јас не сум првиот што ја има најдено оваа смисла во филмот. Тоа го стори мултимилијардерот Ренди Гејџ кого го цитирав во снимката. Во Холивуд снимањето филмови е бизнис, а тоа носи гарантирана добивка. Затоа режисерите и сценаристите добро се снаоѓаат во психологијата и знаат кои теми или слики можат да предизвикаат реакција кај гледачите.
„Роуз јаде во трпезаријата на првата класа. Опкружена е со тие мрачни, надуени богаташи кои пијат бренди, пушат пури и водат бесмислени разговори за натпревари во поли и за ноторни глупости... Се појавува Џек и ѝ вели на Роуз: 'Дојди долу во третата класа да ти покажам како се ужива!' Потоа се покажуваат сиромашни луѓе кои, секако, пејат, играат и се забавуваат. Филмот ни покажува колку е поубаво и позабавно со нив... Богатите луѓе воопшто не се забавни. Поарно ќе се дружите со сиромашните. И ако сакате да бидете прифатени и да се вклопите во мнозинството, а многумина тоа го сакаат во животот, секако е подобро да бидете сиромашен“ (цитат од книгата на Ренди Гејџ „Зошто се глупави, болни и скршени... и како да станете паметни, здрави и богати“).
Поголемиот дел од филмската публика е составена од сиромашни луѓе. Главниот јунак мора да биде обична личност за гледачот да сочувствува со него, а негативецот мора да припаѓа на богатото малцинство. Зависта е чувство кое најтешко се искоренува. Играјќи се со чувството на завист може на мошне едноставен начин да се манипулира со луѓето.
Како дојдовте до идејата дека ликот Нео од „Матрикс“ е терорист?
Матрикс на почетокот не ми се допадна нешто особено. Тогаш еден ден ги анализирав карактерите на ликовите од филмот и забележав дека членовите на екипажот на Морфиус немаат пристап кон реалниот свет, како ни оние од Матриксот. Нивното постоење се засновува на верување во она што ќе им го каже водачот. Таа ситуација е мошне слична на регрутирањето на терористите.
„Морфиус зборува за Нео во 'реалниот' свет. Важен факт е што Нео е присилен да му верува за збор. Всушност, Морфиус му ја демонстрира 'стварноста' со помош на симулација. Се поставува прашањето дали и сликата на стварноста е ист така симулирана“.
Од овие видеоснимки на каналот оваа има најмногу коментари. За жал, судејќи според реакцијата на корисниците, сфатив дека секој не е способен да гледа на нештата од друг агол. Тинејџерите оставија многу негативни коментари.
Ова е одличен пример како филмската индустрија влијае на начинот на размислување. На луѓето им е доволно да им биде прикажан јунак кој прави чуда и се бори против системот и тој веднаш станува некој на кого се огледуваат. Гледачите толку се препознаваат во главниот јунак, што секој сомнеж во неговиот хероизам е лошо прифатен.
Во анализата на серијата „Вестворлд“ вие, меѓу другото, велите: „Ако личноста постои, но не се развива, тоа значи дека нејзиното постоење е механичко и дека таа не се разликува од робот кој функционира според определени програми“. Но, на крајот од првата сезона, еден од роботите ги совладува сите пречки и го убива својот творец. Дали е тоа правилен развој на настаните?
Филмовите денес им овозможуваат на гледачите да ги „одиграат“ своите внатрешни конфликти и фантазии кои се забранети во општеството. Со други зборови, филмовите за насилство всушност го намалуваат интензитетот на тие фантазии и на тој начин ги спречуваат гледачите да ги остварат.
Освен тоа, развојот на човекот кој сака да излезе од наметнатите рамки успешно доведува до симболично убиство на личноста кој ги поставиле тие рамки, а тоа најчесто е таткото, Да се сетиме на Платон кој сфатил дека нарушувањето на Парменидовите филозофски рамки на извесен начин го убил татка си. Можеме да наведеме очигледни примери и да се присетиме на врските помеѓу Фројд и Јунг или Хусерл и Хајдегер. Во секој од овие случаи „духовните татковци“ чувствувале дека нивните деца се одвојуваат од нив, па во реална и во физичка смисла биле емотивно убиени.
Насилството во филмовите ја исполнува главната симболичка функција: тоа ја изразува идејата на злосторството или на кршењето на определени граници. Дури и во секојдневниот живот, кога некоја блиска личност ќе ве изневери вие велите „ме уби“ и така тоа го доживувате. Во измисленото дело, ваквото искуство поприма облик на реално убиство.