„Моето оружје беше музиката“: 75 години од Седмата симфонија на Шостакович

Дмитриј Шостакович.

Дмитриј Шостакович.

Олег Макаров/РИА „Новости“
На 9 август 1942 година во Ленинградската филхармонија беше изведена Седмата Симфонија на Дмитриј Шостакович. Музиката на композиторот се пренесуваше преку звучници и на радио. Таа ги шокираше и ги инспирираше жителите на опколениот град и во исто време ги збуни Германците.

Дмитриј Дмитриевич Шостакович за време на Големата Татковинска војна учествуваше во одбраната на Ленинград заедно со другите жители на градот – стражареше на покривите на зградите, градеше противтенковски утврдувања, работеше како волонтер пожарникар (неговиот портрет со противпожарен шлем беше на корицата на магазинот „Тајм“ од 20 јули 1942 година). Притоа генијалниот композитор наоѓаше сила да се занимава со творештво.

„Со болка и со гордост го гледав саканиот град. А тој стоеше, изгорен од пожарите, прекален во борбите, искусувајќи го длабокото страдање на војникот, и беше уште попрекрасен во својата сурова возвишеност. Како може да не се сака овој град, изграден од Петар, да не му се раскаже на светот за неговата слава, за храброста на неговите бранители... Моето оружје беше музиката“, се сеќава композиторот.

Работата на Седмата симфонија Шостакович ја почна првите недели од Големата Татковинска војна, а финалниот дел го заврши и почна да ја подготвува за изведба во декември 1941 година.

Премиерата се одржа на 5 март 1942 година во Театарот за опера и балет во Кујбишев (денес Самара). Неколку месеци подоцна делото го изведоа во странство Лондонскиот симфониски оркестар и Симфонискиот оркестар на Њујоршкото радио.

Диригентот на Големиот симфониски оркестар на Ленинградскиот радиокомитет Карл Елисберг предложи да се изведе делото на Шостакович пред жителите на опколениот Ленинград. Не беше лесно да се подготви настапот: во голема мера затоа што многу од музичарите загинаа за време на блокадата, други немаа сила за таа работа. Мораше да се поканат музичари од воените единици. На улиците се појавија плакати: „Диригентот Елиасберг собира музичари“. Партитурата заедно со другиот скапоцен товар беше доставена во Ленинград со специјален авион од Кујбишев.

Според очевидците, членовите на филхармонискиот оркестар кои се собраа на 9 август 1942 можеа во секое време да се онесвестат од глад, облеката што носеа висеше на нив. Гледачите, меѓу кои имаше претставници на интелигенцијата, војниците, работниците, не изгледаа подобро. Сепак, атмосферата во концертната сала беше празнична: и покрај опасноста од воздушни напади, светеа дури и лустерите. А додека музичари свиреа, артилерците по наредба на командантот на Ленинградскиот фронт Леонид Говоров го потиснуваа огнот што доаѓаше од германската страна. Оваа операција беше наречена „Шквал“.

Во Ленинград симфонијата се пренесуваше преку звучници и на радио. И непријателот ја слушаше. Германците беа шокирани од фактот дека опсадените се живи и мотивирани.

Седмата симфонија до ден-денес се смета за едно од најважните дела на Дмитриј Шостакович. Самиот тој ја нарекуваше Ленинградската симфонија најпопуларна од сите негови дела и се лутеше затоа што луѓето не секогаш ја разбираат идејата која тој сакаше да им ја пренесе преку симфонијата, пишува RT.

При користење на материјалите на Russia Beyond задолжителен е хиперлинк до изворот од кој е преземен материјалот.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња