Со што тргувале Русите?

РИА Новости
Структурата на рускиот извоз низ вековите во голема мера се промени. На ова влијаеле развојот на технологијата, војните и порастот на цената на суровината. Ви откриваме со што и со кого тргувале Русите некогаш.

Трговијата во Русија започнала интензивно да се развива во 14 и во 15 век. Тогаш настанале првите локални пазари. Регионот на брегот на Бело Море тргувал со крзно, Рјазањ продавал житарки, а Москва производи на локалните занаетчии. Со развојот на внатрешната трговија започнало и воспоставувањето на односите со соседните држави. Се тргувало со женевските и со венецијанските колонии на јужниот брег на Крим, со Златната орда, со Иран и со Средна Азија. Во 15 век стара Русија извезувала крзно, кожа, ткаенини, седла, стрели, ножеви, сало, восок, лен и масло.


РИА Новости

Еден век подоцна најинтензивни трговски односи Русија имала со Украина, со Белорусија и со балтичките земји. Руските трговци на тамошните пазари извезувале крзно, кожа, ткаенини и оружје. Во средината на 16 век интерес за Русија покажува и Англија, каде што дури се основала и специјална компанија за трговија со руската држава. По истиот пат тргнала и Холандија. Англичаните и Холанѓаните го препознале квалитетот на руските производи и сакале да бидат посредници меѓу Русија и остатокот од светот. Се тргувало претежно преку Англија и Холандија, кои заработувале како посредници, а, исто така, и со Персија. Сѐ се сменило во 18 век, кога на власт дошол Петар Велики.

Влијанието на Петар Велики

Во 18 век Русија добила излез на Балтичко Море, со што ѝ биле отворени нови можности во трговијата. Но, руските трговци и натаму биле пасивни и не воспоставувале нови контакти. Се вмешала власта, која решила да преземе контрола врз некои видови стока. Станувало збор за стока што била најбарана во соседните земји.

Продажбата на коноп, лен, сало, восок, катран, меласа и кавијар била под монопол на државата. Пред крајот на владеењето на Петар Велики извозот на руските производи бил двојно поголем од увозот, а внатрешниот пазар бил заштитен со високи царини. Процесите што ги иницирал Петар Велики продолжиле и по неговата смрт.

До крајот на 18 век најмногу се извезувале лен и производи од лен. Житарките, исто така, котирале добро. Уште еден важен артикл за надворешната трговија од тоа време било крзното од Сибир.

Развој на капитализмот

Со развојот на капитализмот различни економски региони од земјата во поголема мера се специјализирале за определен вид стока. Во текот на првата половина од 19 век извозот бил речиси двојно повисок. Главен дел на извозот и понатаму биле ленот, конопот, крзното, волната, кожата и сланината. Извозот на житарки бил во постојан пораст, а особено се зголемил во четириесеттите години од 19 век, по неколку неродни години во европските земји. Уделот на ткаенината и на производите од метал изнесувал неколку проценти од вкупниот извоз, а оваа стока главно се продавала во Кина, во Средна Азија и во Турција.


РИА Новости

Кога се појавиле големите производители, се променила и трговијата, во која сѐ поголема улога имаат големите индустриски организации и комерцијалните банки. Во последната четвртина од 19 век доаѓа до значаен индустриски напредок и Русија станува еден од лидерите во производството на машини.

Револуцијата и советската доба

На почетокот советските власти, како и претходно, најмногу извезувале житарки, дрвна граѓа и крзно. Тогаш започнал и извозот на нафта. Во предвоениот период зголемен е увозот на машини. До 1938 година 70% од увезената стока била машини, парни локомотиви, вагони, автомобили и хемикалии.

Втората светска војна донела важни промени: со Велика Британија и со САД биле потпишани нови договори за испорака на оружје и на стока неопходна за спроведување воени дејствија. Советскиот Сојуз по војната водел интензивна трговска дејност со земјите од својот социјалистички блок. Но, веќе на почетокот од седумдесеттите години на минатиот век СССР развил трговски односи со 115 земји. Главен удел во извозот имале индустриските производи, машините и опремата за производство, како и суровините, вклучувајќи ги нафтените деривати и природниот гас.

Земјите во развој 30% од машините и од опремата ги увезувале од СССР. Се појавиле и нови артикли – дијаманти и брилијанти, а Советскиот Сојуз нудел и услуги за збогатување на ураниум. Во развиените земји СССР главно извезувал нафта и нафтени деривати, како и метал, целулоза, дрвена граѓа и текстил. Уделот на нафтата во извозот постепено се зголемувал. Веќе во 1987 година уделот на енергенсите во вкупниот извоз достигнал 46,5%, што значи дека за 15 години пораснал за трипати.

Оригиналниот текст можете да го прочитате на порталот Gazeta.ru

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.