Лингвистиката на работ на глобализацијата

Дмитриј Петров: Често се случува со руски јазик да се занимава човек кој никогаш не бил во нашата земја. Извор: PhotoXPress

Дмитриј Петров: Често се случува со руски јазик да се занимава човек кој никогаш не бил во нашата земја. Извор: PhotoXPress

Сакате да научите руски? Се плашите дека тоа е преголем залак за вас? Прочитајте го следново интервју, па потоа донесете решение!

Дмитриј Петров, познат полиглот, преведувач, психолингвист и водител, зборува за тоа зошто треба да се изучува рускиот јазик, со кои предности се надополнуваат неговите тешки страни и каква е улогата на учењето руски во време на јазична глобализација.

Господин Петров, кажете ни каква улога има психологијата во усвојувањето нов јазик?

Д.П.: Учењето јазик е и психологија и математика. Во јазикот математиката е збир на основни алгоритми, а психологијата претставува ослободување од бариерите, чувство на удобност, слобода и на задоволство. Многумина што учат јазик имаат паничен страв случајно да не направат грешка. Оваа пречка е често поголема од објективните тешкотии поврзани со усвојувањето на нови информации.

Што може да биде мотивација за учење руски јазик?

Д.П.: Имам искуство во предавање руски јазик на странци – на дипломати и на бизнисмени од разни земји. Нивната мотивација е јасна: рускиот јазик им е потребен за работа. Тоа се луѓе за кои кариерата и работата се најважни во животот, а во Русија имаат добиено можност да се развиваат во овој правец. Но, често се случува со руски јазик да се занимава човек кој никогаш не бил во нашата земја. Во таков случај најчесто се работи за интерес за руската култура, па преку призмата на културата се раѓа и интересот за јазикот.

Инаку, многу странци се пријатно изненадени од активниот и доста пристапниот културен живот во Русија. Тие брзо осознаваат дека во оваа земја постојат многу интересни места покрај московскиот Кремљ и петербуршкиот Ермитаж, и со право се чудат зошто Русија не е доволно активна во развојот на туризмот во ова подрачје.

Во странство одамна постојат стереотипи дека рускиот јазик е неверојатно тежок за учење. Дали и вие го делите ова мислење?

Д.П.: Секој јазик има свои предности и свое богатство. Тоа треба да го има предвид оној што го учи. Точно е дека рускиот јазик има падежи, но затоа нема определен и неопределен член. Има конјугација, но нема толку временски облици како, да кажеме, англискиот. Руското писмо е кирилско, но затоа правописот се разликува од изговорот многу помалку одошто во определени европски јазици. Со други зборови, секоја тешкотија подразбира и некаква предност, и тоа е она од кое треба да се почне!

Постојат ли некакви методи со кои би се олеснило учењето руски јазик?

Д.П.: Мошне е важно јазикот да се учи по етапи. Најпрво е потребно да се утврди основното ниво. На странските студенти не може уште на почетокот да им се објаснуваат партиципските конструкции, кои инаку во разговорниот јазик одамна не се користат. Со други зборови, не е важно што сè уште не сте почнале да го читате Достоевски на руски. Тоа не е ништо лошо. Достоевски не го читаат ни сите Руси, како што ни сите Англичани не го читаат Шекспир.

Има ли учењето руски јазик некаква практична смисла? Сите знаеме дека сега на англиски може да се комуницира со разни луѓе, па и со граѓаните на Русија.

Д.П.: Уверен сум дека работата со руски јазик ќе се зголемува. За тоа постојат и објективни причини. Русија не е голема само во географска смисла. Од друга страна, англискиот е универзално средство за комуникација и како таков секако ќе продолжи да се поедноставува – тоа е голема цена што ја плаќа, зашто стана јазик на глобализацијата во економијата и во културата.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња