Странецот не го разбира она што Русинот го подразбира

Shutterstock
„Руска реч на македонски“ собра неколку интересни правила на однесувањето на Русите кои предизвикуваат чудење кај странците.

За покојниците

Во Русија се подразбира дека за покојниците не треба да се зборува ништо лошо. Многу странци се прашуваат зошто е тоа така. Работата е во тоа што покојникот повеќе ништо не може да поправи во својот живот, а живиот човек сé уште може да се покае.

Ана Егорова, професор по филологија на Московскиот државен универзитет вели: „На мртвите не им судиме, ним Бог им е судија!“

Освен тоа многумина се плашат од древното суеверие според кое покојникот може да се врати и да се одмазди. „Токму затоа покојникот во Русија се изнесува со нозете напред, со цел да не го пронајде патот по кој може да се врати“, вели Егорова.

Личен простор

Во поголемиот број земји е вообичаено да се почитува личниот простор, барем на оддалеченост од испружена рака. Во Русија ова правило не постои. Кога е најголема турканица во метро или во некој друг вид градски превоз, па и на улица, луѓето со цело тело се притискаат еден до друг. Многу странци негодуваат поради тоа што Русите стојат блиску еден до друг, особено кога чекаат во редица. Причината за ваквото однесување е прилично тривијална: на овој начин никој не може преку ред да се пробие напред.

Најдобриот пријател е на работното место

Во Русија особено се води сметка за односот меѓу колегите на работа. Колегите на работното место се пријатели за Русите, и тоа понекогаш и најдобри. Вообичаено е и за најмал повод на колегите на работа да им се носат слатки и пијалаци, без оглед на тоа дали се одбележува роденден или напредување во службата, именден или враќање од одмор... Обично се носат слатки, торти, домашна пита, салата, мезе или егзотични јадења од одмор. Колегите на работа меѓусебно се канат на чај, организираат седенки на работа, на викенд одат заедно во природа и често склопуваат семејни пријателства. „Во Русија е обичај да се покажува дарежливост и широката руска душа“, вели Даниел Силва, кој има работено во Москва неколку години.

Мирисот на жената

Руските жени сакаат убаво да се облекуваат и често носат тесни сукњи и длабоки деколтеа. Освен тоа, многу од нив сакаат обилно да се напарфемираат. Понекогаш слаткавиот мирис на парфемот останува во лифт дури и еден час откако девојката ќе излезе од него. Канцеларијата не е исклучок, па затоа многу странци се жалат на тешките мириси кои им пречат да се сконцентрираат.

Пари

Во поголем дел од земјите во светот не се зборува за висината на платата и за личните средства – за таквото интересирање може да се добие и отказ. Во Русија ова воопшто не е табу-тема. Во Русија за пари често се водат жестоки дискусии, не само со пријателите, ами и со колегите на работа, со соседите, па дури и со непознати луѓе.

Некои суеверни Руси веруваат дека ќе имаат повеќе пари и среќа доколку често се жалат на својата материјална состојба (дека платата им е мала и дека намирниците се сé поскапи).

На странците мошне често тешко им паѓаат многу руски обичаи за кои никаде ништо не пишува. Русите многу сакаат дружење, што претставува замена за психолог. Вообичаено е со шолја чај или со чашка вотка да прашуваат за совет, или самите да дадат совет некому. „Руска реч на македонски“ на странците им препорачуваат да не се срамат, ами отворено да ги прашаат Русите за тоа што е вообичаено во Русија.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.