Shutterstock/Legion-Media
Според истражувањето од 2014 година на „РосИндекс“ од страна на меѓународната компанија за истражување Synovate Comcon, пијалакот го консумираат 93-94% Руси. 86% од нив пијат црн чај.
Како што објасни генералниот директор на „Руската асоцијација на производители на чај и кафе“ Рамаз Чантурија, рускиот пазар може да се спореди по обемот и динамиката само со САД. „Русија е најголемиот увозник на чај во светот. Постојат поголеми потрошувачки пазари – тоа се Индија, Кина и Турција, но тие многу консумираат сопствен чај, додека ние практично во целост купуваме чај. Според потрошувачката ние сме на четвртото место во светот“, изјави тој.
По распадот на СССР рускиот пазар престана да биде државен и обемот на испораката се зголемуваше до крајот на 90-те години. „Сега потрошувачката не расте, но расте бројот на напредни консументи кои купуваат поскапи сорти чај, раскажува Чантурија. - Последниве 10-15 години Русите почнаа повеќе да се интересираат за чајот како за пијалак, а не само како за течност со која го залеваат јадењето. Почнаа да се разбираат од финеси, да се интересираат за традициите на пиење чај. Напредни консументи нема многу, сè на сè 3-5% од вкупниот број на љубители на чај, но тоа е околу 6 милиони луѓе. Тоа се, по правило, млади луѓе кои живеат во големите градови, но токму тие го менуваат пазарот на чај.“
Експертот објасни дека меѓу напредните консументи станала популарна церемонијата на пиење чај и бидејќи е оригинална, луѓето ја забележуваат оваа забава.
Чаен рап
Првите клубови за пиење чај каде можеше да се пие чај согласно церемонијалните правила се појавија на почетокот на 2000 години. Но тогаш тие не станаа широко популарни. Во нив доаѓаа луѓе кои се интересираа за кинеската култура и традиции. Меѓутоа во 2009 година кинескиот чај одненадеж повторно се здоби со популарност. „Последниот бран на интерес за кинескиот чај дојде од руските рапери кои рецитираа текстови во кои се кажуваше дека чајот „Пуер“ и други популарни сорти наводно дејствуваат како дрога, предизвикуваат слични ефекти итн., раскажува раководителот на компанијата „Мојчај.ру“ Сергеј Шевељов. – Како резултат на тоа голем број млади решија дека кинескиот чај може да дејствува како некаква легална дрога и се заинтересираа. Мајсторите за чај мораа да објаснуваат дека чајот не дејствува така. Ентузијастите за чај ги сметаа тие текстови за груби и банални, но тоа создаде голема база на консументи“.
Експертот раскажува дека тој специјално правел анкети на социјалните мрежи и дознал дека 70% од неговите клиенти се поклоници токму на рапот. „Потоа испадна дека луѓето кои дошле за промена на состојбата, постепено почнаа да се интересираа за културата на пиење чај, традициите, почнаа да пробуваат разни чаеви. Дури и забележав дека многумина престанаа да пушат и да употребуваат алкохол, раскажува Сергеј. – Порано имаше бран на ентузијазам за церемонијата на пиење чај, но тој остануваше во андерграундот. Но, овој скок му даде нов развој на чајното движење“.
Покрај раперите, во вториот бран на популаризација како клиенти на клубовите за пиење чај беа луѓе кои беа воодушевени од сè што е источно, од јогата, од езотериските учења и љубители на здравиот начин на живот. Во овој момент културата на пиење чај веќе го почнува движењето на масовниот пазар.
Спој на традиции
Меѓу руските стручњаци за чај најпознат е синологот Бронислав Виногродски. Тој заедно со партнерот го отворил првиот во Русија московски клуб за пиење чај на крајот на 90-те години.. „Тој ги спои традициите на античка Кина, Кореја, Тајван, па дури и на Јапонија. Успеа да постави многу висок културен праг за перцепција на традицијата на пиење чај во Русија. И како резултат во овој момент руските „чајни луѓе“ (називот што самите познавачи на кинеската традиција си го дале) често ја разбираат повеќе од Кинезите. Ова особено се однесува на луѓето кои се вклучени во културата на пиење чај повеќе од 10 години. Тие самостојно ја проучуваат историјата на чајот, географијата, вкусовите, нијансите во традицијата и церемонијата...“, раскажува Шевељов.
Тој вели дека културата на варење на чајот дошла заедно со асортиманот од скап чај. „Чајот станува популарен не само во Москва, туку и во Русија. Но тука главната улога ја игра Интернетот. Во сите големи градови се појавуваат клубови за пиење чај, едноставно некаде ги има повеќе, некаде помалку“, изјави експертот за чај.
Самиот Сергеј се префрлил на чај следејќи го примерот на сопругата која порано работела неколку години во установата „Виногродски“. Тој е убеден дека Русија е земја која најдлабоко ја перципира кинеската култура на пиење чај. „Ние повеќе наликуваме на луѓе од Истокот отколку, на пример, Европејците, затоа повеќе го разбираме менталниот склоп на Истокот и церемонијата на пиење чај“, истакна тој.
Првиот шампионат во правење чај
Устиња Костјоркина учествуваше на вториот руски шампионат во правење чај во 2014 година и беше меѓу наградените. Таа воопшто немала намера да стане мајстор за чај, дошла на работа за неколку месеци. Во очекување на посериозен проект останала 6 години. „Учев за специјалист по аудиовизуелна техника и требаше да ја сервисирам кино- и телевизиската опрема, - вели таа. – Клубот за пиење чај „Чајна висина“ беше за мене само еден ресторан со чудно мени. На мое изненадување, речиси веднаш сфатив дека може да се вари чај професионално. Само што за тоа треба долго и внимателно да се учи. Сега сфаќам дека можам да го студирам чајот уште со години и пак да не знам сè за него.“
На натпреварот Устиња вареше Грог врз база на хонгконшки млечен чај и Тартуфа-пуер „Поддубни“ со тартуфа набрана на Кавказ. Од организаторот на турнирот, Асоцијацијата на чај и кафе, нејзиниот раководител Рамаз Чантурија вели дека таквите натпревари им овозможуваат на мајсторите за чај професионално да напредуваат, а во земјата се зголемува бројот на напредни консументи. „Се натпреваруваат во три категории: мајсторство во варење чај, правење чајна композиција (чај плус закуска за чај) и во дегустација, објаснува тој. - Покрај познавањето на традицијата и материјалот, се вреднува умешноста да се адаптира гоштавањето за да им биде пријатно на луѓето, да може реално да се реализира во животот.
Устиња смета дека многу љубители на чајот ги обединува вниманието за квалитетот на поминатото време. „Во Пуеропорт во паркот „Горки“ луѓето често наминуваат и по навика бараат кафе, просто сакајќи свеж, топол пијалак. Ние им го нудиме како замена за тоа чајниот коктел „Шишарки нагоре“ со слатко од шишарки од елка и крем! Гостите остануваат задоволни и доведуваат пријатели за да им раскажат за откритието. А, самите пробуваат нови, интересни. И потоа доаѓаат на церемонија“.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче