Руските власти објавија дека 2015 ќе биде година на литературата. Извор: Ројтерс
200 години Лермонтов
Оваа година се празнуваше 200-годишниот јубилеј на рускиот класик со шкотски корени Михаил Лермонтов. Лермонтов е генијален претставник на рускиот романтизам. Критичарите често го нарекуваат „втор“ руски поет по Пушкин, иако ваквата споредба не е многу умесна. За 26 години живот Лермонтов успеал да напише стотици прекрасни стихови, неколку виртуозни поеми („Мцири“ и „Демонот“), како и романот „Херојот на нашето време“ кој е од големо значење за руската интелигенција од деветнаесеттиот век.
Дигитализираниот Толстој и нови преводи
Ниту една година не поминува без чествување на столбот на руското слово – Лев Толстој. Во 2014 година целиот свет имаше можност да ги проследи онлајн-читањата на „Ана Каренина“, кои музејот на Толстој „Јаснаја Пољана“ ги спроведе заедно со Гугл.
Освен тоа, 90 тома собрани дела од Толстој беа дигитализирани и собрани во единствениот архив „Сиот Толстој со еден клик“. Волонтери од најразлични земји околу една и пол година се занимаваа со дигитализација на овие вечни дела.
Во Македонија во рамките на проектот „Ѕвездите на светската книжевност“ годинава започнаа да се преведуваат и двете најпознати дела на Толстој – „Војна и мир“ и „Ана Каренина“. Со новите преводи се очекува дека овие две епохални литературни дела уште повеќе ќе ѝ се приближат на македонската читачка публика.
Мемоарите на Горбачов
Популарноста на non fiction литературата постојано расте. Оваа година Михаил Горбачов ја издаде својата книга мемоари „По Кремљ“. Авторот со читателите ги споделува своите сеќавања за периодот по неговото заминување од функцијата претседател на СССР и се обидува да отфрли некои митови што се појавија околу Перестројката.
Горбачов си споменува за своите средби со главните политички фигури од тоа време, раскажува уникатни сведоштва за нивната неформална комуникација. За Маргарет Тачер, на пример, Горбачов пишува: Кога ѝ го честитав на Тачер осумдесеттиот роденден, таа ненадејно го прашала: Михаил, имаш ли желба повторно да владееш? Јас би сакала“.
За руските медиуми Горбачов се обиде уште еднаш да даде оценка за периодот на Перестројката откако тој го напуштил Кремљ. Тој изјави дека ќе ги штити своите погледи и потсети дека кога започнала Перестројката сите „од мало до големо беа за неа“.
„Голема книга“ и „Руски букер“
Крајот на годината беше означен со врачувањето на главните литературни награди, што е еден од најочекуваните настани во писателската средина. Во ноември романот „Манастир“ на еден од најголемите современи писатели во Русија Захар Прилепин, кој веќе беше наречен „роман на годината“, ја доби наградата „Голема книга“, за која фондот изнесува 3 милиони рубли (52 илјади американски долари). Романот зборува за Соловецкиот затвор, каде авторот спровел огромна архивска работа за утврдување на верноста на фактите.
Втората главна награда „Руски букер“, за која фондот изнесува 1.5 милиони рубли (26 илјади американски долари) ја доби Алексеј Шаров за романот „Враќање во Египет“. Библиски мотиви, историски казуси – уште едно дело кое се врти кон руската иднина.
Саеми во Русија и награди во светските престолнини
Со нов елан се одржаа и традиционалните саеми на книга. Еден од најпознатите, саемот на интелектуална литература Non fiction, на едно место собра речиси 300 руски издавачи. Лидерите на литературниот пазар ги објавија плановите за следната година, најпознатите писатели им ги презентираа на читателите своите најнови книги.
Изминатава есен се одржа и традиционалниот Московски меѓународен саем на книгата, а фондот на Михаил Прохоров ги однесе издавачите, писателите и новинарите во срцето на Сибир на Краснојарскиот саем на книжевна култура.
Руската литература никогаш не останала само во границите на сопствената држава. Лондон, Франкфурт и Њујорк ги отворија вратите за програмата Read Russia на своите саеми на книга, беше доделена наградата за најдобар преведувач на руска литература, се дискутираше за проблемите на преводот и за издавањето преведени книги.
2015 – година на литературата во Русија
Руските власти објавија дека 2015 ќе биде година на литературата, што значи дека следната година нема да биде помалку интересна и помалку привлечна за почитувачите на руската книжевност од 2014. Множество различни настани насочени кон популаризација на читањето и на руската литература ќе бидат организирани како во Русија, така и во странство.
Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.
Претплатете се
на нашиот билтен!
Добивајте ги најдобрите стории на неделата директно во вашето сандаче