Празник за ушите и за душата

Оваа недела Македонија ќе има уникатна можност да проследи четири концерти на Празничниот машки хор на Валаамскиот манастир. Овој несекојдневен настан ќе се одржи во четири градови во Македонија: Скопје, Прилеп, Битола и Свети Николе.

Празничниот машки хор на Валаамскиот манастир бил создаден со благослов на игуменот на Валаамскиот манастир, епископот Троицки Панкријатиј во 2005 година за придружба на празничните Патријаршиски богослужби на островот Валаам, кои беа поврзани со завршувањето на реставрацијата и со големото осветување на главната светиња на Валаам – Спасо-Преображенскиот собор. 

Концертите на Празничниот машки хор на Валаамскиот манастир се испланирани за три години однапред, а голем дел од нив се одржуваат во странство. Четирите концерти во Македонија ќе се одржат по инсистирање на Амбасадата на Руската Федерација во Република Македонија, а со голема заложба на епископот Троицки Панкријатиј.

Во состав на хорот се професионални музичари од Санкт Петербург, дипломци на Хорската школа при Државната академска капела „М.И. Глинка“ и од Санктпетербуршкиот државен конзерваториум „Н.А. Римски-Корсаков“, дипломирани диригенти и вокалисти. 

Овој хор во себе има собрано многу познати и признати вокали од Русија, меѓу кои се заслужените уметници на Република Карелија Михаил Криглов (бас-профундо) и Дмитриј Попов (контратенор), лауреатите на меѓународни натпревари за вокалисти Александр Бордак (тенор) и Борис Петров (баритон). Ова е само уште еден доказ за квалитетот на хорот, кој, патем речено, на сите свои концерти, како во Русија, така и во странство, ја оставаат публиката без здив.

Концертите во Македонија ќе се одржат во Скопје, Прилеп, Битола и Свети Николе, а влезот на сите од нив ќе биде бесплатен.

Хорот има и свои уметнички партнери – заслужениот уметник на Русија, солист на Петербуршката капела Владимир Милер (бас профундо), солистот на Бољшој театар Станислав Мостовој (тенор), како и солистот на Мариинскиот театар Владимир Целебровски (баритон). 

Уметнички директор (регент) на хорот е Алексеј Жуков, лауреат на меѓународни натпревари, дипломец на Санктпетербуршката хорска школа при Државната академска капела „М.И. Глинка“ и на Академијата за култура, кој својата дејност ја започнал во 1989 година како црковен диригент. Во 2008 година Жуков беше награден со Грамота на митрополитот Санктпетербуршки и Ладожски Владимир „За усрдна работа во слава на Светата Црква“.

Валаам: химна на убавината на Северот
Со право може да се каже дека во Валаамскиот манастир православната архитектура и духовноста испеале химна во природата на рускиот Север. Големите уметници и научници од 19 и од 20 век доаѓале тука за да ја почувствуваат магијата на северната природа и да се исполнат со благоста на овој крај.

Она што е мошне интересно за Празничниот машки хор на Валаамскиот манастир е тоа што тој во себе ги обединува конвенционалното богослужно пеење со световната концертна работа. Хорот учествува на сите богослужби кои на Валаам ги води Светиот Патријарх Московски и на цела Русија, а исто така настапува и на свечености од висок ранг кои се организираат на островот.

Празничниот машки хор на Валаамскиот манастир на својот репертоар нема само црковно пеење. Членовите исполнуваат традиционални руски песни, старословенски народни песни, руски народни песни и романси, лирски и патриотски песни, песни со духовна содржина од композитори од советскиот период. Исто така, тие пеат и на повеќе јазици. Една од програмите од нивниот репертоар е наречена „Од Византија до Русија“, која е составена од богослужни пеења од Грција, Србија, Бугарија, Грузија, како и од Древна Русија. 

За време на сезоната на летниот аџилак вокалистите на хорот им помагаат на членовите на братијата на манастирот во богослужбите, одржуваат хуманитарни концерти, со што ги запознаваат многубројните гости на манастирот со традициите на Валаамското црковно пеење. 

На концертите во Македонија, освен со основниот репертоар, Празничниот машки хор на Валаамскиот манастир ќе ја почести публиката од братската словенска земја и со повеќе македонски народни песни, кои ќе бидат исполнети во за нив својствен манир, што ќе претставува вистинска атракција за посетителите.

Концертите ќе се одржат на: 

23.10.2014 година во Прилеп, во Домот на културата, со почеток во 19:30 

24.10. 2014 година во Битола, во Домот на културата, со почеток во 19:00 

25.10.2014 година во Свети Николе, во Меѓународниот славјански универзитет „Державин“, со почеток во 18:00 

26.10.2014 година во Скопје, Македонска опера и балет (мала сцена), со почеток во 19:00 

Влезот на концертите е бесплатен.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Повеќе возбудливи стории и видеа на Фејсбук страницата на Russia Beyond-Македонија

This website uses cookies. Click here to find out more.

Accept cookies