Враќање на рускиот роман

Потесниот список за националната литературна награда „Голема книга“ зборува дека руската литература е жива и полна со интересни експерименти. Извор: ИТАР-ТАСС

Потесниот список за националната литературна награда „Голема книга“ зборува дека руската литература е жива и полна со интересни експерименти. Извор: ИТАР-ТАСС

Според експертите, потесниот список за руската национална литературна награда „Голема книга 2014“ покажува дека во руската проза се враќа традиционалниот раскажувачки роман – обемен, напишан на сложен јазик, кој се занимава со суштински животни прашања, односно роман според кој руската литература отсекогаш била позната. Ви ги претставуваме главните романи-кандидати за оваа престижна награда, чии автори во поголем дел ѝ се познати на македонската читателска публика.

Објавен е потесниот список кандидати за националната литературна награда „Голема книга“, која оваа година се врачува по деветти пат. Ова е најпрестижната награда во жанрот мејнстрим-проза во Русија и е најголема според паричниот износ: наградниот фонд изнесува 174.000 долари. Имињата на наградените автори ќе бидат објавени во ноември. 

Според традицијата од претходните години жирито во потесниот список избира осум од петнаесет книги. Оваа година на него се најдоа 9 од 19 дела од поширокиот список кандидати.

Руска фантастика за бунтовници и за ескаписти
Ако мислевте дека руската книжевност главно ги опишува кнегињите кои танцуваат валцер во Санкт Петербург или како сиромашен студент убива старица, овие книги ќе ви покажат дека сте во заблуда. Современата руска проза и фантастика во најголем број случаи не се реалистички, ниту, пак, меланхолични, тие на читателите им отвораат нови чудесни светови и им претставуваат остра сатира во форма на футуристичка приказна.

 1. Светлана Алексиевич: „Second hand време”

 2. Ксенија Букша: „Фабриката ‘Слобода’“

 3. Александар Григоренко: „Иљгет“

 4. Алексеј Макушински: „Брод за Аргентина“

 5. Захар Прилепин: „Манастир“

 6. Виктор Ремизов: „Слободна волја“

 7. Владимир Сорокин: „Телурија“

 8. Евгениј Чижов: „Преведување превод“

 9. Владимир Шаров: „Враќање во Египет“ 

Како фаворит се издвојува новиот роман на Захар Прилепин „Манастир“. Историјата на древниот манастир Словки, кој во дваесеттите години од минатиот век бил претворен во затвор, раскажува за еден младич кој доаѓа таму поради случајно убиство. „Во овој роман Прилепин го има постигнато највисокото ниво на книжевна умешност и сфаќање на животот“, објаснува писателот и литературен критичар Михаил Бутов. „Но, позначајно е тоа што книгата се занимава со вечно актуелната тема на духовен подвиг во услови на репресија и на борба за преживување. Оваа тема им е блиска на читателите како во Русија, така и надвор од неа“. 

За дваесеттите години од минатиот век зборува и романот на Ксенија Букше „Фабриката 'Слобода'“, во кој епохата на настанувањето на советската држава е прикажана пред сѐ преку очите на работникот во одбранбената индустрија. Книгата е заснована на интервјуата што авторката ги водела со вработените во една санктпетербуршка фабрика, па дури и содржи фрагменти на жив говор, а сепак станува збор за уметничко дело што го оживува полузаборавениот советски жанр на „индустриски роман“. 

Слична постапка применува и Светлана Алексиевич, која во 2013 година беше номинирана за Нобеловата награда за литература, а добитничка е на Хердеровата награда и наградата Ерих Мариј Ремарк. Нејзиниот роман „Second hand време” е полифона приказна за советскиот живот кој не завршил со распадот на СССР. Ова е документарен текст, составен од реални изјави, исповеди, интервјуа, разговори на ручек. „Постои и таква литература. Врз основа на книгите на Светлана Алексиевич историјата на нашата земја може да се запознае подобро одошто преку кој било учебник“, вели Михаил Бутов. „Со авторката можеме да се сложуваме или да не се сложуваме, можеме да ги побиваме нејзините ставови, но станува збор за писател кој никого не остава рамнодушен“. 

Чехов – гениј на издавачките договори
Големиот руски писател Антон Павлович Чехов (1860-1904) сиот свој живот имал потреба од пари. Кој знае дали би напишал многу од своите ремек-дела доколку не живеел во такви услови.

Клопчето на руската историја се обидуваат да го отплеткаат и јунаците на двата најсложени романи од потесниот список. Во романот во писма „Враќање во Египет„ на Владимир Шаров советскиот агроном Николај Гогољ, имењак и потомок на рускиот писател, се обидува да напише продолжение на „Мртви души“. Романот, сепак, не раскажува за Гогољ, туку за патиштата на советските генерации, чиј живот се поврзува со библискиот Егзодус, од каде и потекнува насловот на романот. Според Бутов, Шаров е „еден од најсложените руски писатели, но исто така и еден од најинтересните. Додека другите се решаваат на создавачки експерименти повремено, во неговиот случај експериментот е сето негово творештво“. 

Ништо помалку сложен за читателите не е ниту романот „Брод за Аргентина“ на Алексеј Макушински, синот на прогонетиот советски писател Анатолиј Рибаков, напишан во традицијата на европскиот модернизам. Во овој роман руската историја се преплетува со европската, а според сложеноста на јазикот Макушински може да се спореди со Пруст, што значи дека тој е тежок за преведување на други јазици. 

Алтернативната историја на Русија е омилена тема во делата на Владимир Сорокин, кој во потесниот список за наградата влезе со својот роман „Телурија“. Станува збор за антиутопија, во која Русија се враќа во епохата на судрените кнежевства. Сорокин како исклучителен стилист и овој пат на текстот му дава елегантна структура. Романот е составен од 50 поглавја, од кои секое е напишано со различен стил, одржувајќи различни начини на размислување на граѓаните на измислената Русија од иднината. 

И покрај разновидноста на романите кои влегоа во финалниот избор, Михаил Бутов истакнува дека оваа година можеби за првпат е во можност да одговори на омиленото новинарско прашање: „Може ли да се зборува за некаква сеопфатна тенденција во литературата оваа година? “ „Може! Потесниот список кандидати за наградата 'Голема книга-2014' покажува дека во руската проза се враќа традиционалниот раскажувачки роман – обемен, напишан на сложен јазик, кој се занимава со суштинските животни прашања, односно роман по кој руската литература отсекогаш била позната“.

Сите права ги задржува „Росијскаја Газета“.

Овој веб-сајт користи колачиња. Кликнете овде за да дознаете повеќе.

Прифати колачиња